Зелката скисна уште пред да се стави во качињата

Зелка, Фото: Profimedia

Домашниот зеленчук сè помалку ќе го има и нема да биде евтин, децидни се и производителите и трговците. Климатските промени нè фатија неподготвени, тешко се садат нови и поиздржливи сорти, но најтажно е што сè помалку луѓе сакаат да ги валкаат рацете за мали пари. На пазарите се продава зелка за 40 денари за килограм во време кога традиционално се става во качиња, црвените пиперки за ајвар чинат од 40 и 50 денари за килограм, килограм компири се нуди од 35 до 40 денари за килограм, а килограм бамји се продава по 300 денари. Количините се мали и она што стаса се откупува веднаш и тоа по прилично високи цени, вели за „Слободен печат“ Блажо Витанов од „Империјал фруит“.

– Квалитетната ајварка под пластениците во Струмичко се откупува по 35 денари, а одеше и за извоз, најчесто во соседните земји. Сега стасува онаа на отворено од Прилепско, но таа е со послаб квалитет и се откупува од 20 до 25 денари. Сега се сади пролетната зелка, а онаа есенската ја има во мали количини и затоа се продава толку скапо. Земјоделството е коцка, садиш, не знаеш што ќе те снајде и колку ќе извадиш за да продадеш, ама и сè помалку луѓе работат на нивите, што е основниот проблем – додава Витанов.

Временските услови никако да им се погодат и на производителите на ориз, кои се загрижени дека повеќе од половина од засеаните количини ќе останат на нивите. Влагата во почвата е голема, па комбајните не можат да ја почнат жетвата, а проблем има и со квалитетот. Ова не е прва година оризот да се жнее во ноември, велат производителите од кочанско и бараат да се прогласи елементарна непогода во нивниот крај.

Од друга страна, сушата ги намали и онака ниските приноси на познатиот тетовски грав, кој ако некој ви гарантира дека е оригинален, се продава по цена од дури 300 денари за килограм. Сè што сега се наоѓа во трговијата е увоз од Киргистан и тоа по цена од 130 денари за килограм. Поради ниските откупни цени сè помалку го има и компирот од Малешевијата, а најголемиот дел од понудата на пазарите е од Хрватска, Босна и Херцеговина или Србија.

– Деновиве на пазарот во Струмица се појави и компир увезен од Молдавија – открива Витанов.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот