Здравствените власти на готовс: Мутираниот вирус побрзо се шири, почитувајте ги мерките!

Четириесет и шестгодишен маж е првиот официјален случај во Македонија, кој бил заразен со британската мутација на коронавирусот уште во декември. Неговата клиничка слика била средно сериозна, имал покачена телесна температура и отежнато дишење, а завршил и хоспитализиран во приватната клиника Жан Митрев, каде што и всушност беше детектирана мутацијата. Сепак, состојбата му се подобрила и од 22 јануари се води како оздравен во статистиката на Институтот за јавно здравје.

За здравствените власти британската мутација на коронавирусот што стигна во Македонија не е никакво изненадување. Министерството за здравство апелира дека новиот сој на коронавирусот не треба да ги паничи граѓаните, туку треба да ги мотивира да продолжат со почитување на заштитните мерки. За британската мутација на коронавирусот познато е дека се шири за 70 проценти побрзо од останатите, но во поглед на клиничката слика и смртноста, тие не се ниту со повисока стапка ниту со поголема сериозност.

Од Министерството за здравство за Слободен печат велат дека на 46-годишниот маж кај кого е детектиран британскиот сој на ковид-19 вирусот ќе му се направи детална епидемиолошка анкета.

– Информациите со кои во моментов располагаме се дека тој не пријавил контакти и не патувал надвор од земјава. Оваа мутација на вирусот има побрза трансмисија за 70 проценти. Тоа што е познато е дека формата на болеста е полесна од она што беше претходно, но брзо се шири и поради тоа мора да останеме претпазливи. Ова е карактеристика на овој тип РНК-вируси, тие многу брзо се адаптираат. Нема простор за паника, но мора да продолжиме со почитување на заштитните мерки.

Кај 46-годишниот маж, пред десетина дена е направена дијагнозата, а сега е направено секвенционирање на геномот, кој укажал дека ја има таа мутација. Според информацијата што приватната лабораторија во „Клиника Жан Митрев“ ја проследи до Министерството за здравство, сите мутации што го дефинираат британскиот сој се утврдени во изолатот од овој пациент. Кај останатите примероци што се анализирани во приватната лабораторија не е детектиран британскиот сој на СарсКов-2. Овој случај со британскиот сој на вирусот беше очекуван, во повеќе земји во Европа и во регионот веќе е присутен, велат од Министерството.

Освен разликата во генетскиот код, ништо карактеристично не се случувало со клиничката слика на пациентот носител на оваа мутација на вирусот, потврдуваат за „Слободен печат“ медицински лица што биле во контакт со пациентот.

Министерот за здравство Венко Филипче посочува дека карактеристика на РНК-вирусите како коронавирусот е брзо да се адаптираат.

– Впрочем, тоа што досега имаме 20 изолирани соја со различна фреквенција, ни укажува на тоа кога има некаква пречка во трансмисијата, а тоа се нашите превентивни мерки, тогаш вирусот се адаптира. И тоа се случува насекаде во светот. Засега нема да препорачаме друг тип или дополнителни превентивни мерки, но следиме каква ќе биде состојбата. Штом е детектирана на едно место, мутацијата веројатно ја има и на други места. Мутацијата не мора секогаш да е увезена од некоја земја. Многу често се случува мутација кога вирусот го бара патот за трансмисија, а се соочува со некаква форма на имунитет. Во таа смисла не е чудо мутацијата да е од едно одредено подрачје. Не мора да имал човекот контакт или да патувал за да се случи мутација на вирусот. Впрочем и дваесетината соја што се детектирани кај нас не се увозни, туку потекнуваат од тука и се наши автентични – рече Филипче.

Поради оваа мутација за којашто британските здравствени власти посочија дека е најверојатна причина за нагло зголемениот број случаи во Британија, македонските здравствени власти решија да го суспендираат авиосообраќајот во декември. За оние патници што по копнен пат стигнуваа од Британија во Македонија, без разлика дали оваа земја им била само транзитна локација или појдовна точка, беше наложена 14-дневна задолжителна самоизолација.

Сепак, ова не беше доволно за да се спречи влезот на британската мутација на коронавирусот да влезе во земјава. Професорот на Медицинскиот факултет, микробиологот доктор Никола Пановски, во декември за „Слободен печат“ изјави дека мутацијата на коронавирусот воопшто не треба да загрижува од аспект на вакцинацијата, односно дека вакцината ќе делува и кај овој поттип.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот