Зелени пазари: Ако ве краде пазарџијата на грамажа, проверете на контролна вага и пријавете!

Контролна вага/Фото: Скопски пазар

Повеќето проблеми поврзани со неправилното мерење, прилично бучно се решаваат меѓу купувачот и продавачот, но муштериите на пазарите не може да пријават во пазарната инспекција, бидејќи не добиваат фискални сметки. Од Скопски пазар АД Скопје за „Слободен печат“ потврдуваат дека имале вакви непријатни ситуации, а за да ги спречат ваквите појави, поставиле контролни ваги на дел од пазарите

Скопјанка купила пет килограми јагоди да направи слатко, но откако се прибрала дома, повторно ја премерила кесата, откривајќи дека тежи 700 грама помалку. Друг наш сограѓанин, наместо со вреќа од 50 килограми пиперки за ајвар, дома се вратил со „кусок“ од дури 10 килограми. Зелка од 1,5 килограм, до дома се „стопила“ за 200 грама…

Измамите на македонските пазари се дел од митологијата, а речиси и да нема некој што не бил оштетен од неправилното мерење. Искусните тезгаџии ќе ви кажат дека има триста трикови за да измерат помалку, а на тој начин дневно може да се заработи солидна сума. Кога купувачот ќе сфати дека е измамен, најчесто доаѓа до расправија, а продавачот негира дека ја извршил измамата.

Во таква ситуација, некои граѓани ја оставаат кесата со купените производи и заминуваат. Повеќето проблеми поврзани со неправилното мерење, прилично бучно се решаваат меѓу купувачот и продавачот, но муштериите на пазарите не може да пријават во пазарната инспекција, бидејќи не добиваат фискални сметки.

Од Скопски пазар АД Скопје за „Слободен печат“ потврдуваат дека имале вакви непријатни ситуации, а за да ги спречат ваквите појави поставиле контролни ваги на дел од пазарите. Така граѓаните на самото место може да ги проверат евентуалните сомнежи и да се уверат колку навистина им тежи стоката што ја купиле.

– Контролните ваги се поставени на нашите пазари во текот на минатата година по неколку укажувања од незадоволни потрошувачи. Во моментов, контролни ваги имаме поставено на најголемите пазари, и тоа на Зелен пазар 2 ваги, на Бит-пазар 4 ваги, во Ѓорче Петров 2 ваги, и во Тафталиџе 1 вага. Н

ашите потрошувачи редовно ги користат вагите и своите забелешки ги пријавуваат кај одговорните лица на пазарите, по што се врши контрола кај закупците на тезгите – објаснуваат од „Скопски пазар“ за Слободен печат.

Граѓаните се поделени околу ефикасноста на контролните ваги, но сепак најголемиот дел од нив ја поздравуваат идејата. Скептиците, пак, прашуваат дали некои од пазарџиите нема да бидат неправедно обвинети, доколку некој изеде дел од купеното, а потоа „измери“ дека е измамен!

До пред десетина години, кога се користеа старите типови ваги со кантари или метални канти, искусните продавачи го местеа јазичето на вагата, ставаа мокар картон или диск на металниот држач над кој стојат пластичните или металните чинии за мерење.

Подметнувањето на еден лимон, портокал или поголем компир, кој купувачот не може да го види, оти лежи на дното на садот за мерење е еден од најпознатите „модели“ за заработка.

Се случува и продавачот при мерењето на стоката „случајно“ да ја притисне вагата со рака и на тој начин да наплати повеќе за помало количество. И самите пазарџии предупредуваат дека ако забележите дека нешто е обвиткано околу вагата, не треба да се двоумите да побарате од продавачот да го остави предметот или едноставно да преминете на друга тезга.

– Купувам само од продавачи што имаат дигитални ваги. Цените на зеленчукот и на овошјето се високи, а ако ве поткраднат, тогаш стануваат уште поскапи.

Особено ги избегнувам малите маалски пазари, кои вријат од прекупци и се двојно поскапи од маркетите – вели Вале од Аеродром.

Пазарџиите куртулија од вадење лиценци

На крајот на 2019 година Владата го прифати предлогот на Министерството за економија, Законот за трговија на зелените пазари со кој се предвидуваше секој што продава на тезга на зелените пазари да мора да вади годишна лиценца, да престане да важи.

Во текот на целата 2018 година се најавуваа измени на законот со кој требаше наместо една, повеќе комори да може да ги издаваат лиценците, а пазарџиите цврсто останаа на ставот дека 60 евра од тезга е дополнителен товар што многу од пазарџиите ќе ги натера да продаваат на диво. Проблематично беше и тоа што лиценци не можеше да вадат пензионери, социјалци и хонорарци.

Законот за трговија на зелените пазари донесен од група пратеници по неговото носење јануари 2018, требаше да важи од 2019 година, но по бурните протести од тезгаџиите дека ова се дополнителни давачки, примената на законот беше одложена за почетокот на 2020 година, за да биде целосно укинат.

Според Законот за трговија, на зелените пазари, на пазарите, нема да се издаваат фискални сметки сè до влез на нашата земја во ЕУ, а пазарџиите наместо да талкаат низ Централниот регистер за регистрација на фирма, ќе работат со лиценци издадени од Комората на трговци.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот