Здравствени работници од болницата во Прилеп реагираат дека со месеци работат без пари и договор

лекар лекарка доктор доктори резултати болница ковид-19 коронавирус ковид скопје
Медицинско лице во Северна Македонија / Фото: EPA-EFE/GEORGI LICOVSKI

Медицински сестри и болничари ангажирани во ковид кризата во болницата со општа надлежност „Борка Талески” во Прилеп, со работни обврски во модуларната болница и на другите одделенија повеќе од девет месеци не добиваат ниту пари, ниту имаат некаков договор за работа, а најмалку здравствено осигурување. Тие денеска пред Ургентниот центар во болницата излегоа со реакции и бараат одговори од Министерството за здравство.

Според Симона Петреска, ангажирана медицинска сестра, револтот е голем, а имале најава дека ќе им се реши статусот, но досега нема ништо.

– Ние сме револтирани медицински сестри и болничари од прилепската болница. Повикани за работа во ковид-пандемијата, сѐ уште сме без решен статус и без никаков финансиски надомест. Повеќе од осум месеци слушаме само ветувања, а никој нема слух за нашиот проблем. Секојдневно изложени на ризик од зараза со вирусот, без здравствено осигурување, а во моментов една од нас е позитивна. Сестрите пуштени на транспорт е кривично дело, без никој да се запраша дека нашата лиценца може да биде одземена. Сакаме да се обратиме до министерот за здравство, Венко Филипче и да го запрашаме дали е запознат со нашиот случај. Ве замолуваме да ни одговорите за нашата деградација зошто има поделба: на дел од персоналот дадовте договори, а на друг дел не. И не сме повикани како волонтери, доброволци, туку сме повикани за работа. Свесни сме дека може да бидеме избркани од работа, истакнаа револтирани медицински сестри и болничари.

Директорот на болницата, Кети Смилеска вели дека се сретнале во текот на вчерашниот ден со здравствените работници. Станува збор за вкупно 16 здравствени работници. Посочи дека чекаат да им биде одобрен новиот акт за систематизација од надлежните министерства.

– Чекаме на новата систематизација која мораше да биде одобрена од надлежните министерства: за информатичко општество и за здравство. Тоа беше неопходно по процесот на спојување на Здравствениот дом и на Болницата. Се чека одобрувањето на актот, зашто претходно помина на Управниот одбор на болницата. Наскоро очекуваме да го добиеме, за потоа да се бараат согласности за евентуални договори за работа. Тоа е што може ние да го направиме од болницата, вели Смилеска.

Здравствените работници бараат одговоори од Министерството за здравство.

Извор: МИА

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот