Зелиќ: Нема починати во Србија кои примиле две дози од вакцината, најмногу несакани реакции има од Синофарм
Павле Зелиќ од Агенцијата за лекови и медицински средства во Србија денеска изјави дека досега се забележани 736 несакани реакции на сите вакцини против коронавирус во земјата.
Вакцината е ефикасна, безбедна и можеме да видиме излез, рекол Зелиќ за РТС и истакнал дека меѓу починатите нема такви кои се два пати вакцинирани.
-Студиите од САД, Израел, Велика Британија го покажуваат тоа, ќе се покаже и кај нас дека вакцините делуваат и даваат ефект и ова се ќе заврши еднаш. Во САД тоа го рекоа за 4 јули, јас би рекол можеби за нашиот најголем празник Видовден на 28 јуни би можеле да најдеме некој конечен излез од оваа епидемија, додал тој.
Кога станува збор за несаканите реакции на вакцините, Зелиќ рекол дека до понеделник напладне се забележани вкупно 736 несакани реакции на сите вакцини, најмногу на Синофарм – 263.
-Тоа сето го проверуваме. Кога гледаме во однос на вкупниот број на вакцинирани, тоа е занемарливо – нагласи Зелиќ.
Тој наведе дека имало вкупно пет тешки реакции, но ниту една не барала подолга хоспитализација.