Засилување

жанета скерлев
фото: Архива/Жанета Скерлев

Половина влада вели дека божиќните празнувања нема да бидат нарушени, другата дека е најдобро да се седи дома и да не се слави, ама сите ја препорачуваат третата доза, и покрај тоа што не се знае дали штити против омикрон или не баш.

Како симфонија на Чајковски, ова со ковидот… таман малку како да здивнавме, а некои (повеќето, да бидеме искрени) се понадеваа дека ѝ го видовме грбот на пандемијата, или дека најлошото помина или дека се појави светло на крајот на тунелот… а кога тоа, ене го возот кај иде…

Односно, да се вратам на Чајковски. Не е лесно за нов посетител на негов концерт да знае кога да аплаудира. Таман музичарите ќе засвират крешендо, там-тара-там-тара-тамтамтам, и класичарот почетник ќе почне да аплаудира, се случуваат две работи. Тој се наоѓа осамен (или со уште неколкумина како него) благо засрамен(и), а музичарите уште еднаш го свират она што само на наивниот, неук и, реков веќе, класичар почетник му личи како крај. Ама не е. Треба да го знае Чајковски за да  знае дека неговите симфонии имаат неколку делови на крајот кои личат, односно звучат како крај. Ама не се. Само звучат како крај.

Така и ова со ковидот. Беше „нормален“ ковид-19. Па почнаа разни видови, соеви како што милуваат да ги нарекуваат некои. Па почнаа подвидови. И грчката азбука несебично се понуди да дава букви. Сега сме кај омикрон. Светската здравствена организација реши да  прескокне две букви – „nu“ и „xi“ без објаснување. А на ред беа, по варијантата „mu“, откриена во август. Зошто? За луѓето да не помислат дека „nu“ е „њу“, односно нов вирус , а „ши“ е популарно име во Кина, па настрана името на лидерот таму, да не помисли некој нешто негативно кога се даваат имиња на заразни болести. И ете, настрада омикрон, за кој колку и да барате, нема да најдете ниту име ниту презиме, а засега, ниту прекар. Макар што…

Враќање на почеток?

Владата тука не чекаше, како порано, да види што и како тоа ќе се одрази врз економијата (изненадување!) туку делуваше исклучително брзо. Ни рече да не паничиме. „Ако сакаш да си дојдеш дома, треба да си брз“, беше пораката што ја доби Џефри од неговите пријатели од Кобам, зашто Јужна Африка речиси преку ноќ беше ставена на црвената листа и тој паничеше, се спакува во едно куферче (генијалец) и успеа да го фати последниот авион. Ако не дојдеше минатиот викенд, којзнае кога ќе дојдеше. Летовите од таму и од уште десет африкански  земји во моментов се забранети, а британските државјани, кои ќе успеат на некој начин да се доберат до дома, треба да поминат десет дена во карантин во определен хотел на своја сметка (околу 2.300 фунти) и минимум два ковид-теста. Засега во земјата има над 30 потврдени  „омикронци“,  но оваа бројка велат дека е веројатно поголема. Пред да се воведат мерките, стотици луѓе од африканските земји влегоа во земјата и си заминаа со средства за јавен транспорт, кој ваму, кој таму, па сега чекаме.

Во меѓувреме, се врати задолжителното носење маски во затворен простор и во јавниот транспорт и се препорачува зајакнување на вакцинирањето, односно трета доза. Половина влада вели дека божиќните празнувања нема да бидат нарушени, другата дека е најдобро да се седи дома и да не се слави, ама сите ја препорачуваат третата доза, и покрај тоа што не се знае дали штити против омикрон или не баш. Ама против ковид-19 олеснува, па сега…

Вчера министерот за здравство Саџид Џавид фати под мишка еден новинар на Скај ТВ и го однесе да се вакцинира, и покрај тоа што немаше поминато шест месеци од втората доза – сега велат дека трета доза може и по три месеци. Човекот немаше време јакната да си ја земе. Очигледно, имаме залихи. Можеби не ќе беше лошо дел од тие залихи на време да им беа дадени на сиромашните африкански земји кои сега ги блокираме, за таму да се зголемеше имунитетот и да се одбегнеше омикронот, ама па можеби вирусот ќе мутираше и вака и така. Којзнае. Дел од научниците некако се на моја страна.

Макрон ја оттвита Прити

Европската Унија одржа состанок во Кале како да се спречи шверцот на луѓе преку Ла Манш, поттикната од неодамнешната трагедија во која во гумен чамец влегоа, но не излегоа 27 луѓе што тргнаа од Франција да најдат подобар живот во Велика Британија. Констатирано е дека низ Европа постои добро организирана криминална мрежа на шверцери со луѓе и дека ова е суров мултимилионски бизнис. Интересно е што дојдоа сите, но не и Прити Пател, британската министерка за надворешни работи, која беше поканета, но потоа – отпоканета. Официјалната причина е што премиерот Борис Џонсон писмото на францускиот претседател Емануел Макрон со предлози што треба да се прави му го прати и со твит, на Твитер. За сите да го видат. А Макрон изјави дека со твитови не се води сериозна политика и Прити доби отповик. Тоа е официјалното.

Лично мислам дека на Европејците не им се правеше муабет со тука не многу омилената министерка за внатрешни работи, која досега повеќе внимание посвети како да ги избрка оние што бараат азил и оние што дури и на законски начин бараат пат до Обединетото Кралство, отколку  да најде вистинско решение да не гинат луѓе.

Еве кои беа нејзините обиди да се спречи имиграцијата. Да се инсталираат машини за правење бранови што ќе ги „избркаат“ бротчињата на бегалците во спротивен правец. Цариници со санки на вода да го патролираат Каналот и да ги одвраќаат бротчињата. Поморската полиција да се инструира да не биде милозлива и благонаклонета кон оние во чамците. Да се постават пловечки платформи за да се попречат доаѓачите. Да се однесат на нафтени платформи во Северното Море додека се процесираат.  Да се откупат бродови на кои ќе се чуваат бегалците/имигрантите/азилантите кои ќе успеат да стигнат на британско тло. Да се организираат прекуморски мигрантски центри на островите Асенсион, кои патем се по блиску до Бразил отколку до Британија, а владин претставник изјави дека се разгледувале сите опции.

Трети земји

Според весникот „Тајмс“, владата разгледувала да користи и други земји, како Папуа Нова Гвинеја, Молдавија и Мароко за идни азилантски центри и тоа како директна сугестија на премиерот Џонсон. Најново беше да има таков центар во Албанија, спомнато и на седница на парламентот тука и за што, нормално, ќе се плати надоместок , но потоа ова беше демантирано од албанската министерка за надворешни работи.

Добар дел од идеите на министерството на Прити биле инспирирани од тоа како Австралија го решава „проблемот“ со мигрантите. Истата онаа Австралија во која британската империја, откако ја колонизира, ги испраќаше осудениците од своите преполни затвори. Па не ме чуди што „инвентивната“ Прити беше отповикана.

Ама затоа на прогласувањето на Барбадос за република, кога и официјално кралицата Елизабета Втора беше отстранета како шеф на државата, беше поканет нејзиниот син, престолонаследникот, принцот Чарлс. И тој дојде. Во друштво на светската ѕвезда Ријана ја одбележаа и 55-годиишнината од независноста и полагањето заклетва на дамата Сандра Мејсон како прва претседателка. Ова го означи крајот на вековното британско влијание, кога островот беше мека на трансатлантската трговија со робови. Од која, патем, денешната британска аристократија ги влече корените на своето богатство, статус и углед.  Чарлс, за кој многумина се прашуваа што бара тука, дојде на покана на владата и беше доблесен во говорот. Ја спомна мрачната историја на островот и страшното време на ропство што го претрпе овој карипски остров. Неговиот говор наиде на добар одзив. Кралското семејство често се користи во дипломатски мисии кога на политичарите не им оди. Можеби требаше него во Кале да го пратат…

 

Видео на денот