Здружение на финансиски пазари: Очекуваме во септември инфлацијата да падне под десет отсто

Инфлација, илустрација / Фото: МИА

Очекувањата се дека инфлацијата ќе се намалува и понатаму. Јас од септември во нашата држава очекувам да имаме едноцифрена бројка на инфлација, значи да падне и под десет отсто и можеме да бидеме оптимисти во тој поглед, вели Бојан Цветановски, претседател на АЦИ Македонија – Здружение на финансиски пазари.

Ваквата оценка е искажана на панел дискусијата „Каматни стапки и инфлација – каде е линијата на хоризонтот?“, што се одржува во рамки на 28-то Годишно собрание на АЦИ Македонија – ЗФП во Хотелот „Сириус“ во Струмица.

Експертите сметаат дека по подолго време на ниски каматни стапки и ниска инфлација сега имаме пресврт со зголемување на инфлацијата и соодветна каматна акција на федералните резерви од Европската банка и нашата Народна банка, кои ги зголемија каматните стапки како дел од борбата против инфлацијата.

-Сега, во 2023 година може да се каже дека има резултати на тоа поле, значи инфлацијата се намалува и тука имаат удел каматните акции на централните банки, значи и меѓународно и тука кај нас инфлацијата опаѓа, но голем удел има и пазарот на енергенси. Значи, цените на нафтата сега се во пад во моментот и се движат околу 70 долари за барел, а претходно достигнаа и 120 долари за барел. Тука е и стабилизираната цена на електричната енергија која во текот на 2022 година достигна до 500 евра за мегават час, а сега е од 100 до 120 евра. Тоа не е враќање на претходното ниво, кога имаше притисоци на тој пазар, но стабилизацијата е на значително пониско ниво од шпицовите што беа, рече Цветановски.

Според универзитетскиот професор Борче Треновски, се уште постојат глобални ризици за зголемување на цените, иако цените на храната, енергијата, металите се очекува да се намалат, сепак неизвесноста во финансискиот сектор и неизвесноста во монетарните политики можат да предизвикаат одредени поместување и тоа да се почувствува кај нас, бидејќи ние сме мала и отворена економија и секо поместување може да влијае.

-Не треба да заборавиме дека ризик во инфлацијата се и дел од домашните политики, бидејќи едно се очекувањата и затоа домашните фискални политики мора да бидат внимателни. Имаме одредени најави во контекст на зголемување на плати, враќањето на ДДВ на електричната енергија и друго и секое зголемување на трошочната страна има соодветно влијание на цените. Обично тврдиме дека инфлацијата е некое оданочување без регулатива и се оданочуваат сите граѓани и треба да бидеме внимателни, смета професорот Треновски.

Додаде дека монетарната власт има задача да ги контролира ризиците кои се насочени кон одредени делови во финансискиот сектор и ја поздрави одлуката за донесување мерки кои беа насочени кон определени системски ризици точно во финансискиот сектор.

Поранешниот гувернер на Народна банка и професор Љубе Трпевски, истакна дека инфлацијата главно е предизвикана од зголемените трошоци за енергенсите и храната и зголемените инфлациски очекувања заради војната во Украина.

-Централните банки, пред се федералниот резервен систем, централните банки на Америка и Европа реагираа брзо со нагло зголемување на референтните каматни стапки, а на тоа веднаш одговорија комерцијалните банки со зголемување на каматните стапки на кредитите што тие ги одобруваат. За жал, не толку зголемување на каматите на депозитите од населението и тоа влијае на намалување на инфлацијата. Но, во најголем дел се ќе зависи од тоа што се случува во Украина, односно дали ќе има крај на војната и ако нема дали ќе се заоструваа војна и тоа ќе предизвикува големи поместувања. Не очекува неизвесност, како во светот, така и кај нас, рече Трпевски.

На денешната панел дискусија беше истакнато дека банкарскиот сектор е стабилен, солвентен и здрав, но треба да се внимава бидејќи состојбите на глобално ниво бргу се менуваат, а нефункционалните кредити се движат до 3 отсто што е историски најниско ниво

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот