
Затворениците нема повеќе да се лекуваат во болниците како да се неосигурани, туку за нив ќе се плаќа само партиципација
Фондот за здравство и Управата за извршување санкции со реформа ќе овозможат сите осудени лица што издржуваат затворска казна, да имаат здравствено осигурување веднаш по влегувањето во затворскиот систем, а не со едномесечно одложување како што беше досега. Благодарение на тоа што досега пријавувањето за здравствено осигурување одземаше 1 месец, поради административни процедури, се калемеа големи долгови што мораше да ги плаќа Управата за извршување санкции.
Препорачано
-Очекувам од затворите да бидат многу ажурни и веднаш по пристигнувањето на лицето да го пријавуваат за веднаш да добие здравствено осигурување. Досега како Управа за извршување санкции ни се имаат наталожено 600 илјади евра долг на затворите кон Клинички центар, што очекувам дека нема да биде случај со измените. И затворите се кабает, зашто не биле ажурни во запишувањата на осудениците, но службите имаа состаноци со ФЗОМ и мислам дека се е договорено како што треба и овој проблем ќе се надмине, изјави за „Слободен печат“ директорот на Управата за извршување санкции Александар Пандов.
Затворот „Идризово“ го покрива здравственото осигурување за секое лице кое издржува затворска казна, но проблемот досега бил во тоа што евиденцијата во системот доцнела.
Како установа плаќаме за здравствено осигурување за секое лице кое издржува затворска казна, но во системот евиденцијата доцни 1 месец и не се евидентира во истиот момент. Затоа, доколку во тој еден месец лицата имаат потреба од болничка интервенција, операција, преглед, во болниците се евидентирани како лица без здравствено осигурување и ние како установа сме должни да ја плаќаме целосната сума како за неосигурано лице, наместо само партиципација. Но, денеска ќе има состанок и ќе се договори од страна на директорот на Фондот за здравство и директорот на Управата за извршување на санции, како ова да се надмине и лицата што издржуваат казна затвор да имаат осигурување веднаш. Значи, во системот на ФЗОМ веднаш ќе биде евидентирано лицето и ќе се намалат трошоците, вели за „Слободен печат“ директорот на КПУ „Идризово“ Зоран Јовановски.
Поради ненавременото ажурирање на здравственото осигурување на затворениците и притворениците, на затворските установи им се калемеа големи долгови за интервенции што се изведени во болнички и амбулантски услови додека се чека лицето да се евидентира во фондовскиот систем. Се работи за околу 600 илјади евра годишен долг кој се очекува да се избегне со реформата. Затворениците имаа здравствено осигурување и досега, но проблем беше само тоа што за да биде евидентирано во ФЗОМ потребен беше 1 месец кој сега ќе „исчезне“ со новите процедури.
Јовановски вели дека се очекува реформата да почне од 1 март.
Секој ден во КПУ „Идризово“ имаме 20-30 лица кои што се пренесуваат на клиниките за медицински интервенции. Во моментов три лица лежат во болница, а болничките трошоци треба да се платат како да се неосигурани, наведува директорот на „Идризово“ .
Во извештајот на народниот правобранител за условите во „Идризово“ во 2023 година поплаките се однесуваат делумно на неквалитетната здравствена услуга, за што до него пристигнале 166 претставки претежно од осудени лица. Извештајот за состојбите и условите во казнено поправните установи во 2023 година за периодот мај-јуни 2023 година на Хелсиншкиот комитет за човекови права, наведува дека дел од осудените лица треба да се преместат од казнено-поправните установи во некои од психијатриските установи за добивање на соодветна здравствена нега поради нивната здравствена состојба.
Во тоа време, според извештајот на Хелсиншкиот комитет, здравствената заштита во „Идризово“ се спроведувала со 1 докторка и 2 медицински сестри што ја посетувале установата само неколку часа во текот на денот, што не е доволно за установа што брои над илјада осудени лица. Хелсиншкиот комитет во извештајот алармирал дека е неопходно да се обезбеди терапија бупренорфин и метадон за сите на кои им е потребна, со цел континуиран третман на осудените лица, без прекини од било кои причини, вклучувајќи го и ненавременото спроведување постапка за тендер од страна на Министерството за здравство.
На овој начин ќе се превенира црн пазар, насилство, стрес и други психички и соматски последици. Од установата не известија дека се соочуваат со огромни долгови поврзани со здравствената заштита, кои произлегуваат од фактури од медицинските установи во кои ги спроведуваат осудените лиц, а повторно поради отежнати можности за организирање на спроводи не добиваат соодветна здравствена заштита, наведуваат од Хелсиншки во извештајот за состојбите во „Идризово“ во 2023 година.