Заврши 12. Филозофски филмски фестивал
Минатата недела во Кинотеката се одржа затворањето на 12-тото издание на Филозофскиот филмски фестивал, при што организаторите заедно со претставници на стручните жирија ги доделија наградите за најдобрите филмови според жирито и публиката.
Награда „Златен був“ за најдобар краткометражен филм според жирито доби филмот „Варша“ на Донија Бадир. Специјалното признание „Стефан Сидовски – Сидо“ за краткометражен филм беше доделено на филмот „Тивкиот човек“ на Нима Карти, додека за најдобар краткометражен филм според публиката беше прогласен „Бранка“ во режија на Акош К. Ковач.
„Златен був“ за најдобар долгометражен филм според публиката беше доделен на филмот „По љубовта“ на Алем Кан, а за најдобар долгометражен филм според жири-комисијата беше избран „Клара Сола“ на режисерката Натали Алварез Месен.
– На симболичниот јазик на магичниот реализам, филмот впечатливо ја прикажува борбата на Клара за самоопределување, во која нејзиното искуство за природата е централно. Оттука е и изворот на филозофското значење и поетската новина на овој филм: длабока емпатија со сите живи нешта – стои во образложението за наградата.
По доделувањето на наградите, следуваше проекција на турскиот филм „Нешто корисно“ на режисерката Пелин Есмер, добитник на многубројни награди за најдобар филм, режија, камера и актерки на меѓународните и националните фестивали во Турција.
По проекцијата следуваа очекуваните дијалози со режисерката Пелин Есмер и проф. Сердар Озтурк од Турција, каде што за првпат се направи директен спој помеѓу филозофијата и филмот. Публиката се вклучи во дискусијата, проследена со коментари, прашања, анализи за филмот и поентите кои произлегуваат од философските нишки во него.
Филмот „Нешто корисно“ ја следи приказната на Лејла, 42-годишна адвокатка и поетеса, која неволно оди на средба со пријателите од средното училиште. Во возот кон Измир ја запознава Канан, 21-годишна студентка по медицина која сонува да стане актерка, и покрај поинаквите желби на нејзиното семејство. Како што го продлабочуваат разговорот, Лејла дознава дека Канан носи огромен товар, бидејќи оди да му помогне на 45-годишниот Јавуз да се самоубие, затоа што е парализиран и не сака да живее. На крајот на целоноќното возење, Лејла одлучува да ѝ се придружи на Канан на нејзината тешка посета.
На дебатата беа отворени прашања за филозофскиот пристап на филмот, што обработува длабоки прашања: за сопствениот избор, за радоста и грижата во поврзувањето со нова личност во животот, но и за важноста на уметноста во тешките моменти од животот.
– Во филмот се присутни огледалата и сенките, а тоа не е случајно: според учењата на Платон, познато ни е дека за да се достигне до вистината мора да успееме да гледаме преку сенките – истакна Озтурк.
– Ја избрав Канан бидејќи е млада, знае што прави и решила да го направи тоа. На филмот не е прикажано како се мисли и двоуми. Има моменти каде што сака да излезе од возот. Сѐ уште има шанса да избере нов живот. Или не? Не знаеме – нагласи Есмер за време на дебатата.
(Текстот е објавен во ТВ и Филмски печат на 17 јуни 2022 во весникот „Слободен печат“)