„Здрава Котлина“: Се повампирува концесијата за Иловица, ги земаме работите во свои раце!

Протест против рудникот Иловица. Фото: Здрава Котлина

„Зборот не е збор без завршено дело, премиере Заев.  Време е да ги земеме работите во своите раце и сите заедно сплотени да се избориме за правото на живот во Струмичката котлина. ДОСТА БЕШЕ!!!“, му порачаа на премиерот Зоран Заев струмичани, собрани околу граѓанската иницијатива против изградба на рудникот за бакар и злато Иловица, „Здрава Котлина“ и најавија почеток на организиран граѓански отпор и бунт. Народот ќе се мобилизира и активно ќе се спротистави како знае и умее со сите средства за да ги заштити животите и имотите, предупредуваат.

„Судство е само на чекор да ја поврати концесијата на Еуромакс Ресурси“, алармираат од „Здрава Котлина“.

Вишиот управен суд на 28 јули го поништи решението на Управниот суд од минатата година,  со кој се одбиваше жалбата на Еуромакс Ресурси за одземената концесија и донесе одлука да има повторно судење во Управниот суд.  Еуромакс до повисоката судска инстанца се жалеше на пресудата на Управниот суд иако тој ја задолжи Владата да ја поништи одлуката за еднострано раскинување на концесијата и ја задолжи Владата да ги спои концесиите, што навидум беше нелогичен потег на концесионерот.

Од „Здрава Котлина“ најавуваат дека веќе нема да слушаат приказни ниту од власта ниту од опозицијата, кои со ваквиот правен исход докажале колку се расипани.

„Принудени сме да го организираме локалното население, во сите населени места на организиран отпор и активно спротиставување на приватните интереси на поединици наспроти долгорочниот јавен интерес на граѓаните“, стои во писмената реакција на струмичките еко-активисти.

Правните „експерти“ од Генералниот Секретаријат на Владата намерно или ненамерно утнале примена на стар и нов закон, се вели во реакцијата, што во случајот е искористено за да се донесе оваа пресуда на Вишиот управен суд. Во тоа време генерален секретар е Драги Рашковски кој е бивш адвокат на Еуромакс, но неговата сестра се уште работи во Еуромакс.

Од „Здрава Котлина тврдат дека имаат сознанија оти двете најголеми партии заеднички се согласиле за отварање на рудникот Иловица-Штука во периодот после локалните избори и дека тоа ќе се случи со донесување на мериторна пресуда на Управниот Суд која треба да се објави околу јануари 2022  и со која треба „да се повампири одземената концесија на Еуромакс Ресурси“. Партиите, велат тие, наводно се сложиле бидејќи на тој начин навидум нема да има виновник кон кого граѓаните ќе го вперат прстот, а самите партии ќе гледаат да го смират населението со некакви лажачки додека да почне да се гради рудникот, па затоа е дадено зелено светло да се одвиваат донации и ПР со агресивна маркетинг кампања за промоција на рудникот како некоја најдобротворна институција, велат од „Здрава Котлина“.

Очигледна е поврзаноста на донаторските активности на Еуромакс на теренот кои се во континуитет од зимата кога всуштност почнаа да излегуваат инсајдерски информации за овој договор. Од Зелена Котлина“ се убедени дека Еуромакс Рисорсис знаеле дека баш таква судска одлука ќе биде донесена, па не се однесуваа како да се загрижени, беа присутни на терен во струмичките села и делеа донации како ништо да не се случило. „Излегува дека тие знаеле и се било ДОГОВОРЕНО, што значи ДОГОВОРОТ ИМ ПРОДОЛЖУВА ДО КОНЕЧНО РЕАЛИЗИРАЊЕ НА РУДНИКОТ“, велат во своето обраќање струмичките екологисти. „Ова се вика корупција на највисоко ниво и злосторство против својот народ!“, заклучуваат од „Здрава Котлина“.

 

 

 

 

 

 

Видео на денот