Завршни зборови во Кривичен за „Шамарите во Центар“

Кривичен суд/Фото: Драган Митрески

Адвокатите на Миле Јанакиески бараа да се слушаат и нови „бомби“ бидејќи посочуваа дека двата телефонски разговори кои биле пуштани во судница не се единствените.

Во Основниот кривичен суд во Скопје денеска треба да почнат завршните зборови во судскиот процес за предметот познат во јавноста како „Насилство“ или „Шамарите во Општина Центар“, што е еден од првите два случаи за кои СЈО своевремено подигна обвинителен предлог.

Како обвинети за насилство во случајот беа опфатени 14 лица, од кои првообвинет е поранешниот премиер Никола Груевски, кому му се суди во отсуство, а второобвинет е ексминистерот Миле Јанакиески.

Помеѓу обвинетите е и поранешната пратеничка и советничка во Општина Центар, Даниела Рангелова.

Тие се товарат за поттикнување и организирање на насилните протести пред просториите на Општината летото 2013 кои, според обвинителството, биле организирани со образложение дека се против наводно запирање на изградбата на црквата „Свети Константин и Елена“ на улица „Македонија“, а всушност причината била да се спречи седница на Советот на Општина Центар на која требало да се променат деталните урбанистички планови, меѓу кои и оној за „Мал ринг“. Во тој период локалната власт во Центар ја имаа СДСМ и коалицијата, со Андреј Жерновски како градоначалник, додека извршната власт и Градот Скопје беа во рацете на ВМРО-ДПМНЕ.

Денеска се очекува со завршни зборови да настапи обвинителството, по што ќе биде познато дали и одбраната денеска ќе почне со своите заврши зборови или ќе се закаже уште едно рочиште.

Застапници на обвинението се Гаврил Бубевски и Фатиме Фетаи, кои го водеа случајот уште кога беше во рацете на СЈО, а со овластување на републичкиот обвинител Љубомир Јовески останаа надлежни и откако предметите беа преземени од редовното обвинителство.

Завршните зборови следуваат по минатото рочиште на кое имаше дополнување на постапката. Одбраната бараше дополните сведоци, меѓу кои и владиката Агатангел за, како што велат, да докажат дека ВМРО-ДПМНЕ не ги организирала протестите бидејќи всушност владиката повикувал на протести против уривањето на започната изградба на црквата „Свети Константин и Елена“ на улица „Македонија“.

Адвокатите на Миле Јанакиески бараа да се слушаат и нови „бомби“ бидејќи посочуваа дека двата телефонски разговори кои биле пуштани во судница не се единствените.

„Шамарите во Центар“ пред пресуда стигаат по повеќе од три и пол години откако беше закажано првото рочиште (16 декември 2016).

Рочиштата за овој предмет беа повеќепати одложувани поради отсуство на некој од вклучените во постапката, но и поради седницата на Советот на јавни обвинители во врска со постапката за разрешување на Катица Јанева (29 август 2019), поради примопредавањето на предметите од СЈО во ЈО (10 септември 2019) и поради тоа што предметот со сите списи беше даден во Судскиот совет (25 септември 2019).

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот