Зар и ти, ќерко, Меркел?!

Сашо Орданоски. / Фото: Слободен печат

Во четврток, неделава, Заев во Берлин ќе се сретне со г-ѓа Меркел. Сите знаеме за што ќе се разговара на таа средба.

Најверојатниот исход од таму кажаното ќе биде најавата на Заев, во петок, дека Република Северна Македонија, годинава, оди на предвремени парламентарни избори.

Навистина е жално што Македонија, на општо изненадување, најлошиот надворешно-политички удар, во мошне чувствително време, го добива токму од Германија. Односот помеѓу Заев и Меркел внимателно се градеше преку дипломатски и вондипломатски канали во последните две-три години врз, наводно, обострана доверба во тие релации. И тој однос делуваше охрабрувачки за Заев да се нафати да го одработи и да го постигне Договорот од Преспа. Како што може да се испостави, неразбирливото гледање на балканската геополитика од страна на Германија, сосема ќе ја поништи принципиелната основа врз која се темелеше соработката помеѓу канцеларката и премиерот, но и помеѓу двете земји. Повторно интересите, а не пријателствата, ја движат меѓународната политика.

За нас, Балканците, ништо ново: нам ни е во генерациското генетско политичко наследство политиката да ја разбираме како игра на насмевки, празни зборови и лажни ветувања, до првиот опортунистички момент за погазување на дадениот збор или за неисполнување на преземените обврски. Во последните триесетина години се изнагледавме разно-разни политички калкуланти по сите балкански географски широчини и должини.

Но, кога нешто слично, во зло доба, ќе ти дојде од некој современ германски политичар, па уште и нивен канцелар, човек навистина да се запраша на што се сведе модернава политика?!

Се осмелувам да прогнозирам дека овој потез на „железната Меркел“ драматично ќе се одрази врз позициите на Германија, но и на Западот, генерално, на Балканот. Ќе ликуваат оние кои отсекогаш тврделе дека не се исплати, под притисок од Западот, да се прават големи внатрешни и надворешни политички компромиси и дека единствениот „од големите“ со кого, всушност, вреди да се прави договор – јавен или таен, сеедно – е Путин. Еден Орбан делува како „морална величина“ од побратим, а Ердоган што ќе ти вети, тоа ти е како Господ да ти ја ставил раката на рамото!

Со гласен кикот и исмевање на Заев во барем неколку балкански престолнини повторно ќе се поентира „лицемерството на Западот“, на „Берлинскиот процес“ ќе му се отсвири суштински фајронт, а ќе се извадат од минатото разни апокрифни прикаски, прераскажани сеќавања и анегдоти за „партизаните и Германците“, слично како што кај политичките радикали и националистите во Грција, пред само некоја година, германските делегации се дочекуваа со навредливиот ес-ес-поздрав со високо исправена рака нагоре.

Можеби Мицкоски беше во право кога ја дружеше Меркел во Скопје и ѝ раскажуваше прикаски за референдумот што таа сакаше да ги чуе, а зад нејзиниот грб си ја тераше политиката што неговите гласачи сакаа да ја чујат!? Тие се, сепак, од истото европско партиско семејство, божем споделуваат слични вредности, би требало подобро да се знаат и разбираат…

Но, да не сме ние малку пречувствителни и дали Заев нема да претера доколку, разочаран од ЕУ и посебно од Берлин, реши да ја распушти Владата чија евро-интегративна агенда, без отпочнување на преговори, со право ќе ја смета за темелно поткопана?

Калкулациите за тоа веќе ги направивме и ништо битно во таа сметка нема што да се додаде. Одлуката на Заев, каква и да е, треба да биде донесена без многу емоции и со „студени глави“ кај неговите соработници.

Доколку вестите од Берлин се испостават како разочарувачки, горчината и по некоја поука од актуелната политика на Германија, ќе ни служи за памет, на сите.

Извор: Цивил Медиа

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот