Засадени седум платани по повод 70-годишнината на Градежниот и Архитектонскиот факултет

Седум садници од видот платан по повод 70-годишнината од формирањето на Факултетот за градежништво и архитектура, од кој произлегоа денешните Градежен и Архитектонски факултет, во рамките на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј” во Скопје, беа засадени денеска.

На настанот присуствуваа градоначалникот Петре Шилегов и деканите на овие две високообразовни институции.

– Градот Скопје на симболичен начин ја честита 70-годишнината на овие два факултета, односно за секоја деценија постоење засадивме по едно дрво. Овој парк Градот Скопје го уреди минатата есен, целосно го обновивме зеленилото и поставивме соодветна урбана опрема. Проектот беше реализиран преку потпишување меморандум за соработка меѓу Град Скопје и двата факултета кои го делат овој простор. Овие врати повеќе не се затвораат, а овој парк освен што е двор на факултетите, претставува и јавен простор кој може да го користат граѓаните. Ние имаме добра соработка со овие два факултета и добиваме добри совети во однос на идниот исправен развој на градот, а таа соработка во иднина и ќе ја продлабочиме,  изјави Шилегов.

Тој потсети дека оваа есен беа засадени над 7.000 садници на различни локации во сите градски општини, беа подигнати неколку нови паркови и беа разубавени неколку постојни парковски површини. Подигнати се и нови дрвореди долж градските улици и булевари, дополнети се постојните дрвореди, обновено е средишното булеварско зеленило, а уредени се нови зелени површини и мали зелени плоштади.

Како што соопштија градските власти, подигнувањето нови зелени површини останува на врвот на листата приоритети на Град Скопје, а во исто време се работи на обнова на загубеното зеленило. Целта е градот да добие повеќе чисти зелени површини.

Во таа насока, Шилегов ги повика и другите научно-образовни институции да засадат дрвја во своите дворови и во соработка со Градот Скопје да ги уредат со зеленило.

На настанот се обрати и деканот на Архитектонскиот факултет, Огнен Марина, кој ја поздрави добрата соработка со Градот Скопје.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот