„Зелените маси“ на трагичната балканска историја

Благојче Атанасоски
Благојче Атанасоски. / Фото: Архива на Слободен печат

Треба да признаеме дека кон крајот на 19 и почетокот на 20 век немало или малку имало изградено македонска национална свест, најмалку пак за создавање посебна македонска нација-држава, налик на тие на соседните.

За да ја разберете комплексната трагичност на македонската историја и за да можете со најголема доза објективност да си ги објасните процесите и настаните од крајот на 19 и почетокот на 20 век, треба да ги разберете во суштина геополитичките процеси во тој временски теснец. Во тој период „болниот од Босфорот“, како што ја нарекувале Отоманската Империја, веќе се распаѓал како лепрозен. Болно, трауматично, во циклуси. Со создавањето на грчката, црногорската, српската, потоа на романската и на бугарската држава во текот на целиот 19 век, некогаш моќната Отоманска Империја, која се простирала на речиси целиот Балкански Полуостров, граничејќи се со исто така моќната Австроунгарска Умперија по теченијата на Дунав, Сава и Драва, се свела да ги контролира, односно под своја власт и државен суверенитет да ги има етногеографските територии на Македонија, Тракија, Албанија и на денешно Косово и Метохија. Што значи, великите сили на Европа свесно ѝ овозможиле на својата противничка во меѓународните констелации на односите сè уште да го контролира средишниот дел на полуостровот, со најзначајниот трговски центар на Балканот – градот Солун.

Да ја погледнеме историјата со ладни глави

По создавањето на грчката, српската, потоа и на бугарската национална држава, монархистичките водства на овие три млади балкански нации-држави веднаш ги создале своите национални доктрини: мегали идејата на Грците, враќањето на санстефанските граници на Бугарија и „сите Срби во една држава“, како највозвишен идеал на нашите северни соседи. Овие апетити меѓу себе се прекршувале токму врз териториите што како последни останале под владение на Турците.

За албанските територии покажувале интерес, нормално, од југ грчката држава, а од север црногорската и српската, за денешниот историски регион Тракија покажувале интерес Грција и Бугарија, но најмногу интересот на овие земји им се преклопувал врз територијата на Македонија. И Грците и Бугарите, дури и Србите, тврделе во своите доктрини дека Македонија е „грчка/бугарска/српска“. Грција и Србија пред европските сили, а Бугарија и Србија пред моќната руска империја претставувале дека токму на овие територии живеат неослободени Грци, Бугари или Срби. За волја на вистината, денеска во западноевропските, но и на балканските универзитети, кога се изучува овој дел од европската/балканската историја секогаш Македонија се третира како географско-историски регион населен со етнички шаренолико многукомпозитно население: Бугари, Грци, Турци, Власи, Евреи, Албанци, Роми, но не и Македонци.

Тоа нашата историографија или не сака да го прифати, па одбива да го документира како факт или, пак, пробува да го објасни дека тоа е така под дејство на неверојатно силните пропаганди – бугарска, грчка и српска, кои така го преставувале населението, па оттука и заклучоците се тие. Но, дали може на вистината да се погледне со други очи, со оној објективен диоптер, без за нас толку познатите и патетични национални тажаленки дека ние сме секогаш во центарот на „светските заговори“, дека намерно нè делеле, парчосувале, уништувале?!

Со рака на срце, чесно (не така, како што премиерот ја става), треба да признаеме дека кон крајот на 19 и на почетокот на 20 век немало или многу малку имало изградено македонска национална свест, најмалку пак за создавање посебна македонска нација-држава, налик на тие на соседните. Со чест на исклучоците Ѓоргија Пулевски, Димитрија Чуповски, потоа и Крсте Петков Мисирков, кои како наши преродбеници, учени, укажувале на потребата од создавање посебна македонска нација, а врз база на тоа и посебна македонска држава, друг никој или многу ретко некој го поставувал или, пак, се борел за осуштествување на тоа. Ниту од нашите славни и опеани пред и постилинденски борци, ниту пак од преродбеничките дејци. И тоа е факт што ние, дури и на глава да се превртиме, не можеме од денешна гледна точка да го промениме. Лозунгот или идејата „независна Македонија“ (во оригинал „Независима Македонија“), не значел по дифолт создавање посебна етномакедонска нација, со посебен кодифициран македонски литературен јазик. Таква свест, пак, за разлика од овие првиве во тој историски временски период, имаа, и тоа како, партизаните, кои плаќајќи со десетици илјади жртви во Втората светска војна и на најсветлиот празник за нас 2 август 1944,  ја реализираа во дело, создавајќи за првпат македонска држава, макар и како составен дел од пошироката СФР Југославија.

Нема апсолутна историска вистина!

Македонија не стана национална држава во моментите кога другите околу нас ги создаваа државите најмалку од две суштинско битни причини: првата, поради нејзината геостратешка средишна позиција на Балканскиот Полуостров, од која по никоја цена не сакале да се откажат Османлиите, бидејќи би се откажале од срцевината на својата европска империја; и втората, немањето масовен силен и изграден национален идентитет и бит кај населението за тој да одекне во европските престолнини и Македонија „позитивно да биде решена на зелена маса“. За жал, причинско-последичните влијанија, развојот и разрешницата на турбулентното прекројување на балканските граници и територии, доведоа нас да нè „решат“ на зелената маса во романската престолнина Букурешт. На многу познат начин, од кој и до ден-денес влечеме национални фрустрации, кои ни предизвикуваат застој во нормалниот развој во една европска држава во модерниот 21 век. Вистината во историјата не е една и единствена и не може да се земе како збир од два плус два. За да дојдете најблиску до неа, мора да ја погледнете од речиси сите агли (национални позиции) и заклучокот што ќе го изведете, ќе биде некаде на средина.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот