Заврши инспекцискиот надзор во Психијатриската болница со наредба да се обезбеди лична сигурност на пациентите

Државниот санитарен и здравствен инспекторат вчера по добиена информација преку медиумите за појава на физичко насилство меѓу пациентите, изврши единечен вонреден инспекциски надзор во ЈЗУ Психијатриска болница – Скопје.
Инспекторите констатирале дека на судското одделение на ден 20.05.2023 во ноќните часови се случилa тепачка меѓу четворица пациенти кои се сместени во истоименото одделение.
-Со оглед на тоа што се работи за институционален проблем за чие решавање се надлежни повеќе субјекти, здравстевната установа се има обратено со писмено барање до Министерството за внатрешни работи – Биро за јавна безбедност за обезбедување 24 часовно полициско чување на одделот во текот на 30 дена за да биде воспоставен ред и да бидат спречени натамошни несакани случувања, соопшти Инспекторатот.
Според соопштението објавено на нивниот портал писмено барање е доставено и до Министерството за правда во кое се укажува од потребата затворската полиција освен затворите и воспитно – поправните установи да ги обезбедува и психијатриските установи во кои се спроведува мерката безбедност на осудени лица за кои е задолжително психијатриско лекување и чување во здравствени установи.
-Побарано е одржување итен состанок и со претставници од Основното јавно обвинителство, Основниот кривичен суд за извршување на санкции, Министерството за здравство и Министерството за правда со цел обезбедување доволно ресурси за заштита на пациентите сместени во судското одделение при ЈЗУ Психијатриска болница – Скопје, соопшти ДСЗИ.
Согласно Законот за заштита на правата на пациентите од страна на Државниот санитарен и здравствени инспекторат издадено е решение со кое на здравствената установа и се наредува да обезбеди лична сигурност на пациентите за време на нивниот престој во здравствената установа.
Вознемирувачките видеа од тепањето на еден пациент од страна на други пациенти во Психијатриската болница се појавија деновиве во медиумите, објавени од профилот на еден пациент кој снима и го наредува тепањето на „новодојдениот“ во затворското одделение на болницата.
Вчера и в.д. директорот на Психијатриската болница Мухсин Арифи го потврди насилството кое постои во судското одделение и нагласи дека тоа се агресивни пациенти кои меѓусебе се тепаат, а се извршители на тешки кривични дела убиство и обид за убиство. Арифи нагласи дека ги презел сите неопходни мерки за заштита на пациентите како и надлежните институции.