„Трнодол“ поднесе претставка до општина Карпош против донесувањето на новиот ДУП

По неколку одржани состаноци и средби со жителите на населба „Трнодол“ и „Жданец“ новоформираната работна група која се спротивставува на донесувањето на новиот Детален урбанистички план, според кој во Трнодол ќе се гради зграда, денеска до градоначалникот и советниците на Општина Карпош поднесе претставка со која што го изнесува ставот на жителите кои се противат на начинот на презентација на Предлог Детален Урбанистички План за Градска Четврт Ј03, блок 7, Општина Карпош, Скопје и со кој во целост не се согласуваат.

Во реакцијата, граѓаните јавно го изразуваат незадоволството во однос на околностите за отпочнување на постапка за донесување на нов ДУП за населба „Трнодол“, дел од „Козле“ и „Шпанско село“.

Координаторот на групата Фирдаус Неби, во изјава за „Слободен печат“ вели дека незадоволството кај граѓаните пораснало поради фактот што јавната презентација на Предлог ДУП-от била закажана во период од годината кога голем дел од граѓаните користат годишен одмор, па не биле во можност да присуствуваат на истата, а тоа резултирало со неодржување на јавната презентација, која што подоцна градоначалникот Стефан Богоев ја презакажа за во септември.

Во прилог на реакцијата од Здружението велат дека земјиштето во Трнодол е нестабилно и можно е евентуални долготрајни врнежи да доведат до свлекување на поголеми земјани маси, а како причина повеќе за нивното незадоволство ја наведуваат промената на влезот и излезот во наслебата Трнодол, односно затворањето на постојната улица.

„Постојната ул.„Трнодол“ се прекинува пред самиот влез/излез за приклучување на ул.„Козле“ со тоа што се формира нова парцела кај постојната КП.бр.5323 (поранешен сервис „Тотоле“), а влезот/излезот се пренасочува околу новата парцела за да биде преку улицата за влез/излез во населбата Жданец, па оттаму со вртење во десно да се овозможи приклучување на ул.„Козле“. Со ова максимално се усложнува пристапот и во двете населби, безбедноста на сообраќајот е сведена на нулто ниво, не само од аспект на автомобили, туку и посериозно, од аспект на интервентни и сервисни возила и при временски непогоди и природни катастрофи“, вели Неби.

Здружението „Трнодол“ најмногу реагира на предлог ДУП – от бидејќи, како што велат во цела населба се предвидува зголемување на катноста на градежните парцели П + 2 + Пк, односно висина на градежен венец 10,2 метри, намена А1, што значи четири станбени единици на една градежна парцела со што ќе се зголеми густината на населението, сообраќајот, оптеретување на постојната инфарструктура и сл. кои и во постојната состојба претставуваат оптеретување, како и намалување на протокот на свеж воздух од Водно низ населбата и во долниот дел од скопската котлина.

Тие од локалната власт бараат при изготвување на ново предлог решение да биде земено предвид се од горенаведеното, и дополнуваат дека немаат ништо против донесување на нов ДУП, ако е во интерес на граѓаните.

Од општина Карпош пак, тврдењата дека се менува влезот на Трнодол, и дека на т.н. „чатал“ ќе се гради нова зграда или пак дека каналот ќе се затвори ги одфрлаат како неточни.

„Токму денешната изјава на двајца од претставниците на граѓани од Трнодол е потврда за промените во  начинот на носењето на деталните урбанистички планови во Карпош. Денеска, граѓаните имаат можност да ги посочат своите забелешки и предлози уште на почетокот кога се носи одреден ДУП, нешто, што за жал не претставуваше пракса во минатото“, велат од општина Карпош.

 

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот