Застрашувачки резултати: Скопјани јадат целер со арсен

Во хотел „Континентал“ денеска се одржуваше презентација на резултатите од анализите направени на испитувањето на нивото на загаденост на почвата во скопскиот регион. Оваа презентација е дел од активноста „Да ја заштитиме почвата од загадување“ спроведена од Еколошкото друштво „Вила Зора“ – Велес, со поддршка од американскиот народ преку Агенцијата на САД за меѓународен развој (УСАИД). 

На 05.11.2018 година во Скопје, во близина на село Стајковце, биле земени проби од почва на длабочина од 20 и 40 сантиметри. Покрај нив, проби биле земени и од зелка, морков, од лист и од корен на целер, кои потоа биле испитани во референтна лиценцирана лабораторија во Велес.

Резултатите на почвата пред деконтаминација покажале дека кадмиум не бил најден, загаденоста со олово не е над дозволеното, но од друга страна загаденоста со арсен се покажала како 1,5 пати повеќе од дозволеното, што значи дека деконтаминација на почвата била дефинитивно потребна.

Морковот покажал 10 пати над дозволеното количество на арсен, листот на целерот 12 пати, а коренот на целерот 16 пати над дозволеното количество, што претставува чист отров.

За деконтаминација, според друштвото, потребна е поддршка од институциите и субвенционирање од надлежното Министерство.

Сепак, анализата од Анкетата на локалното население, што била спроведена во скопските пазари од страна за ЗГ „4x4x4 Балкански Мостови“ – Скопје, покажува дека и покрај тоа што 76 отсто од испитаниците сметаат дека почвата во Скопје е загадена и 77 отсто од нив сметаат дека земјоделските производи во Скопје се загадени, сепак 57 отсто сакаат да консумираат зеленчук или овошје произведени во овој регион.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот