Збирката „Поли“ содржи три драми за деца од Трајче Кацаров

Насловна корица на збирката „Поли“

Книгата „Поли“ од еминентниот писател, поет и драмски автор Трајче Кацаров е збирка од три драми за деца, напишани со Езоповска леснотија и несекојдневен, софистициран хумор. Таа е составена од драмите „Поли“, „Шумското радио“ и „Трипати по три овци“.

– Трајче Кацаров, во манир на современ Езоп, создава модерни драми, наменети за денешните деца, а со ликови кои им се блиски: куче, полжав, желка, зајак, лисица, мачка… Сите три драми се напишани шармантно, симпатично, со кратки и динамични реплики, со мали описи и со галерија од интересни ликови – животни, обоени со сите можни човечки карактеристики: желби, надежи, лакомост, кариеризам, верност, страв, грижа – забележува Огнен Неделковски во својот осврт кон книгата.

Во насловната драма „Поли“, полжавот Поли има желба повторно да го победи зајакот Фјуу и во тоа успева, но сфаќа каде припаѓа и кое е неговото вистинско место. Ежот ди џеј, желката Тртка, полжавите Ула и Ули, зајчето Уште – се вистинска галерија од интересни ликови, реплики на ликовите од басните на Езоп, но, крајно модернизирани и лесно прифатливи за денешните деца.

Во драмата „Шумското радио“, Ежот новинар и тон-снимателот Врапчо се борат да ги задржат своите работни места, а Бувот, кој им е главен и одговорен уредник, постојано сака да ги избрка од работа. Ловот на сензационалистички вести ќе ја донесе мачката Зока, без да сака, на местото главен и одговорен урденик на „Шумското радио“. Исто како и во животот… Кога двајца се караат, а третиот користи.

Кучето Златко е единствен лик што се појавува и во „Шумското радио“ и во третата драма, наречена „Трипати по три овци“. Во неа, авторот Кацаров се фаќа во костец со класична детективска приказна, која треба да ја реши детективката Бонита Финита и која треба да открие кој ги зема овците од стадото, преку кучето Златко и неговиот помошник Помагало.

– Освен хуморот, овие три драми на Трајче Кацаров изобилуваат и со ненаметлива едукација и запознавање на најмладата генерација со басните на Езоп, со „Хамлет“ на Шекспир, со бубачките и шумските ѕверки на Славко Јаневски, но и со некои значајни изведувачи, од калибарот на Џон Траволта, Сајмон и Гарфанкел и „Би Џиз“.

Својата уметничка мултиталентираност Кацаров ја докажува и со впечатливите илустрации во книгата, кои се негово дело. Во секој случај „Поли“ е книга што треба да ја има секој театар за деца и секоја училишна библиотека. И секако, овие три драми треба да живеат и на сцена, за која и се така мајсторски напишани – заклучува Огнен Неделковски.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 165, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 4-5 февруари 2023)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот