Заробена на аеродром: Без азил ја чека смртна казна
Поранешната иранска мисица Бахарех Заре Бахари (31) последниве три недели е заробена на аеродромот на Филипините и се плаши за својот живот.
Бахари неодамна објави видео во кое изјави дека се плаши за својот живот. Поранешната мисица се плаши дека властите ќе ја депортираат назад во Техеран, каде што ѝ се заканува смртна казна бидејќи го критикувала иранскиот режим.
На 17 октомври Бахари побарала азил, а одлуката треба да се дознае на 11 ноември. Дотогаш мора да користи јавен тоалет и да спие во мала соба.
„Не ми е добро. Ми паѓа косата од стрес. Понекогаш психички толку лошо се чувствувам, овде немам приватност бидејќи нема врата во собата и секогаш сум загрижена кога сакам да се преслечам“, изјавила и додала дека ментално ја убива собата во која спие.
„Сите ѕидови се бели, креветот е бел, сè е бело. Секогаш е осветлено. Кога го проверувам мобилниот не знам дали е седум часот наутро или седум навечер. Го губам времето, а понекогаш го губам и разумот“, додала.