Здружението „Нова“ ја објави збирката со поезија „Топли билки“ од Бојан Васиќ

Книгата со поезија „Топли билки“ од српскиот поет Бојан Васиќ е најновата објава на Здружението за наука и култура „Нова“ од Битола. Препевот од српски јазик го направи Ленче Милошевска. Издавањето на книгата финансиски е поддржано од Европската Унија преку проектот „Регионална мрежа за културна соработка“ (READ – Regional Network for Cultural Diversity), во локална имплементација на Гете институтот од Скопје и Центарот за балканска соработка „Лоја“ од Тетово.

– Книгата содржи педесет песни заокружени во една тематска целина посветена на растенијата, дрвјата, билките, тревките како лирски субјекти преку кои поетот ја гради семантичката рамка на својот филозофско-метафоричен пристап кон поезијата. Секако дека една ваква перцепција на светот на растенијата произлегува од искуственото доживување на поетот со непосреден живот во природата преку кој Бојан Васиќ успева да изгради своја автентична и препознатлива поетска архитектура како сублимат на модерното, надреалистичко и симболичко толкување во меланхоличното чувствување на животот на постмодерната разградба – истакнува рецензентката Мирјана Стојановска.

Бојан Васиќ е автор од помладата генерација. Роден е во банатско Ново Село во 1985 година. Дипломирал српски јазик и книжевност на Филолошкиот факултет во Белград. Автор е на седум книги поезија. За книгата „Топли билки“ ги добил наградите „Мирослав Антиќ“ и „Васко Попа“. Стихозбирката „Топли билки“ е негова прва книга преведена на македонски јазик.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 91, во печатеното издание на „Слободен печат“ на 31 јули – 2 август 2021)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот