Затвор за агентот за недвижности ако не ги врати парите на оштетените граѓани

Суд илустрација/ Фото Архива

Осум месеци откако МИА го обелодени случајот во кој агент за недвижности оштети десет граѓани со измама при купопродажба на станови, во судница број осум во Основниот Кривичен суд – Скопје, денеска на обвинетиот му беше изречена алтернативна мерка – условна осуда. Според пресудата, на обвинетот му се утврдува условна казна затвор во траење од две години, доколку за три месеци од правосилноста на пресудата не ги обесштети граѓаните и за време од пет години не стори ново кривично дело.

Согласно член 114 од Законот за кривична постапка, обвинетиот се задолжува да ја надомести штетата на оштетените во целост и да ја врати во рок од три месеци.

– Доколку и по утврдениот рок, обвинетиот не го врати останатиот дел, имате право да побарате отповикување на условната осуда каде што Кривичниот совет на Кривичниот суд ќе преземе мерки. Доколку не се врати штетата се отповикува условната осуда и обвинетиот заминува во затвор. Интенцијата е да ви ги врати парите, изјави судијката Александра Ристеска.

До правосилноста на одлуката, судијката дополни дека остануваат и мерките за претпазливост на обвинетиот.

Судијката Александра Ристеска, при изрекувањето на пресудата нагласи дека согласно правната теорија измамата е дело против имотот воопшто, односно против имотните права и интереси, меѓутоа, неговото тежиште не лежи само во имотната сфера, во оштетувањето на друг, туку и во измамувањето, доведувањето на друг во заблуда. Затоа, со право се вели „не ми е криво што сум оштетен, криво ми е што сум измамен”. Оттука, покрај имотот како основен објект на напад постои и друг, поширок спектар на заштита, а тоа е сигурноста на правниот промет, и меѓусебната доверба како нејзина претпоставка.

Отежнувачки околности кои Судот ги ценел, како што наведе судијката при објавувањето на пресудата, се асоцијалното однесување на обвинетиот што го покажал извршувајќи го кривичното дело, дрскиот начин и мотивите на сторување на кривичното дело на лесен и противправен начин да оствари имотна корист за себе, како и за останатите отежнувачки околности, пред сè општествената опасност од извршување на овој вид на кривични дела, природата, карактерот на истото, тежината на стореното кривично дело, и околноста што штетата не е сè уште во целост надоместена на оштетените.

Како олеснителни околности, пак, беше споменато дека Судот неизоставно ценел дека се работи за релативно зрела личност, родител на едно дете, со законска обврска да се грижи и издржува, дека тој го призна сторувањето на кривичното дело, изрази каење пред Судот, неговото коректно држење, надомест на дел од штетата, јавно извинување на оштетените во судница и ветувањето дека во рок од 90 дена ќе ја надомести во целост штетата како и фактот дека против него не се водат постапки за други кривични дела и дека тој не е осудуван од судот и не е во судир со законот.

Агентот за недвижности на претхоното рочиште ја призна вината за стореното кривично дело и обесштети 21 отсто од целосниот износ што го должи.

– Јавно се извинувам на оштетените во оваа судница, ова ќе ми биде многу добра поука како да постапувам во животот, изјави тогаш обвинетиот, додавајќи дека во рок од три месеци ќе ги врати целосно парите кои ги должи.

Оштетените побараа вкупно оштетно побарување од околу 48 илјади евра. Деветмина изјавија дека бараат кривичен прогон за обвинетиот, додека, еден остави Судот да одлучи.

Обвинителката Ана Стојковиќ Димитровска во завршните зборови од Судот побара казна која на обвинетиот ќе му влијае како прекор за стореното кривично дело, казна со која ќе го сфати значењето на стореното, и, особено, казна која ќе го одврати обвинетиот во иднина да се јавува како сторител на вакви или други кривични дела.

Бранителот на обвинетиот, пак, од Судот побара условна осуда со која, како што рече во своите завршни зборови, „ќе се постигне целта на казнувањето”.

Пресудата следува осум месеци откако МИА го обелодени случајот и континуирано бараше одговори и го следеше случајот од пријавата за „Измама”, која беше доставена до Министерството за внатрешни работи на 23 март 2021, до оформувањето на предмет, лишувањето од слобода на агентот, определените мерки за претпазливост, па сè до Обвинителниот предлог кој следуваше веднаш по укажувањето од МИА дека оштетените во видео изјава за нашиот медиум ги споделија своите сведоштва.

Првата расправа за овој предмет беше закажана за 1 јули годинава, при што на неа обвинетиот не се појави и таа се одложи за 1 септември.  На расправата која се одржа на 1 септември обвинетиот агент за недвижности изјави дека до 20-ти септември ќе обесштети дел од сумата, а до крајот на октомври ќе го врати целиот износ од околу 48 илјади евра со кои оштетил 10 граѓани. На расправата закажана на 20-ти септември, обвинетиот повторно не се појави, со што судот му определи мерка притвор.

Потоа, обвинетиот го оправда своето отсуство со приложување медицинска документација за која Судот бараше комплетирање, со што процесот се пролонгираше. Дополнително, насроченото рочиште за 26 ноември се одложи поради отсуство поради боледување на судијката. По сето ова, главната расправа беше презакажана за 7-ми декември кога обвинетиот ја призна вината и обесштети дел од парите што ги должи.

Обвинетиот, 41 годишен скопјанец, се товари за кривичното дело „измама”, бидејќи, според обвинението, тој довел и држел во заблуда десет лица – оштетени, на кои лажно им прикажувал факти дека како агент за недвижности во своја Агенција за недвижности е овластен од име на сопствениците на станови да ги продава нивните станови на други лица. Обвинетиот ги огласувал становите и ги покажувал за продажба, со што ги навел оштетените да сторат штета на својот имот од поголема вредност.

Застапник на обвинението е обвинителката Ана Стојковиќ Димитровска, а случајот го води судијката Александра Ристеска.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот