Заврши општиот претрес по предлог-законот за дополнување на Законот за финансирање на единиците на локалната самоуправа

Собрание/ Фото: МИА

Собранието го заврши општиот претрес за предлог-законот за дополнување на Законот за финансирање на единиците на локалната самоуправа, по скратена постапка. Гласањето за законот ќе биде на една од наредните седници.

Според предлагачот, дополнувањето на законот е дел од пакетите антикризни мерки, односно, целта е да се обезбедат стабилни приходи и да се олесни работењето на општините во време на ковид-19 за 2021 година. Со него е предвидено приходите од данокот на додадена вредност, кои се распределуваат на општините за 2021 година, наместо да се обезбедат во висина од 4,5 проценти од просекот на наплатениот ДДВ во последната година, просекот да се пресмета од последните три години.

За опозицијата, зголемувањето на средствата за општините, е поради локалните избори кои треба да се одржат есенва, а за владејачкото мнозинство, помошта е неопходна поради материјалните штети кои ги трпат општините од пандемијата.

Пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ, Даниела Христова забележа дека измените кои се прават во законот, се само за 2021 година, но што потоа, праша Христова.

Таа смета дека парите се наменети за нови вработувања пред локалните избори. Христова се осврна на состојбата Виница и рече оти власта ветувала „живот за сите”, но не сторила ништо.

– Ќе згрешам ако речам дека ништо не е направено во Виница. Беше изградено речно корито од 13 метри, но при првиот дожд не остана ништо. Проектите со кои се фалат се проекти на ВМРО-ДПМНЕ кои тие ги довршија, истакна Христова.

Пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ, Бети Стаменковска Трајковска рече дека овој предлог-закон е за да се манипулира јавноста оти власта не може да набави вакцини и праша дали вратениот аванс од кинеските вакцини ќе биде пренаменет кон општините.

Таа се осврна на работата на градоначалникот на Кисела Вода.

– Во овие три години видовме само неквалитетно асфалтирање на неколку улици. Слушаме ветувања што каде ќе се гради. И сега со овој предлог закон ние треба да ви веруваме дека вие имате само чесна намера и ништо друго, рече Стаменковска Трајковска, додавајќи дека од ветувањето „живот” нема ни ж.

Во реплика кон пратеничката Станковска Трајковска, пратеникот Панчо Минов забележа дека во советот на општина Кисела Вода има претставници и од ВМРО-ДПМНЕ и оти неприфаќањето на овој закон, таа ги донесува вработените во локалната самоуправа во незавидна состојба.

Жаклина Лазаревска од СДСМ во реплика до нејзината колешка од ВМРО-ДПМНЕ рече дека на локалните самоуправи им е потребно да им се помогне.

– Вашата деструктивна политика ве доведува во ситуација да велите дека се грижите за граѓаните, а всушност вие кочите закони кои се од насушна потреба за нив. Граѓаните живеат во локалните самоуправи. Од овие средстава зависи колку успешно ќе се справат основното и средното образование кои се под локалната самоуправа, детската заштита и друго, рече Лазаревска.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот