Здравство дало четири милиони евра на „жими мајка“: Акцелераторите (пре)платени, а нема доказ дека се нови?

Лекари / Фото: МИА

За Градската болница „8 Септември“ и за Клиниката за онкологија и радиологија во 2015 година се купени линеарни акцелератори за зрачна терапија, едниот за 1,9, а вториот за 2 милиони евра, за кои надлежните од Министерството за здравство немаат докази дали се нови или репарирани, затоа што тој податок не бил баран со тендерската документација. Освен тоа, апаратот во ГОБ „8 Септември“ иако одамна е платен сè уште не се користи поради неизградениот бункер за него, па гарантниот рок му е истечен.

Овие податоци се дел од ревизорскиот извештај за работата на МЗ за 2017 година во кој се изразува неповолно мислење за вистинитоста на прикажаната финансиска состојба во оваа значајна држана институција. Ревизорите извршиле контрола на постапките при 25 јавни набавки со вкупна проценета вредност од 73 милиони евра, во најголем дел спроведени во претходните години, а кои се реализирале во 2017 година, кога се вршела ревизијата.

Плаќаат едно, добиваат друго

Ревизорите ги анализирале договорите за набавка на акцелераторите и утврдиле дека во нив не се бара децидно од економскиот оператор да испорача новопроизведена и некористена опрема.

– Не му е забрането ниту да испорача репарирана опрема за која со наши истражувања утврдивме дека е присутна на пазарот. Со актот за примопредавање не наидовме на доказ дека министерството и корисникот утврдиле дека се работи за нова, а не за репарирана опрема. Со оглед на тоа што опремата сè уште не е пуштена во употреба поради доцнење во изградбата на бункерот во кој треба да биде сместена, а гарантниот рок ќе истече во текот на 2019 година, можните дефекти нема да бидат покриени со гаранцијата и евентуалното сервисирање ќе мора да биде платено од буџетот на МЗ – се вели во извештајот.

Ревизорите му дале препорака на МЗ да утврди дали купиле нова или стара опрема, како и да ја испита можноста за продолжување на гарантниот период.

Ревизорите нагласуваат дека кај најголем дел од набавките на медицинска опрема за болниците, слично како кај набавките за акцелератори, МЗ нема пракса во склучените договори, во фактурите и во записниците за прием да изврши точно специфицирање на производителот и моделот што избраниот понудувач е должен да го испорача.

– Поради ова се создава можност за испорака на опрема со различни карактеристики од понудената и избраната во тендерите. Исто така, нема докази дека комисиите кои вршеле прием се увериле дека е нова. Исклучок е испораката на дигитални мамографи преку фирмата Шиматцу за кои избраниот понудувач децидно тврди дека се новопроизведени, а во записниците се наведени и производителот и точниот модел што во се одговараат со понудените во тендерот. Со цел дополнително да ги истражиме овие недостатоци, а за да ја утврдиме увозната цена на опремата извршивме продолжена ревизија за дел од набавките, односно за двата линеарни акцелератори, КТ симулатор за радиотерапија и гама камера набавени во 2014 и 2015 година – се вели во извештајот.

Ревизорите ги побарале увозните цени од Царина, по што заклучиле дека пазарната цена без ДДВ на акцелераторите е 1,2 и 1,5 милион евра, а МЗ ги купило за 1,9 и 2 милиони евра. Цената на КТ стимулатор за радиотерапија е 250.000 евра, а кога го пазари државата чини 550.000 евра. Гама камерата чини 329.000 евра, а МЗ ја платило 392.000 евра.

Материјал за болница скапува на градилиште

Ревизорите ги контролирале и постапките за девет договори за изградба, реконструкција и адаптација на болници, во вкупен договорен износ од 62 милиони евра – болниците во Кичево, Струмица, Прилеп, Штип, Охрид, Бардовци и во Козле и утврдиле дека ниту една не е завршена навреме. Доцнат заради различни причини, од  неможност на изведувачите соодветно да се ангажираат на градилиштето, грешки во проектната документација за изградба, непредвидени работи, нереални рокови за изградба, како и финансиски проблеми на дел од изведувачите. Најбизарен е случајот со болницата во Кичево.

– Таму констатиравме дека работите се запрени поради неможност првата фаза од реконструкцијата да продолжи без да се реализираат дел од работите од втората фаза. Поради ова овој проект подолго време, од август 2016 година, се наоѓа во алармантна состојба. Продолжувањето на изградбата зависи од избор на најповолен понудувач за втората фаза, по што по реализација на неопходните работи од оваа фаза ќе може да се продолжи со недовршените позиции од првата фаза. Имаме обврска да известиме дека изведувачот во 2016 година ги набавил неопходните материјали за недовршените работи од првата фаза и ги сместил на градилиштето. Со оглед на тоа што до јануари 2019 година нема распишан тендер за втората фаза, постои ризик од пропаѓање или амортизирање на овие материјали – се вели во извештајот.

Ревизорите нагласуваат дека поради доцнењето на реновирањето на болниците не се уверени во квалитетот на извршените градежни работи, а доцнењето негативно влијае и на тековното работење на овие болници.

Министри за здравство во 2017 година се Никола Тодоров до мај, Арбен Таравари од јуни до ноември и Венко Филипче кој стапи на должноста на крајот на 2017 година.

Во болниците во Козле и Охрид прво е градено, па е распишана набавка?

Изведувачите прво завршиле градежни работи на објектите на болниците Св Еразмо во Охрид и Белодробната болница во Козле, а потоа за извршените работи е распишана јавна набавка, што е спротивно на законот, констатираат ревизорите.

Обновата на болницата во Охрид почна во 2010 година за што е склучен договор од 3,5 милиони евра.

– Во мај 2017 година е склучен договор за непредвидени градежни работи во вкупен износ од 370 илјади евра. По извршениот увид во документацијата утврдивме дека работите се веќе завршени во април 2017 година. Извршувањето на работите пред да се даде понуда и да се склучи договор не е во согласност со Законот за јавните набавки – се вели во извештајот.

Новиот објект на Институтот за белодробни заболувања кај деца во Козле почна да се гради во 2012 година, а договорот е склучен на сума од 8 милиони евра.

– Во мај 2017 година е склучен договор за непредвидени работи во вкупен износ од 615 илјади евра, а ревизијата утврди дека тие работи се извршени во декември 2015 година – се вели во извештајот.

Колку автомобили има Министерството за здравство?

По увидот во извршениот попис ревизијата утврдила неусогласување на   материјалната и сметководствената евиденција во износ од 136.000 денари за возилата со кои располага МЗ. Бројот на возила од доставената интерна евиденција која ја води МЗ изнесува 63, во пописната листа бројот на возила изнесува 47, а во материјалната евиденција 39.

– На ревизијата не ѝ се презентирани причините за разликите во бројот и вредноста на набавените возила. Министерството не располага со документ за дадено право на користење на други правни лица – се вели во извештајот.

Исто така, со извршениот увид на материјалното и финансиското сметководство, ревизијата на 31.12.2017 констатирала разлика од 24,7 милиони евра помеѓу материјалната и финансиската сметководствена евиденција која се јавува како резултат на неизвршено евидентирање на дел од набавената опрема во материјалната евиденција и застарениот софтверски систем за материјално работење.

Ревизијата констатирала и дека не е извршено евидентирање на мобилни апарати во износ од 25.000 евра, кои МЗ ги стекнало со склучен договор за користење на мобилни телефонски линии и не се презентирани информации во врска со бројот на мобилни телефони што се добиени како субвенција од мобилниот оператор. Министерството нема практика да ги задолжува вработените со реверси за телефоните кои им се доделени на користење.

– Прекината е практиката за вршење попис на вакцините од страна на ЈЗУ задолжени за менаџирање со нив, односно за доставување пописни листи до МЗ за нивната состојба – вели ревизијата.

Земаат плата, а не клатат ни врата!

По снимањето на системот на внатрешни контроли во врска со процесот на исплата на плати ревизорите утврдиле дека МЗ нема процедура за пресметка и исплата на плати со дефинирани надлежности и одговорности на лицата во процесот.

– Не функционираат воспоставените внатрешни контроли кои треба да спречат ризик од исплата на плата врз основа на присуство на работното место пократко од предвиденото. Со увид во листите на редовност во системот за евиденција на работното време за четири месеци утврдивме дека 20 лица воопшто не се евидентирале во системот, а за 22 лица констатиравме дека само повремено се регистрираат, со периоди на отсуство од работното место кои траат и над еден месец. Пресметката на платата се врши врз основа на прегледи доставени од раководителите на секторите, кои не кореспондираат со податоците од електронските листи за редовност. Ваквиот начин на пресметка не е во согласност со Законот за работни односи и создава ризик исплатените плати да не се резултат на реално одработени часови и присуство на работното место – се вели во ревизијата.

Утврдено е и дека во МЗ има лица што се ангажирани во континуитет од една година на работни места кои не се систематизирани, нема критериуми за надоместоците по однос на склучени договори за дело и тие варираат од 20.000 до 60.000 денари месечно, а исто така на исти работни позиции различни лица земаат различен надоместок.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот