Зборуваме за Македонците – со нив не се разговара

Стојко Стојков, ОМО Илинден-Пирин / Фото: Архива на Слободен печат

Бугарско-македонската историска војна

Сите национализми ѝ приоѓаат на историјата на ист начин, прво прогласуваат дел од историјата за колективна сопственост, а потоа ѝ го припишуваат на нивната „замислена заедница“. Преку колективизација до национализација. Само на овој начин се можни апсурдите – луѓето што живеат во Тракија да ја сметаат историјата на Самоиловата држава за „своја“ и да ги обвинуваат луѓето од Преспа и Охрид дека им ја крадат. Т.е. луѓето од областа која никогаш не спаѓала во ова кралство и немале друга улога во неговата историја освен како непријателска територија и извор на војници и средства за неговите непријатели, ги обвинуваат луѓето од некогашните престолнини на кралството дека им го одземаат.

Историјата како мачителка на животот

Оваа колективна сопственост се претвори во главен национален потенцијал, не помалку важен од државната територија. Како еден вид виртуелна криптовалута со толку голема вредност колку што се верува во неа и се вложуваат емоции. На таа црна националистичка берза за антиквитети и украдени материјали, историските документи ја губат својата објективна научна вредност одредена од количината и квалитетот на информациите што ги содржат и се здобиваат со сосема поинаква – национална цена. Колективната национална сопственост им дава идентитет на припадниците на нацијата, прави да се чувствуваат богати, значајни, големци… Некои.

Оспорувањето на кој било аспект од оваа колективна сопственост се доживува како обид за грабеж и на нацијата и на секој нејзин припадник. Оттука и оној неразумен крик за „кражба на историјата“. Кражба на нешто што не постои тука и сега, ама до кое секој и секогаш има неограничен пристап, кое ниту може да се зачува, ниту да се премести, ниту да се сокрие, ниту да се продаде. А сепак несогласувањето, инаквото мислење се чувствува како обид за грабеж. Така, толкувањето на историјата се рпетвора во политика и мислењата за минатото почнуваат директно да ги трујат и сегашноста и иднината. Од учителка на животот, историјата станува негова мачителка, а историчарите свита намуртени инквизитори со качулка кои се борат против ереси и ѓаволи.

Патологии на егото

Поврзувањето на идентитетот, самочувството, соништата, надежите, егото, со историските толкувања неизбежно нè става во областа на психологијата и митското. Некако, излезе дека историјата е оптоварена со за неа невозможните задачи не само да одговори на прашањето за смислата на животот, туку и да му даде смисла на животот. Затоа судирите за минатото добиваат митско-титански размери и се одвиваат во длабочините на легендите, во паралелен „духовен“ свет. На Балканот веќе не се бориме за една или две суви полјани – рацете ни се врзани; не се обидуваме да ги решиме нашите тековни проблеми, кои ги сметаме за нерешливи; не се бориме за иднината во која не веруваме; но затоа, пак, многу жестоко се бориме за минатото, за вистинитоста на нашите митови, за тоа чиј е Крале Марко, за наметнување на нашите историски „вистини“, битка во умовите и за умовите. Исто како и во љубовта така и во војна – сите средства се дозволени. Гневот и стравот нѐ обединуваат за светиот отпор, да го заштитиме нашето стадо од околните глутници.

И воопшто не помага тоа што историјата на Балканот е некако постојано „светост“, спротивно и против сите национални околности. Ете, царството на Самоил, за коешто сега се расправа – тоа се протега на „националните“ митски и модерни територии на најмалку четири современи нации и шест држави, но без да се исполни ниту една национална митска територија „како што треба“. Наопаку.

Помеѓу штитот на Ахил и боздоганот на Крале Марко

Митската историја не може да постои без свети реликвии, без предмети чијашто важност не е одредена од нивното научно историско значење, туку од нивната митска вредност – без разлика дали се носечки – тие се потпорни столбови на националниот храм, икони кои ја зајакнуваат колективната вера, гранични столбови на светата територија, амајлии кои го штитат националниот дух…

Прекрасен пример за ваква митска реликвија е Битолскиот натпис, кој неодамна според БТВ стана предмет на национално величање, шпекулации и манипулации. Тоа е нешто помеѓу Ахиловиот штит и боздоганот на Крале Марко на бугарскиот национализам. Она што му дава толку големо значење на бугарскиот мит е што во него терминот Бугарин(ско) се споменува три пати, а тој е пронајден во Македонија. Сега замислете ако наместо Бугари бил употребен кој било друг термин – да речеме „Скити“, не дај Боже – Грци, и да не беше од Македонија, туку да речеме од Србија, дали воопшто и ќе слушневте за тој натпис? Само ако сте експерт.

Затоа што немаше да се смета аз мирска реликвија и ниту една бугарска телевизија никогаш не би се мачела да прави филм за него. И три пати употребениот термин Бугари тука не ни нуди ништо ново – одамна е познато дека Самоил и неговите наследници ја носеле бугарската кралска/царска круна, па дури и во Македонија тоа ретко се оспорува. Единствената нова веродостојна информација што ја добиваме од овој натпис е дека веројатно во Битола на 20 октомври, не е познато во која година, започнале градежни работи. Неговата научна историска вредност, за разлика од митската, е скромна.

Како и секоја митска реликвија така и оваа се обвива со бршленот на легендите. Лошите Македонци се обиделе да го сокријат натписот, ама храбрите локални Бугари, бугарските научници и разузнавачи ги спречиле во тоа. Поетика. И патетика. Молам?! Како би можеле да спречат една тоталотарна држава да го уништи кога така би посакала? Никако. И денес само ќе зборувавме дека таму имало некаков натпис, но за жал повеќе го нема, дека останала само една матна фотографија објавена во весник. А каква е прозаичната реалност? Кога е откриен во 1956 година, најстарата македонска научна институција не била постара од десет години и во Македонија едноставно немало кој научно да го обработи и публикува тој натпис.

Во истиот момент кога таму бил испратен таков човек – рускиот емигрант Владимир Мошин – натписот е научно публикуван (1966). И тоа неговото прво научно публикување се прави токму во Македонија и само десет години по неговото пронаоѓање. Воопшто не е бавно. Особено кога ќе си помислам на тоа дека можеби 20 години откако веста излезе во медиумите, откриен е натпис на/за цар Јован Александар, во кој тој патемно е наречен македонски цар, ама за тоа научна публикација нема. (Да не зборуваме за слични натписи по цркви во Трновско и Тројанско, некако забаталени, заборавени, а можеби и избришани?) Не се соодветни за митска реликвија за бугарскиот, па дури ни за македонскиот национализам.

И легендата за битолскиот натпис продолжува дека лошите Македонци намерно го оштетиле поради содржината во која се споменуваат Бугари. Арно ама, сигурно многу лошо се збуниле штом го зачувале токму делот каде што три пати се спомедува зборот Бугари. Тоа нема значење – не е добро фактите да ја уништат сентименталната легенда. Важното е дека Македонците се „лоши“, а Бугарите се нивни жртви… Па нели тие божем убиле 200.000 Бугари кои не сакале да бидат Македонци – тоа што нема тела и гробови, не е ни важно, оти тоа не се случило, но сепак звучи потресно, каква драма… Како да не ги намразиш тие Македонци и да не им го блокираш членството во ЕУ?!

Можеби не го изложиле на јавно место во музеј за време на комунистичкиот период – не знам, не сум го посетувал тогаш – ама сега е таму. Но нема да ме зачуди ако било така – откако веќе бил претворен во оружје во митската војна што во 1960-тите ја започнала Бугарија. Па нели тоа беше период кога и во Бугарија се криеа многу митски непријатни нешта, како што е печатот на Кресненското востание (поради натписот „Македонско востание“), грбот на славјанските народи во Рилскиот манастир (затоа што покрај бугарскиот има и македонски грб), извештај на Вапцаров (затоа што во него пишува „Ние сме Македонци и нашето творештво треба да ѝ служи на македонската кауза“), статијата на Славејков за македонското прашање (затоа што зборува за македонското национално самочувство во 1860-тите) и т.н.

Во Бугарија со задоволство се посочува дека во Македонија се фалсификувале документи (всушност само еден автор – Славко Димевски е обвинет за два документа), но некако се пропушта дека од бугарска страна имаме најмалку два лажни средновековни натписа создадени со цел да докажат дека бугарскиот карактер на Самоиловото царство. Два неуспешни обида да се изработат нови реликвии…

Да го балансираме бродот

Бидејќи во Бугарија, дури и умовите на оние што не гледаат телевизија се веќе потопени од поплавите од поплаки против Македонија, да речеме малку и во спротивна насока – за малку рамнотежа.

–Кој кого негира, кој кого блокира и кој кому му поставува услови? Македонија со сигурност ниту ја негира бугарскатан нација, ниту бугарскиот јазик, ниту бугарското малцинство (напротив, неодамна предложија да го вметнат и во Уставот), ниту пак се обиде да ги блокира евроинтеграциите на Бугарија, кога реално можеше.

– Во која од двете земји лица на нивото на вице-премиер, министри и пратеници искажуваат мислења кон малцинството од другата земја дека се платени странски агенти и предавници на нацијата, кои треба да бидат испратени в затвор, па дури и стрелани? Не е Македонија.

– Да го расчистиме и следното. Бугарија е 14 пати осудена од Судот за човекови права во Стразбур за нарушување на правата на своите граѓани Македонци, додека Македонија – еднаш за нарушување на правата на Бугарите. Во последниот извештај на Стект департментот на САД за човековите права за Македонија зборот Бугарин/бугарски дури и не се споменува, додека во извештајот за Бугарија Макеедонец/македонски се среќава 8 пати. Во последните извештаи на Консултативната комисија за спроведување на Рамковната конвенција за националните малцинства од 2020 година во оној за Бугарија, Македонци/македонски се споменуваат 42 пати, додека во оној за Македонија Бугари/бугарски – ниту еднаш. Така ли Македонија покажува неосновани претензии кон Бугарија заради македонското малцинство, или всушност Бугарија на Македонија ѝ ја припишува сопствената политика против македонското малцинство, кога тврди дека во Македонија Бугарите се дискриминирани? А Македонија дури и не смее да го постави прашањето за Македонците, но сепак е виновна за „антибугарска политика“.

– Зошто бугарската позиција кон Македонија не наидува на поддршка или разбирање или поточно наидува на целосно неразбирање кај другите европски земји?

– На ниво на комисии (но не само) – која земја бара и настојува за вклучување на историчари од трета неутрална земја во нејзината работа и зошто бугарската страна е толку против таа идеја, ако е убедена во силата на своите аргументи и ако навистина целта ѝ е „историската вистина“?

– На ниво на јазик. Зошто науката во целиот свет го смета македонскиот за различен јазик и само вештачки избраниот еснаф на бугарски филолози а „штити бугарската вистина“?

– На ниво на историчари (но не само). Кој кон кого покажува неприкриено непријателство и презир поради различно мислење? Тоа го прават некои бугарски колеги, а не македонските историчари. Еден „интелектуалец“ има „доблест“ да го изрази во националниот етер своето задоволство што македонск историчар, татко на сегашен македонски историчар починал. Во филмот на БТВ за Битолскиот натпис друг „колега“ изјави дека јас, а истото важи и општо за македонските историчари, не работам за каузата туку за хонорарот. Ad Hominem par excellence. (И „професионалците“ од редот на новинарите на БТВ го сметале за многу важно тоа да стане дел од нивниот филм.) Додека во македонската историографија трудовите на бугарските колеги редовно се цитираат, од бугарска страна – македонските систематски се игнорираат освен во ретки случаи, кога некој ќе благоизволи да ги нападне.

– Колку филмови веќе има снимено БТВ, во кои ги претставува Македонците како идиоти, подли, крадци на бугарската историја, „пакистански принцези“ и воопшто непријатели на Бугарите? И дали е тоа само БТВ…

– Кој кажува „неоспорни лаги“ дека другата нација е изградена преку геноцид и дека има антибугарска природа и карактер?

– Дали во Македонија има богата категорија шеги за Бугарите, или всушност во Бугарија има за Македонците, создавајќи на тој начин стереотип за Македонците како неписмени крадливи малоумници со комплекс на величина и инфериорност истовремено?

И потоа некој се жали дека немало дијалог и доверба и дека имало „говор на омраза“ против Бугарија во Македонија?! Каде е иверката, каде е гредата! Ако се однесувате вака кон вашиот брат или најдобар пријател, колку време ќе ви треба за да ги престорите во ваши непријатели? Месеци, недели, денови? И бугарската страна го применува овој пристап со години. Можеби тоа е она што некој го сака. Да станеме и да останеме непријатели. Многу луѓе во Бугарија живеат на антимакедонската „патриотска“ копанка.

Го разбираме ли светот како поле за натегање меѓу народите?

И, дали треба да се натпреваруваме според лаги, стравови и комплекси? Не можеме ли да го сториме тоа барем според гледиштето на човекот за кого се грабнавме за гуша, кој го разбирал „светот како поле за културен натпревар меѓу народите“? Зарем ова не е подобар принцип на комуникација отколку да се докаже кој од кога е и колкав е?

Кога има војна, првата жртва е вистината, од обете страни на фронтот. Затоа оваа војна мора да престане – за да можеме ние историчарите воопшто и да ја бараме вистината меѓу постојано распрснувачките емотивни шрапнели, бесниот крик на куршуми близу ушите, гласноста на химните, гневните извици на народот, викотниците на (нах-)ранетите и прашината што постојано се крева во воздухот од развеаните национални знамиња? Како воопшто можеме да се најдеме во оваа песочна бура без да се застреламе….

За Македонците се зборува – со нив не се разговара

За војна ви треба непријател, но не поединци – тие се добри за дијалог, не за војна. Треба да се направи колективен безличен зол непријател, носител на колективна вина. За да биде безлична – мора да биде генерализиран или далечен, не е дозволено да се приближува, бидејќи така ќе видите дека е близок.

Вавилонската кула на национализмот

Додека постојано се обидуваме да ја зграбиме историјата, ќе продолжиме да тонеме. Ќе живееме во виртуелната реалност на нашиот сопствен пекол како вечни жртви, постојано обесправени несреќници. Како што Винстон Черчил одамна ни дијагностицираше: „Народите на Балканот имаат поголема историја отколку што можат да ја издржат“.

И така продолжуваме за никаде

Многумина се прашуваат – со што Македонија успеа до толкав степен да се закрви со своите соседи. Па нели официјалната бугарска историографија не се совпаѓа со ниедна друга соседска историографија, зошто се задева токму со Македонија, оти е најслаба?

И мојот одговор е дека Македонија, дури и без претензии за никакви правдина со самото свое постоење, му покажува на целиот свет дека има нешто многу „погрешно“ во националните доктрини, митови, претензии и историографии, „има нешто гнило“ во Бугарија и Грција

Исто е и со македонското малцинство во Бугарија – ако го има, сегашниот официјален мит во Бугарија е очигледно лажен. И Македонија и Македонците привлекуваат опасно и штетно надворешно внимание. Нема ништо пострашно од тоа рефлекторите на светската наука да се насочат кон вашиот мит – театарот на сенки наречен национална историја не може да опстане ако е осветлен со светлина од сите страни.

И така продолжуваме за никаде…

Стојко Стојков

Преземено од Маргиналија.бг

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот