Заврши средбата, Заев и Мицоски не се усогласија за датум за избори

Заврши средбата на лидерите на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, Зоран Заев и Христијан Мицкоски кај претседателот Стево Пендаровски, засега нема договор за датумот на избори, велат од Кабинетот на претседателот.

На средбата се разговараше за различни аспекти на изборниот процес, при што и двете страни понудија аргументи во прилог на нивните позиции.

-На средбата не беше постигнат договор за одредување датум за предвремените парламентарни избори. Двајцата лидери се договорија да ја продолжат комуникацијата меѓу себе- стои во соопштението од Пендаровски.

Средбата беше иницирана од претседателот кој денеска во своето обраќање пред македонската јавноста рече дека немаме време за губење, дека мора да се одреди датум за избори, поради можноста за функционирање на институциите.

Пендаровски нагласи дека изборите се неопходни заради функционален парламент и легитимна влада.

И Заев и Мицкоски во куси изјави рекоа дека нема позитивен исход од средбата и оти во интерес на разговорите се усогласиле соопштение да објави претседателскиот кабинет.

-Во интерес на разговорите се договоривме претседателот на државата Стево Пендаровски да испрати соопштение. Не успеавме да постигнеме договор. Во интерес на тоа што оставивме можност секако во текот на утрешниот ден доколку една од страните заклучи дека треба да се слушнеме – ќе се слушнеме. Остануваме на соопштението. Нема да дадеме дополнителни коментари во делот на изјавата, ниту да даваме одговор на прашањата. Тоа е усогласен став со претседателот на државата Пендаровски и со Мицкоски, изјави Заев.

И Мицкоски упати на соопштението, потенцирајќи дека за тоа што се зборувало денеска и во деновите што ќе следат ќе има дополнителни информации зависно од развојот на настанате.

-Во интересот на процесот, во интерес на сложеноста на целата ситуација донесовме заеднички заклучок  претседателот преку соопштение ја информира јавноста за тоа што денеска се зборуваше и деновите коишто следат, што се пред нас, ќе имате дополнителни информации за тоа како ќе се развиваат настаните. Она што е важно е дека до овој момент се уште нема договор, изјави Мицкоски.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот