Здравје, вакцина или демократија?

весна дамчевска
Весна Дамчевска. /Фото: Слободен печат

Светот почнува барем привидно да заборава на короната. Преку малите екрани можевме да ја видиме збиената публика во Њујорк како ги следи тениските натпревари, преполните трибини со гледачи на американскиот фудбал, полниот фудбалски стадион во Шпанија. И  во Македонија деновиве се згусна агендата – се случуваат културни настани, форуми, конференции со физичко присуство. На голем дел од овие настани и во светот и кај нас, им се дозволува присуство само на вакцинираните.

Секако, вакцинацијата ги подотвори вратите на нормалното. Но, дали е време за големи настани, па дури и да се само за вакцинираните? Нашата ковид-статистиката за периодот од 6-9 септември покажа дека 16 проценти, или 5.175 луѓе од вкупно заразените 26.053, се вакцинирани со две дози вакцина. Потоа, меѓу хоспитализираните, исто така има 16 проценти вакцинирани со две дози. И, она што најмногу плаши е дека 12 проценти од починатите 687 луѓе од коронавирусот, односно 87 луѓе, биле вакцинирани со двете дози. А, да не го заборавиме и фактот дека сѐ уште има многу повеќе невакцинирани од вакцинирани, така што не е чудно што вакцинираните се помалку и во заразените и во умрените.

Јасно е дека насекаде во светот, па и кај нас, владите и здравствените авторитети се обидуваат на секој начин да го зголемат процентот на вакцинирани, па и со тоа што само ним ќе им дозволат присуство на спортски натпревари, културни случувања, бизнис трибини или на други настани.  Но, во светот сѐ повеќе се оди и чекор напред – веќе има земји што почнуваат некаде да ја наметнуваат вакцината како задолжителна. На пример, во Велика Британија од есенва во старечките и во домовите за нега е дозволен влез само за вакцинирани лица. Тоа не важи само за персоналот, туку, на пример, и за мајстори што доаѓаат однадвор. Во Калифорнија мора да биде вакциниран наставниот кадар. Во Грција вакцината е задолжителна во јавниот сектор или, пак, вработените на свој трошок седмично треба да покажуваат два негативни теста. Така е и во тамошниот приватен сектор – во угостителството, туризмот, медиумите.

Прашање на време е кога и кај нас ќе почне да се спроведуваат вакви рестриктивни мерки. Веќе се „шушка“ за закани, па и за отпуштања вработени што не сакале да се вакцинираат. Синдикатот убедува дека тоа не е законски затоа што вакцинацијата не е задолжителна. Но, од друга страна, упатените објаснуваат дека Уставот е над сите закони, а тој го забранува загрозувањето на туѓото здравје од поединци, во случајов тоа би биле невакцинираните.

Така, секаде во светот, па и кај нас, работите стојат вака: од една страна, вакцината е доброволна, со што владите се штитат од евентуални штетни последици и изигруваат демократија затоа што станува збор за нова и сепак не докрај испитана вакцина со оглед на временските можности, а од друга страна, има разни забрани за невакцинираните, од одење во продавници и на спортски натпревари до опасност да го загубат работното место.

Едно е јасно – компромис со општото здравје нема. Прашање што го мачи светот е дали треба да има компромис со демократијата во однос на вакцинирањето. Затоа што и вака, зад демократијата се крие полузадолжителна вакцинација.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот