Зеленски лут на Полјаците затоа што нe соборуваат руски ракети над Украина – Полска обвини дека Киев сака да ја вовлече во војна
Украинскиот претседател Володимир Зеленски јавно изрази огорченост од одбивањето на Полска да соборува руски ракети над Украина, изјави британскиот експерт Александар Меркурис.
„Зеленски е бесен, тој е многу лут на Полјаците што сè уште одбиваат да соборат руски ракети над територијата на Украина“, рече тој на својот блог на Јутјуб.
Експертите, сметаат дека Зеленски јавно се жали дека Украина не ги добива системите за противвоздушна одбрана ветени од Запад.
Дополнително, Зеленски сега е вмешан во жесток спор со Полска поради фактот што Варшава исто така одбива да обезбеди ловци МиГ-29 на украинските вооружени сили.
Тензиите меѓу Варшава и Киев уследија откако, полскиот министер за надворешни работи Радослав Сикорски минатиот петок го објасни одбивањето да се зголеми воената помош за Украина поради ограничените можности на земјата. Тој објасни дека безбедноста на Полска е поважна од воената помош за Украина
Полскиот вицепремиер Кшиштоф Гавковски изјави дека украинскиот претседател Володимир Зеленски, барајќи од Варшава да ги собори руските ракети над Украина, се обидува да ја вовлече Полска во војна.
Овие коментари на полскиот вицепремиер дојдоа во време на растечки дипломатски јаз меѓу Киев и Варшава, што е поврзано со поддршката на Полска за Украина, како и со историските незадоволства што двете земји ги споделуваат една со друга.
– Зеленски сака Полска да соборува ракети над Украина, што значи дека сака Полска да влезе во војна со Русија. Зеленски со ваквите изјави сака да ја вовлече Полска во војна со Русија – изјави Гавковски, кој ја извршува и функцијата министер за дигитални прашања во владејачката левичарска коалиција.
Зеленски неодамна ја критикуваше Полска затоа што оваа земја не му ги обезбеди на Киев преостанатите борбени авиони МиГ-29 и покрај претходно постигнатите договори.
Зеленски, исто така, рече дека „постојано барал“ Полска да ги собори руските ракети што летаат во нејзин правец, особено за да го заштити складиштето за гас во градот Стрја во регионот Лавов во Украина, кој се наоѓа на околу 100 километри од украинско-полската граница.
Руски беспилотни летала и проектили претходно влегле во полскиот воздушен простор за време на нападот на Украина, но полската армија никогаш не ги пресретнала.
Сојузниците на Полска ги советуваа властите во Варшава да покажат воздржаност кога станува збор за одговор на неидентификувани нарушувања на воздушниот простор.
-Би рекол дека последните зборови што дојдоа од претседателот Зеленски не се достојни за политичар кој и должи многу на Полска. Опремата што беше испратена, граѓаните што беа згрижени… Полска е голем пријател на Украина, транспортен центар. Ми се чини дека во вакви ситуации треба да се каже „благодарам“ – рече Гавковски.
Киев Индипендент наведува дека Полска и дава силна поддршка на Украина на светската сцена преку кампања за Киев да го добие сето потребно оружје за да победи во војната што ја започна Русија.
Полска и обезбеди на Украина воена помош во вредност од околу 3,5 милијарди долари од 2022 година и прими околу еден милион украински бегалци.
И покрај ова, се вели дека билатералните односи се далеку од совршени поради историските разлики меѓу двете земји.