Зеленчукот се извезува без проблеми, земјоделците ги мачи цената на зелката

зелка оранжерии
Зелка / Фото: Архива на Слободен печат

Цента на зелката е 10 денари за килограм на големо, иако минататата недела Министерството за земјоделство објави дека договориле гарантирана минимална цена од 15 денари за килограм и дека инспекторите ќе контролираат да нема манипулации.

Во полн ек е бербата на зелката, но стасуваат и првите количини на раноградинарски култури. Земјоделците велат дека немаат проблем со пласманот и дека првичниот проблем со извозот поради транспортот е надминат. Но сега, нивен најголем проблем е цената на зелката.

Претеседателот на Синдикатот  на земјоделци – Струмица, Ристо Велков, вели дека пролетната зелка од Македонија секојдневно се извезува за Босна, за Романија, Русија и за други држави, но дека цената е само 10 денари за еден килограм.

– Оваа цена не ги покрива ниту нашите трошоци. Но, тоа е така затоа што Министерството за земјоделство преговараше со трговците за цената, и тоа без наше присуство. Се додека се води земјоделството без да се слушаат земјоделците ќе има проблеми – вели Велков.

На 31 март пак, Министерството за земјоделство објави дека откупната цена на зелката до 20-ти април ќе биде минимум 15 денари за килограм и дека таков договор бил постигнат со откупувачите на зелка.

„Државниот инспекторат за земјоделство, во овој период ќе врши засилени контроли, со цел да нема манипулиции со договорената минимална цена“, соопшти пред една недела Министерството.

Дека е ниска цена на зелката се сложува и директорот на откупниот центар  „Плодови фруктус“, Блажо Витанов, но тој вели дека цената е данок на коронавирусот.

– Цената на зелката не е ниска поради трговците, туку поради односот на понудата и побарувачката. Коронавирусот си го зеде данокот – вели Витанов.

Тој вели дека цените на раноградинарските производи кои допрва помасовно ќе почнат да се продаваат, се добри.

– Денешната цена на краставиците на големо е 65 денари, доматите се продаваат по 75 – 80 денари за еден килограм, а парче луто пиперче е 4 денари . Минатат недела имаше пониски цени на краставиците, сега се добри – вели Витанов.

Тој е задоволен како се одвива транспортот кон странските дестинации, но и поради тоа што повторно се отворија зелените пазари низ државата.

Земјоделците пак, велат дека не почувствувале поголеми проблеми во однос на движењето откако е почната епеидемијата со коронавирусот и дека нормално си ги вршат земјоделските работи.  Тие ја  поздравуваат одлуката на Владата според која и во време на полициски час, земјоделците ќе може да работат на нивите во рамките на селото во кое живеат.  Другите што имаат ниви во други села ќе мора да вадат дозволи, но земјоделците велат дека не  очекуваат да има некој застој и се надеваат на брза процедура.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот