Заврши меѓународната воена вежба во Грција на која учествуваа и „Волците“
Десетдневната меѓународна воена вежба „ОРИОН-24“ што се одржа на неколку локации во поширокиот дел на грчката област Атика во околината на Атина, а во која меѓу земјите учеснички беше и Северна Македонија со припадниците од баталјонот на специјалните сили „Волци“, успешно заврши денеска, јави дописничката на МИА од Атина.
Од Генералштабот на националната одбрана на Грција претпладнево соопштија дека во вежбата што започна на 2 септември беа изведени низа сценарија што се предмет на специјални силите – силите за специјални операции, а паралелно објавија и фотографии од активностите на специјалците во изминатите десет дена.
Во соопштението, се осврнаа и на вчерашниот Ден за високи гости (Distinguished Visitors Day – DV DAY) што се одржа во атинско предградие, на кое присуствуваше и МИА, а вежбата ја следеа и заменик-министерот за одбрана на Грција Јанис Кефалојанис, началникот на Генералштабот на грчката армија Димитрис Хупис, амбасадорите во Грција на земјите учеснички во вежбата, меѓу кои и амбасадорката на нашата земја Лидија Бошковска.
Во меѓународната вежба „ОРИОН 24“ на специјалните сили – силите за специјални операции учествуваат специјалци од Северна Македонија, САД, Франција, Романија Италија, Кипар, Бугарија, Австрија, Полска, Египет домаќинот Грција и Хрватска во улога на набљудувач.
Како што вчера објави МИА, на Денот за високи гости и претставници на медиуми специјалците ги прикажаа нивните оперативни способности на копно, во вода и воздух, во неколку конкретни и сложени сценарија.
Меѓу впечатливите сценарија беа подводно навлегување за обезбедување на мал остров и евакуација преку воздух на шестмина припадници на специјален тим со употреба на SPIES, односно специјалниот систем за извлекување од хеликоптер со помош на јаже од област во која не е изводливо слетување на копно.
Дополнително, специјалните сили ослободуваа бродови и чамци, евакуираа брод со влез во хеликоптер од типот CH-47D, пренесуваа информации со помош на дрон итн, а завршија со падобранци, кои ги носеа знамињата на земјите учеснички.
Во вежбата „ОРИОН 24“ според информациите на дописничката на МИА од Атина учествуваа 1.120 специјалци, од кои околу 1.000 од Грција.
Во периодот од 2 септември специјалците учествуваа во дневните и ноќни вежби во поширокиот дел на областа Атика, а целта е размена на искуства, подобрување на оперативните способности и капацитети, но и промоција на соработката и интероперабилноста на учесниците, поттикнувајќи регионална стабилност.
За македонските „Волци“ ова беше второ учество во конкретната воена вежба, со оглед на тоа што во мај 2023 година беа дел од вежбата „ОРИОН-23“.
Конкретната воена вежба првпат беше одржана во Грција во 2018 година, тогаш само на национално ниво, а од 2021 година веќе има меѓународен карактер со учество на сојузнички и пријателски земји.
„ОРИОН-23“ се одржа од 24 април до 5 мај 2023 година, тогаш, за нашата земја беше прво учество на ОРИОН, а освен Северна Македонија и домаќинот Грција дел од вежбата беа и припадниците на специјалните сили на Кипар, Австрија, Бугарија, Франција, САД, Црна Гора и Србија.
Македонските „Волци“ на меѓународна воена вежба „ОРИОН 24“ во Грција