Засадени 40.000 дрвја во рамки на акцијата за пошумување „Сончева гора”

фото: МИА

Во изминатите два месеци, се реализираше акцијата за пошумување на шумските насади наречена „Сончева гора” во чии рамки Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство заедно со „Национални шуми”, волонтерите на „Пивара Скопје” и локалното население засадија околу 40.000 дрва – 10.000 во Ќојлија (Петровец) и 30.000 во Велес, во близина на езерото Младост, информираат од Министерството за животна средина и просторно планирање.

– Со оваа акција се реализираше ветувањето што беше дадено оваа пролет од „Пивара Скопје”, „Мен енд Маунтен”, и „Пакомак”, поддржани од Министерството за животна средина и просторно планирање, по акцијата за чистење на отпад – „Генералка викенд 2022″ – за секои 10 килограми отпад што ќе се соберат, да се посади по едно дрво. Еко-акцијата беше спроведена во 26 општини ширум земјата, а во неа учествуваа над 8000 волонтери, со што заслужено го доби приматот – најмасовна еколошка акција која досега била спроведена во нашата земја, соопштуваат од МЖСПП.

Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски ја поздрави акцијата и ја истакна важноста на ваквите акции и заложбата за заеднички придонес кон подобрување на квалитетот на живот во нашата држава.

– Драго ми е што по „Генералка викенд”, ова е прва од десетте вакви акции кои ќе следат. Тука сме да дадеме максимална поддршка, но воедно и да ги поттикнеме сите заедно да се приклучат. Зелената транзиција е еден од петте приоритети на Министерството, нашата цел и фокус е да го промениме начинот на размислување, навиките, но и да дадеме поддршка на она што значи живот. Секое едно дрво значи живот, вели министерот Николовски.

Генералниот директор на „Пивара” Скопје, Горан Сладиќ го изрази своето задоволство за неверојатниот успех и позитивни резултати од оваа акција и повика на уште поголема масовност во акциите што следат.

– Горд сум на сите волонтери и пиварци кои беа дел од оваа акција и им честитам од срце за постигнатиот успех! Заедно со нашите партнери посадивме 40.000 дрвја. За „Пивара” Скопје, ова е исклучително важно бидејќи ни помага да ги споиме двете најважни стратешки иницијативи – „Свет без отпад” и сета посветеност која ја имаме за намалување на јаглерод диоксид. Ја користам оваа прилика да ги повикам сите наши партнери да ни се придружат и заедно да ја направиме нашата земја уште подобро место за живеење, вели Сладиќ.

Поздравувајќи ја иницијативата, министерот за животна средина и просторно планирање Насер Нуредини, им го честита успехот на организаторите на големата еко акција.

– Трансформација на приближно 400 тони собран отпад во дрвни насади и со тоа создавање на „Сончева гора” е видлив бенефит за сите! Ова е одличен пример како правилниот однос кон отпадот, волјата да се собира и рециклира, вклучувајќи иновативен пристап и креативност, од отпадот од минатото може да се гради зелена иднина, истакна Нуредини.

Од МЖСПП нагласуваат дека целта на „Генералка викенд” и „Сончева гора” е да се исчисти земјата од отпадот на минатото и да се рециклираат во зелена иднина во следните десет години – од 30-ти до 40-тиот роденден на нашата земја.

– Сите слоеви на општеството надвор од сите етнички, социјални и политички граници ги здружуваат силите за да направат одржлива промена во начинот на кој постапуваме со нашата животна средина и управувањето со отпадот. Горди сме на сите луѓе во нашата земја, кои избраа да ја направат вистинската работа: чување и грижа за нашата земја со цел градење иднина за нас и за генерациите што доаѓаат, споделија Гордана Софија и Ханес Јаецкл од „Мен енд Маунтен”.

Целокупната неопходна инфраструктура за собирање, селекција и соодветен третман на отпадот ја обезбеди „Пакомак”.

– Акцијата е добар пример визуелно да се прикаже циркуларноста на отпадот. На секои 10 килограми отпад што ги собравме изминатиот период, Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство донираше по едно дрво кое денеска го садиме. Ова е уште еден доказ дека со селекција на отпад и правилно управување со истиот можеме да придонесеме за позелена планета, вели Филип Ивановски, извршен директор на „Пакомак”.

Од МЖСПП посочуваат дека со „Генералка викенд 22″ се заокружува со пошумување на „Сончева гора 2022″ со приближно 40.000 садници, еквивалент на вкупниот отпад од приближно 400 тони, собран во 2021 и 2022 година.

– Организаторите изразија огромна благодарност до волонтерите кои несебично одвоија дел од своето време, ги „засукаа” ракавите и ги извалкаа рацете, сè со цел да покажат дека чистата животна средина зависи од секој поединец. Со нови сили и уште поголема мотивација организаторите продолжуваат кон остварување на целта, а тоа е 2031 – чиста и зелена земја, велат од МЖСПП.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот