Зеленчукот и овошјето станаа луксуз за граѓаните на Кичево

Фото: Слободен печат/Драган Митрески

 Ако ланската година за прв пат цените на овошјето и зеленчукот во текот на летото беа највисоки во последните три децении, годинава цените за истите производи се многу повисоки и за дел од граѓаните овошјето и зеленчукот претставуваат луксуз. Ќе измине цело лето, а дел од нив ќе не можат да вкусат по нешто од овие производи.

Продавачите на кичевскиот зелен пазар високите цени ги правдаат со високите дневници на надничарите кои ги ангажираат за работа, се помалиот број обработливи површини со овие култури и зголемениот увоз на земјоделски производи.

-Како можат цените на овошјето и зеленчукот да бидат на нивото од пред неколку години, кога надниците на работниците кои ги ангажираме за дневница се многу високи и за само два-три часа наплаќаат по 20 и повеќе евра, што и ние мораме да го вкалкулираме во продажната цена.Исто така намалениот број на обработливи површини со овие продукти драстично ја намалува понудата на земјоделски производи, што од друга страна се рефлектира врз продажните цени. Дополнително цените ги обременува и фактот што голем дел земјоделски производи се од увоз, што автоматски значи повисоки малопродажни цени, вели земјоделецот Живко Павлов.

Граѓаните се крајно разочарани од недопирливите цени на поголем број производи и се прашуваат како да консумираат повеќе овошје и зеленчук и да бидат здрави, кога со овие цени не можат да си дозволат таков луксуз.

-Цените на земјоделските производи на нашиот зелен пазар никогаш не биле повисоки.Во периодот јули и август кога пазарот треба да биде преполн со домашни производи со достапни цени, денес гледам многу увезени продукти чии цени се далеку од нашиот животен стандард.Така гледам српски увоз на праски по 100, круши по 120 денари, грозје по идентична цена, а и оние производи кои се домашни не се ништо поевтини дури се еднакви на увозните, вели Владо Јованоски граѓанин и се прашува зошто цените на локалните земјоделски производители се рекордно високи како да се од увоз.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот