Заштитните маски за хронично болните пациенти стасаа, ама стојат во магацин

Фото: Архива/Слободен печат

Сезоната на високи концентрации на опасните ПМ честички почна, а беслатните заштитните маски кои ги најави министерот за здравство Венко Филипче како една од мерките за заштита на граѓаните, никако да стасат кај болните. Оваа мерка се најави во јануари годинава, а тендерот за нивна набавка беше објавен дури во март, на крајот на сезоната. Иако минатата зима хронично болните не добија бесплатна маска затоа што мораше да се запази Законот за јавни набавки, оваа сезона маските стојат во магацините на здравствените домови, бидејќи се чека Министерството за здравство да каже како и кому да се даваат.

Во здравствените домови во најзагадените градови Скопје, Струмица, Тетово потврдуваат дека маските се испорачани, но тие немаат начин како да ги поделат.

– Ние немаме евиденција кој пациент од која болест боледува, ниту пак имаме прецизни насоки кои категории на пациенти ќе треба да ги добијат. Загадениот воздух го зголемува ризикот од влошување на здравствената состојба на пациенти со многу хронични заболувања. Очекуваме од Министерството за здравство да добиеме попрецизни информации за тоа кому и како да ги дадеме маските – објаснуваат од здравствените домови.

Вообичаено во вака ситуација маските би требало да се поделат преку матичните лекари, но нив засега никој не ги известил дека ќе треба да спроведат таква активност, ниту пак им објаснил кое се дијагнозите по кои пациентите ќе се селектираат. Дополнително, велат лекарите, со 40.000 маски нема да може да се покријат сите ризични категории.

Инаку Министерството за здравство маските ги купи од друштво за промет и услуги ФАРМАС МН ДООЕЛ Скопје за 722.160 денари (околу 12.000 евра). Основен критериум за добивање на тендерот е најниска цена, а вредноста на договорот е многу пониска од проценетата вредност на набавката која изнесува 3.776.000 денари. Интересно е што на интернет страницата на Бирото за јавни набавки не е достапен склучениот договор, може да се најде само известувањето за неговото склучување (https://e-nabavki.gov.mk/PublicAccess/home.aspx#/dossie-acpp/a2562567-a212-4dea-8c85-5d4301961ce3).

Од Министерството за здравство, објаснуваат дека согласно постапката за јавна набавка бр.7/2019 од 04.03.2019 година, набавени се 40.000 заштитни маски со вентил кои обезбедуваат заштита од загадување најмалку 4 пати поголемо од нормалното, со заштита над 80 отсто.

„Овие количини се распределија по јавните здравствени установи низ републиката, согласно реалните потреби, давајќи акцент на градовите каде постои зголемено загадување, особено во зимскиот период. Истите се бесплатни и се наменети приоритетно за пациентите со хронични болести, особено хронични респираторни заболувања, или возрасни пациенти со мулти коморбидитети“, се вели во одговорот.

На кои дијагнози се мисли и како маските ќе стасаат до пациентите, од министерството не кажуваат.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот