Застрашувачко откритие на научниците: Како глобалното затоплување влијае на ширењето на заразни болести

климатски промени
Протест против климатските промени / Фото: Pexels / Markus Spiske

Последиците од климатските промени, како што се поплавите, топлотните бранови и сушите, ја влошија ситуацијата кога станува збор за ширење на повеќе од половина од познатите заразни болести кои ги напаѓаат луѓето, како маларија, хантавирус, колера и антракс, покажа новото научно истажување.

Истражувачите ги прегледале медицинските досиеја на утврдени случаи на заболени и откриле дека климатските промени ја влошиле состојбата на 218 од 375 познати човечки заразни болести, или 58 отсто.

пожар
Пожар / Фото: Unsplash/Matt Palmer

Студијата мапирала 1.006 начини на кои климатските промени влијаат на заболување на луѓето. Во некои случаи тоа се случува преку поплави и зголемување на бројот на комарци кои се преносители на болести, потоа океаните кои стануваат се потопли, топлотните бранови, сушите кои влијаат на бројот на лилјаци кои пренесуваат вируси на луѓето и слично.

Лекарите, почнувајќи од Хипократ, ги поврзуваат инфекциите со временските услови, но оваа студија покажува колку е големо влијанието на климата врз здравјето на луѓето.

„Ако климата се менува, се менува и ризикот од овие инфекции“, вели коавторот на студијата Џонатан Пак, директорот на Глобалниот здравствен институт на Универзитетот во Висконсин-Медисон.

антарктик
Топење на Анатартикот / Фото: Unsplash/Melissa Bradley

Лекарите како Пак велат дека на порастот на инфекции треба да се гледа како симптом на болеста на Земјата.

„Она што беше утврдено со оваа студија е страшно и ги илустрира огромните последици од климатските промени врз човечките патогени. Ние кои работиме на полето на заразните болести и микробиологијата мораме да ги направиме климатските промени еден од нашите приоритети и мораме сите заедно да работиме за да го спречиме она што ќе биде катастрофа како резултат на климатските промени“, изјави Карлос дел Рио, специјалист за заразни болести од Универзитетот Емори.

Покрај проучувањето на заразните болести, истражувачите ги разгледале и сите други видови на болести кај луѓето, како што се астмата и алергиите, и ги разгледале, на пример, каснувањата од животни, со цел да ја установат врската со климатските промени. Од вкупно 286 болести, дури 223 се влошиле поради климатските промени.

суша
Суша / Фото: Mike Erskine

Водачот на истражувањето Камило Мора нагласи дека е многу важно да се разбере дека ова не е предвидување, туку изјава за она што веќе се случило.

Еден случај Мора го знае од прва рака. Пред околу 5 години, куќата на Мора во рурална Колумбија се поплавила – првпат откако знае за себе, водата влегла и во спалната соба, што е идеално место за размножување на комарци… Мора се заразил со Чикунгуња, опасен вирус што го пренесуваат комарците. И покрај тоа што преживеал, и по години чувствува болки во зглобовите.

Понекогаш климатските промени функционираат на чуден начин. Мора се сеќава на случајот од Сибир, од 2016 година, кога глобалното затоплување го стопи деценискиот стар труп на ирвас што починал од антракс. Дете го допрело, добило антракс и започнало епидемија.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот