Засега само стравот од сојот омикрон е стигнат во Македонија

коронавирус, скопје, ковид-19
Графит во Скопје, инспириран од ковид-пандемијата / Фото: EPA-EFE/GEORGI LICOVSKI

Експертите велат дека новата варијанта на коронавирусот омикрон има експлозивна преносливост, а дали вакцините ќе штитат од неа, уште не е јасно. Првите случаи се детектирани во Јужна Африка, биле претежно млади лица и чувствувале необичен и интензивен замор.

На Институтот за јавно здравје во Скопје има можности да се детектира сојот омикрон на коронавирусот, но досега таков случај не е откриен, информира за „Слободен печат“ директорот на Институтот, д-р Шабан Мемети. Во меѓувреме, Светската здравствена организација ја прогласи оваа варијанта за загрижувачка. Омикрон мутацијата е регистрирана во Германија, Белгија, Италија и во Велика Британија. Новиот сој првпат беше детектиран во Јужна Африка, што придонесе Израел да ги затвори границите за сите странци, а САД го забрани авиосообраќајот од Јужна Африка. Во земјава, Комисијата за заразни болести денеска ќе заседава за сојот омикрон.

– Во однос на новиот сој на ковид-19, засега е многу рано да се каже точно. Станува збор за нов сој, кој има многубројни мутации, особено во делот на спајкот (шилецот) и сега тука е сомнежот дека е можно да е попренослив отколку сите досегашни мутации. Меѓутоа, ние имавме многу други мутации што не се проширија досега. Имаше и други сценарија, делта сојот кој секаде се прошири. Ќе ги разгледуваме сите овие работи на состанок – најави министерот за здравство Венко Филипче.

Професорот на Медицинскиот факултет доктор Никола Пановски за „Слободен печат“ вели дека е рано да се коментира што било за овој сој, бидејќи СЗО го истражува и нема доволно информации да се каже дали тој ќе го оспори имунитетот од вакцините.

Д-р Злате Мехмедовиќ од Здравствен дом Скопје вели дека овој сој е за 500 пати попренослив од сојот делта, според она што го објави Институтот за микробиологија и биотехнички науки во Австрија.

– Има експлозивна преносливост, го избегнува имунитетот и претставува варијанта што внесува загриженост во СЗО, што е доволен показател за сериозноста – вели доктор Мехмедовиќ за „Слободен печат“.

Според д-р Анџелик Кутзи од Јужноафриканската медицинска асоцијација, која првпат ги предупредила здравствените власти за новиот сој, пациентите имаат невообичаени симптоми.

– Пациентите најмногу се жалат на болки во телото и екстремен замор. Тоа го гледаме кај помладите, а не кај повозрасните. Симптомите на новата варијанта се невообичаени, но благи. Првпат дојдоа во мојата ординација во Преторија на почетокот на ноември жалејќи се на силен замор – вели таа.

Според доктор Кутзи, новиот сој може да се појави и кај постари луѓе со срцеви заболувања и дијабетес.

Фармацевтските компании се во процес да откријат дали вакцините ќе бидат ефикасни против варијантата омикрон, а ако не се, уверуваат дека имаат можности да ги адаптираат за новиот сој. Речиси 8 милијарди дози вакцини во светот се веќе администрирани, со што се поставува дополнителна дилема дали сето тоа ќе биде залудно поради новата варијанта. Експертите не знаат дали овој сој ќе предизвика потешка клиничка слика, но засега СЗО објави дека постои ризик од реинфекција.

Од Глобалната алијанса за вакцинација велат дека новиот сој е показател дека вакцините не се еднакво дистрибуирани насекаде во светот поради што вирусот мутира продолжувајќи ја пандемијата. Во Јужна Африка само 36 проценти од луѓето се вакцинирани.

– Ќе можеме да спречиме појава на варијанти само ако ги заштитиме сите, не само богатите – рече Сет Беркли, првиот човек на ГАВИ.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот