Затворските транспортни комбиња РАК РАНА НА ЗАТВОРИТЕ

Расипаното транспортно комби, возило на штипскиот затвор за превоз на затвореници за кои постои висок безбедносен ризик за безбеден транспорт, 13 дена ќе биде во сервис. Од затворот за „Слободен печат“ велат дека станува збор за технички дефект кој ќе биде саниран. Бидејќи не станувало збор за ситна поправка, од затворската управа ги известиле сите надлежни, па и Кривичниот суд во Скопје, дека од вчера до 3 јуни од Казнено поправен дом „Штип“ нема да се врши спровод на осудени лица поради неисправност на возилото. Ваквата информација вчера ја потврдија и од Основниот суд Скопје 1.

Заменик директорот на затворот, Ванчо Самев, во изјава за „Слободен печат“ вели дека затворот располага со неколку возила и дека безбеден транспорт на болен притвореник или затвореник до болница не е доведен во прашање. Тој нагласува дека во дефект им е возилото за траснпорт на лица од висок безбедносен ризик.

– Бидејќи судот си има тесни термини, од наша страна е известен дека не сме во можност технички да спроведеме лице кое од нашата установа ќе треба во тој период да биде пренесено на суд. Ако некој помислува дека е нешто намерно, ги негираме тие тврдења. Вистината е дека возилото за таков транспорт се расипа и е на поправка. Сите добро знаат дека никогаш не се случило од наша страна навреме да не биде спроведен притвореник на суд. Секогаш тоа сме го правеле крајно професионално и безбедно. Не е тајна дека транспортните возила се рак рана на секој затвор – вели заменик директорот на Казнено поправниот дом „Штип“ кој се наоѓа на познатата штипска улица „Шести километар“.

Во оваа казнено поправна установа се наоѓа и еден од обвинетите за „Монструм“, кој на сите рочишта, додека ескордното комбе беше исправно, прв од сите обвинети беше пренесуван од Штип во Скопје. Дел од адвокатите и новинарите со кои разговаравме велат дека најголем проблем на затворите за нормален транспорт на затвореници не е кадарот, туку немањето пари тие самите или Министерството за правда под чиј „чадор“ се да купат нови, неколку специјални возила за да не се доведуваат притворените, нивните роднини и адвокати, па и јавноста под сомнение дека некој намерно го саботира.

– Се случувало и ќе се случува затворско возило да е во дефект, но не смее власта, поточно Министерството за правда да си дозволи да си игра со судбината на притворените и да не одвои средства од својот буџет за да купи, да речеме, 10 транспортни возила за брз и безбеден транспорт на притвореници или затвореници. Ние зборуваме за реформи и за ЕУ,  а немаме основни да речам „алатки“ за катадневна работа. Тие возила се обични патнички комбиња кои не чинат многу пари и имаат само решетки на прозорите за да не се случи некој инцидент или да се обиде да избега затвореник и има посебно место каде седи тој или групата која се пренесува. Ништо посебно нема плус. Не збориме за скапи блиндирани возила. Обично патничко комбе. Ние адвокатите добро знаеме дека актуелниот директор на Управата за санкции прави максимални напори секоја казнено-оправна установа да има се што и треба, па и возила се позајмуваат. Но, Правда мора да одвои скромна сума пари и да купи возила за затворите за да немаме уште една немила случка во која поради немање пари се најде КПД „Штип“ – вели адвокатот Игор Николовски.

[ReviewDisclaimer]

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот