Заврши програмата Антологија на српскиот филм во Кинотеката

Од 5 до 11 мај во Кинотеката на Северна Македонија се одржа програмата „Антологија на српскиот филм“, а манифестацијата содржеше 11 наслови продуцирани од раните 60-ти до средината на 80-тите години на минатиот век.

Меѓу авторите на филмовите се најдоа добро познати имиња, како Слободан Шијан, Горан Паскаљевиќ, Душан Ковачевиќ, Божидар Николиќ, Горан Марковиќ, Лазар Стојановиќ, Живоин Павловиќ, Душан Макавеев, Срѓан Карановиќ и Љубомир Радичевиќ.

– Без разлика дали ќе се согласите или не дека станува збор за „подоброто минато“ на една национална кинематографија, самиот список на филмови се чини навистина како „супер тешка“ категорија во боксот – велат од Кинотеката.

Манифестацијата почна со култниот филм „Маратонците го трчаат почесниот круг“, а на програмата се најдоа и други ремек-дела, како „Кој тоа таму пее?“, „Лажливо лето ’68“, „Балкански шпион“, „Национална класа“, „Пластичен Исус“, „Кога ќе бидам мртов и бел“, „Љубовен случај или трагедијата на службеничката во ПТТ“, „Венецот на Петрија“, „Љубов и мода“ и „Давител против давителот“.

Манифестацијата беше организирана од Кинотеката на Северна Македонија, Југословенската кинотека во Белград, Српскиот културно-информативен центар „Спона“ во Скопје и „Скопје филм фестивал класик“, со поддршка на амбасадата на Србија во Македонија.

Настанот го отвори директорот на Кинотеката Владимир Ангелов, кој изрази задоволство дека репликите од отворачкиот филм „Маратонците го трчаат почесниот круг“ се актуелни и денес. Се обратија и амбасадорката на Србија Невена Јовановиќ, управникот на Архивот на Југословенска кинотека Александар Ердељановиќ и неговите соработници Бранислав Ердељановиќ и Дејан Ковачевиќ. При обраќањето, Јовановиќ ги нагласи придобивките од културната дипломатија, а Ердељановиќ потсети на почетоците на Југословенската кинотека од основањето во 1949 година како централна кинотека во Југославија. Додаде дека таа денес содржи повеќе од 100.000 филмови, како и дека од 2009 година дигитално се реставрирани 25 филма од кинематографиите од регионот, во кој спаѓаат 11-те наслови од „Антологијата на српскиот филм“ и три македонски наслови: „Татко (Колнати сме, Ирина)“ на Коле Ангеловски, „Жед“ на Димитрие Османли и „Хај-фај“ на Владимир Блажевски.

По „најдоброто од српската кинематографија“, во склоп на мајската програма на Кинотеката следуваат деновите на индонезиски филмови, неделата на италијанскиот филм и ретроспективата на Луис Буњуел во рамките на годинешниот Филозофски филмски фестивал. Во мајската програма се и канадскиот филм „Трчај жено, трчај“, потоа „За бескрајот“ на Рој Андерсон, како и некои репризи на барање на публиката: „Бесконечна поезија“ на Алехандро Ходоровски, „Кво вадис, Аида?“ на Јасмила Жбаниќ, „Синот на Саул“ на Ласло Немеш, „Квадратот“ на Рубен Остлунд и „Со среќа дупење или улаво порно“ на Раду Јуде.

(Текстот е објавен во ТВ и Филмски печат на 13 мај 2022 во весникот „Слободен печат“)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот