Зеленски помеѓу „план за победа“ и „план Б“

бајден зеленски путин украина русија
Џо Бајден, Владимир Зеленски, Владимир Путин / Колаж: Слободен печат. - Иван Самарџиев

Во очекување на Белата куќа да одобри употреба на ракети со долг дострел против цели во Русија, европските дипломати велат дека официјален Киев треба да биде пореален за своите воени цели.

Американскиот претседател Џозеф Бајден и британскиот премиер Кир Стармер најверојатно ќе му дадат „зелено светло“ на Володимир Зеленски да ја таргетира Русија со проектили со долг дострел на утрешната средба во Белата куќа. САД и другите западни партнери досега се откажаа од одлуката поради загриженост дека тоа ќе предизвика директна конфронтација меѓу НАТО и Москва.

На прашањето дали САД ќе ги укинат ограничувањата за употребата на оружје со долг дострел од Украина во војната против Русија, Бајден рече дека неговата администрација „тоа прашање сега се разгледува“.

Од друга страна портпаролот на Кремљ Дмитриј Песков вчера изјави дека одлуката најверојатно е веќе донесена. А сега, како што вели, се води кампања во медиумите со цел да се официјализира веќе донесената одлука:

„Истовремено продолжуваат обидите на САД и европските земји да се оградат од вмешаност во украинскиот конфликт. Мислиме дека тоа не функционира – посочи тој.

Шефот на Стејт департментот, Ентони Блинкен, кој вчера пристигна во Киев заедно со британскиот министер за надворешни работи, Дејвид Лами, не одговори дали Вашингтон ќе му дозволи на Киев да ги користи ракетите со долг дострел АТАКМС и „Сторм Шадоу“ за напади длабоко во територијата на Руската Федерација, велејќи дека повеќе фактори влегуваат во предвид за ова прашање.

Пред да замине за Киев, Блинкен во Лондон рече дека ќе разговара со Зеленски и други официјални претставници за воените цели на Киев и начините на кои Вашингтон може да помогне.

Русија се подготвува да возврати жестоко

Од Москва веќе пристигна предупредување дека, доколку се исполни желбата на Киев, Русија ќе мора да одговори со помоќно и погубно оружје:

„Вашингтон и другите европски држави стануваат учесници во војната во Украина. Обраќајќи им се на САД, Германија, Франција, Англија со барање за испорака на оружје со долг дострел, ракети и други техники и земајќи ги предвид нападите на руска територија, Зеленски ги натера тие земји да станат директни учесници во конфликтот во Украина“, напиша претседателот на руската Дума Вјачеслав Володин на „Телеграм“.

Во ситуација кога, како што тврди Сергеј Шојгу, секретарот на Советот за безбедност на Руската Федерација, Украина секојдневно губи 28 квадратни километри територија, зад сцената, Киев е под зголемен притисок да размислува за „план Б“ за натамошна војна со Русија.

Дипломатскиот притисок Киев да излезе со пореален „план Б“

Како што пишува „Волстрит журнал“, со оглед на тоа што слабее волјата за продолжување на воената помош за Украина, САД и одредени европски земји се повеќе го притискаат Киев да формулира кредибилен план за тоа што може да постигне доколку војната продолжи следната година.

Американските и европските сојузници продолжуваат да ја поддржуваат долгорочната цел на украинскиот претседател Володимир Зеленски за туркање на руската војска од целата украинска територија. Но, бидејќи јавната поддршка на Запад се намалува, а Украина бавно напредува во освојувањето територии, некои европски дипломати посочуваат дека официјален Киев треба да биде пореален во своите воени цели.

Затоа, посетата на Блинкен на Киев доаѓа во деликатно време за Украина, во услови на намалена поддршка за континуирано финансирање на војната на Запад и почетокот на украинската зима. И покрај воениот упад во областа Курск, Москва и Киев сигнализираа дека се отворени за прекин на огнот.

Германскиот канцелар Олаф Шолц и Зеленски се согласија дека е потребна нова мировна конференција на која ќе учествува и Русија. Москва не ја отфрли оваа идеја како неуспешниот самит во јуни во Швајцарија, на кој не беше поканета. Русија ќе биде подготвена да разговара за можното место за средба за решавање на украинскиот конфликт кога ќе разбере што ќе се разговара таму, изјави рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров.

Дипломатскиот притисок Киев да излезе со пореален „план Б“, кој би го отворил патот за преговори со Русија, доаѓа пред заминувањето на Зеленски во САД. Тој вети дека за време на неговото учество на Генералното собрание на Обединетите нации ќе го претстави како што вели „план за победа“. Зеленски истакна дека сака да се сретне со претседателските кандидати Доналд Трамп и Камала Харис за да ја добие нивната поддршка. Но, се уште не е јасно дали ќе има средби со нив.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот