Засега без договор за „државјанства со сведоци“

Зоран Заев и Африм Гаши / Фото: Слободен печат, Архива
Зоран Заев и Африм Гаши / Фото: Слободен печат, Архива

Според Заев, станува збор за 2.727 барања за државјанства, за нешто повеќе од 3.200 граѓани, од кои 1.500 кои не живеат тука, а 700 граѓани се т.н. фантоми, граѓани што се родиле и пораснале во Македонија, но никогаш не добиле државјанство.

Средбата меѓу владиниот тим, предводен од премиерот Зоран Заев, со лидерите на Алијанса и Алтернатива, Зијадин Села и со Африм Гаши, заврши без конечен договор. По средбата Заев рече дека е направен сериозен исчекор, чија цел е оформување на законскиот текст, за кој парламентот треба да одлучува наредната недела. Јавноста не доби одговор дали е тргнато барањето да се издава државјанство со сведоци.

– Се видоа детално бројките колку граѓани има кои немаат државјанство, или кои не стекнале државјанство со брак, или поради враќање во земјата ги бараат државјанствата… Ги отворивме сите важни прашања, заокруживме доминантни европски практики. Годините за стекнување државјанство кај нас е престој од осум години, имаме европски земји каде што имаме пет, седум, десет години. Ќе се извади еден просек, и согласно со Европската Унија, ќе се формира една бројка, рече Заев.

Заев верува дека во Собранието, амандманите ќе бидат повлечени и дека тоа ќе биде деблокирано.

– Верувам дека ќе бидат тргнати амандманите, и не само од Алијанса и Алтернатива, туку и од ВМРО-ДПМНЕ, рече Заев.

Според него, станува збор за 2.727 барања за нешто повеќе од 3.200 граѓани, од кои 1.500 кои не живеат тука. 700 граѓани т.н. фантоми, граѓани што се родиле и никогаш не добиле државјанство.

И лидерот на Алтернатива Агим Гаши рече дека има напредок во преговорите и за неколку дена би можело да се дојде до заеднички решенија.

– Ние сме оптимисти дека за неколку денови можеме да дојдеме до еден заеднички текст и решенија, кои би довеле до завршување или окончување на проблемот со законот за државјанство. И ние и власат се базираме на стандарди кои се применуваат во најразвиените европски држави, рече Гаши.

Според неофицијални информации на „Слободен печат“, на денешната средба копјата најмногу се кршеле околу владиниот предлог наместо Закон за државјанство да има преодна одредба која ќе важи само шест месеци. По истекување на рокот, на сила да се врати постојниот Закон за државјанства, понуда тешко прифатлива за АА/А бидејќи тие бараат нов закон за државјанства. Неодамна претседателот на Алијансата Зијадин Села за Радио Слободна Европа ја потврди изјавата на премиерот Заев дека државјанство ќе се добива со некаков документ со кој ќе се потврди дека лицето живеело во Македонија, а не со сведоци.

Во меѓувреме во Собранието со илјадници амандмани од Алијанса и Алтернатива се блокирани законите од петтиот пакет економските мерки, главно финансиска помош за над 20.000 граѓани, но и на деловните субјекти на земјата. Законот за државјанство, пак, е блокиран со амандмани на ВМРО-ДПМНЕ. Неодамна партискиот лидер Христијан Мицкоски најави дека ќе ги повлечат амандманите, но прво треба да го видат договорот меѓу Заев, Села и Гаши за добивање македонско државјанство.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот