Затворени сточните пазари, пратки со животни само со сертификат, контрола на он-лајн трговијата со храна

На целата територија на земјава забранета е работата на добиточните пазари и собирните центри, пратките со животни ќе се вршат само со валиден сертификат, а ветеринарите не треба да вршат активности во одгледувалишта на луѓе кои се во самоизолација.

Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) денеска соопшти дека се донесени сет безбедносни мерки за создавање услови за безбеден и непречен проток на стоки и животни, со цел спречување на ширењето на болеста Ковид 19, согласно со послдните препораки од Владата и Комисијата за заразни болести. Воедно, АХВ престана да издава сертификати за безбедност за извоз на брашно и ги засили контролите на инспекциски служби кај операторите со храна што вршат онлајн – трговија и достава врз основа на телефонските нарачки на граѓаните.

– Се вршат проверки дали се почитуваат основните и посебните услови за дистрибуција на храна, правилата на Добра производствена и хигиенска пракса, како и дали се почитуваат препораките за спроведување на засилената дезинфекција на опремата и транспортните средства со цел намалување на ризиците и спречување на ширење на вирусот КОВИД-19, соопшти АХВ.

Најновите мерки на АХВ предвидуваат движењето на пратки со животни,  да се врши само ако животните се правилно идентификувани и придружени со валиден сертификат за здравствена состојба на животните и со документ со кој се потврдува безбедноста на храната со која се тие хранети.

-Животните смее да се превезуваат директно во кланица или на одгледувалишта кои ги исполнуваат биосигурносните услови, но, пред товарањето и по растоварот, превозното средство треба да е соодветно исчистено и дезинфицирано, за што се издава потврда од страна на овластено ветеринарно друштво. Пред и за време на превозот, животните не треба да доаѓаат во контакт со приемчиви животни со непознат здравствен статус, соопшти АХВ.

Оттаму истакнуваат дека сите животни што ќе се затекнат во промет без сертификат за нивната здравствена состојба, или кои не се идентификувани, ќе бидат одземени, убиени и нештетно отстранети, без надомест за настанатата штета, односно, на трошок на одгледувачот.

Ветеринарните друштва, пак, редовно да се информираат и да ги следат заклучоците на Владата и препораките на Министерството за здравство. Тие не треба да вршат активности во одгледувалиштата каде има лица кои се во само изолација, а активностите од областа на здравствената заштита и благосостојба кои во вакви услови се редуцирани, во населените места во кои има лица заболени од вирусот Ковид 19 да се остават последни, односно во овие области, ветеринарните активности од овој тип ќе се спроведат кога ризикот од вирусот нема да постои, наведува АХВ.

Врз основа на донесената одлука на Владата за замрзнување на цените на основните прехранбени производи (леб, сол, зејтин, млеко и млечни производи, јајца, брашно, месо, тестенини, лекови и дезинфекциони средства), Агенцијата за храна и ветеринарство во наредниов период нема да издава сертификати за безбедност за извоз на брашно.

Агенцијата за храна и ветеринарство апелира да се почитуваат процедурите за постапување во синџирот на утовар/растовар и превоз на стока во меѓународниот и внатрешниот превоз

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот