Запознајте го Алекс, момчето што со насмевка ги освојува Скопјани и нивните мисли

Збор-два е заедница која го поттикнува ширењето на позитивната мисла и е поканувачки простор за кој сме желни, простор исполнет со убави препораки, музика, храбри прашања и квалитетни мисли.

Алекс го запознав сосема случајно, преку низа комуникации и релации со други луѓе и она што ми остави впечаток е дека – човекот зборува за идеи. И неслучајно ги остварува. Професионално, Александар Лазовски е дел од лабораторијата за социјални иновации СмартАп, како ко-основач и програмски менаџер и млад човек кој има визија за иднината.

Она што ни привлече внимание, е токму неговата желба за изразување преку неговиот подкаст кој неодамна доживеа петтата епизода, со едноставно, муабетчиско име „Збор два“.

Алекс ни го презентира новиот начин на зближување со луѓето преку аудио, дури и радиофоничен пренос на она што сакаат да го раскажат, прераскажат, соопштат. Во современиот контекст во кој се наоѓаме, бирање прашања кои не се сувопарни, а чепнуваат малку подлабоко во нас, преку оваа платформа, тој ја трансформира онаа форма на класично интервју и го збогатува својот пристап преку бирање случајни „гости“. И не толку случајни. Оваа дигитална приказна која е хибриден, речиси кусометражен филм без слики, е човечката потреба за дијалог, за разговор по тешката година што ја поминавме, но и за прегратка со зборот, со јазикот кој ни помага да ја артикулираме нашата мисловна и емотивна состојба. Подкастот како медиум е совршен начин да се пренесе вредноста за солидарноста, грижата едни за други и да се рашири низ различна генерациска публика.

Ние решивме да ги смениме улогите и му поставивме неколку прашања, токму онака како што тој поставува прашања на Скопјани, но и на сите оние кои сакаат да кажат збор –два, па и повеќе.

Што беше првиот порив за создавање ваков производ?

Како што е редот и како добар „подкастер” (ако тоа воопшто е термин), ќе го започнам ова интервју наместо со одговори, со неколку кратки прашања од каде се појави зачетокот на оваа идеја а потоа умешно, како некоја „лингивистичка нинџа“ во една  реченица ќе ви ја претставам намерата на она што се обидувам да го изградам со Збор-два.

  1. Колку од сите разговори во кои си учествувал во твојот живот чувствуваш дека имале суштествено влијание врз тебе и твојата личност? Колку од нив би ги оценил како квалитетни и храбри разговори?
  2. Кога последен пат си се запрашал за мислењата, идеите и ставовите на случајни минувачи кои фантомски го одминуваат твоето секојдневие? Кога последен пат си запознал некој спонтано? Кога последен пат си бил надвор од комфор зоната?

Затоа, со „Збор-два“ сакаме да ги размрдаме, раздвижиме и разбрануваме разговорите на што повеќе луѓе, зближувајќи и правејќи нè посилни во оваа бесконтактна криза низ која заедно поминуваме. Збор-два е заедница која го поттикнува ширењето на позитивната мисла и е поканувачки простор за кој сме желни, простор исполнет со убави препораки, музика, храбри прашања и квалитетни мисли.

Она што се забележува е дека внимаваш на сите детали во концептот (комплетна снимка, интермецо со музички џингл, вклучително и дизајн на секоја епизода). Со овие елементи, секоја епизода е мало уметничко дело посветено на оној кој зборува. Грешам во проценката?

Поласкан сум што навистина ти се допаднало, и твоите и коментарите на голем дел од луѓето кои веќе редовно ги слушаат епизодите ми дава многу моттив да продолжам понатаму. Мора да признаам дека пред да ја едитирам мојата прва епизода за процесот на едитирање на аудио фајлови имав вкупно знаење од некои 3-4 часа кратка обука и неколку брзи туторијали. Како и за неколку други работи во мојот живот, јас сум воден по интуиција и работите како „магично“ да ми доаѓаат. Можеби звучи чудно. но на пример мојата желба само да креирам и да се обидам да извадам само една аматерска епизода ме донесоа во момент едноставно само да седнам и да го направам нештото, без премногу планирање туку со отворен ум насочен кон акција. Fast forward, како што милувам да кажам во подкастот, од една епизода излегоа пет, а ќе следуваат и уште многу повеќе (можеби и на англиски јазик) бидејќи има интерес и желба за убаво расположение секој вторник кога излегуваат епизодите.

Инаку, ова е добро прашање и бидејќи ме поттикна да се рефлектирам и на својот креативен процес. Би рекол дека оваа моја наивност и мало познавање ми дадоа многу креативна слобода, бидејќи за мене не постојат премногу референтни точки кон кои би се врзал. Главната цел ми беше и сè уште е да создадам нешто кое и јас би сакал да го слушам а не нешто кое е креирано по класичниот шаблон за тоа како треба да изгледа еден обичен подкаст. Во епизодите инвестирам доста време и се обидувам да внесам ефекти, музика и разни чудесии со цел да развијам уникатна приказна и да ја одржам динамиката. Овде сум многу благодарен што после долго време имам можност да имам личен креативен вентил преку кој можам да создавам патешествија за слушателите, носејќи ги на пат низ моето доживување на соговорниците и нивните одговори.

Зошто името „Збор – два?“  Сакаш да го зачуваш оној маалски, квалитетен разговор и средба тет-атет со јазикот, со човекот сам по себе?

Збор-два како име на овој подкаст е предизвик, но и критика самото по себе. Предизвикот лежи во храброста на гостинот да ужива во прашањата и разговорот и да собере сила за збор-два па и три, четири, пет и така натаму. Критиката пак е насочена кон нашата чудна, симпатична и малку смешна инхибиција да не може да размениме повеќе од Збор-два во овие дигитално-модерни времиња кога летаат твитови, се куцкаат букви со илјадници коњски сили на час и се „спамаат“ насмевки. Затоа и ми е интересно како име, бидејќи кога станува збор за муабет луѓето различно го доживуваат терминот Збор-два. Повеќе од тоа, сакам кога сфаќањето на подкастот и прашањата доаѓа од чувството на опуштеност па затоа и маалскиот и лежерен дел е многу важен, затоа што таму се кријат најубавите моменти. И да, некогаш Збор-два треба да си кажеш и сам на себе а овој подкаст е таков, шанса да се спознаеш преку муабетот и размислувањата на другите.

Колку се отворени луѓето во скопскиот амбиент за ваков опуштен, вреден, личен разговор и перспектива? Луѓето сакаат да зборуваат, или не се комотни да бидат во „центарот“ на прашањата?

Еден целосно обичен ден се решив да направам нешто навидум необично, а тоа е да запознаам случајни луѓе кои ги среќавам во парк и со нив да зборувам за позитивни и убави нешта. Иако подготвен со мало тефтерче, неколку нашкртани прашања, маичка Скопјанец и доста самодоверба сепак во мене во тие рани денови постоеше резервираноста, постоеше стравот дека ќе биде “класика”, дека нема шанси луѓето да зборуваат со мене на вакви теми…

И, како по навика, животот повторно ме изненади.

Денот го завршив во обид да интервјуирам вкупно шест групи. Од нив, сите шест прифатија да бидат дел од првата сезона на т.н. „Парк муабети“. И, за да бидат нештата уште поинтересни, до денеска не постои група и/или индивидуа која го има одбиено интервјуто. Напротив, мислам дека пристапот кој е искрен и без сериозни очекувања и кој е исполнет со позитивна енергија е многу важен за некој да се отвори и да проба да излезе од својата комфор зона. Исто така, би кажал дека луѓето во моментов се желни за поврзување, за споделување и за чувствување повеќе од било кога и тоа го гледам и во брановите кои ги создаваат со нивните одговори, но и во самата нивна реакција на мојата идеја и иницијатива.

Досега кои се искуствата и чувствата кај тебе по петтата епизода? Знам дека случајно бираш соговорници, како им приоѓаш, што значи за тебе таа релација и комуникација?

На шега, би рекол дека се чувствувам евентуално (се смее).

Но сериозно, би рекол дека пред се сум многу позитивно изненаден од спонтаноста на она што го нарекуваме живот. Пред месец дена тргнав со идејата да излезам еден сончев ден да си помуабетам со рандом луѓе со личната намера да излезам малку од својата комфор зона која долго време ме мачеше и да поставам една епизода која ќе ја слушнат дваесетина луѓе. Сега, месец дена подоцна, Збор-два има редовни фанови и слушатели и почнува да наликува на иницијатива, на заедница, на простор во кој луѓето пишуваат убави коментари и фидбек за епизодите, каде што споделуваат одговори на позитивни и интимни прашања и каде што се трудам да се насмеат и разведрат едни со друг. Се чувствувам радосно и се чувствувам дека правам нешто кое многу му недостасува пред се на мојот град, но и пошироко а со тоа доаѓа и чувството на одговорност но и инспирација кон и од оние кои ме поддржуваат. Ова се некои нови чувства кои ги спознавам и во моментов ми е ја прават работата многу интересна.

За гостите, нема некој уредно втемелен и кодифициран правилник (барем не сè уште). Главно се обидувам да зборувам со рандом луѓе кои физички за првпат ги запознавам но некогаш знам да поканам и се запознаам по некој соговорник кој го сметам за интересен, кој е според мене извор на убава енергија и позитивна мисла.

Конекцијата со соговорниците и пристапот се 90% од мојата работа, тие се најважните елементи во иницијативата и во подкастот. И за среќа, таа жичка ја влечам од страната на мајка ми. И јас и таа можеме со часови да си муабетиме со таксисти, случајни луѓе во автобус, сладоледџии, келнери и келнерки… Тоа е некој природен порив кој го осознавам и активирам во мене штом почуствувам покана за убав разговор. Тешко ми е да го објаснам но зачудувачки (и јас си се чудам) лесно ми е да го направам, особено ако смогнам храброст!

Подкастот остава простор за слободен израз и печат во аудио, но и видео формат. Би се замислил некогаш како водич низ видео галаксијата?

За сега, многу си го сакам каков што е. Го кажувам ова бидејќи од неодамна сфатив дека користењето исклучиво на аудио формат дава една неверојатна слобода за говорникот, особено кога е зад завесата на анонимноста. И оваа слобода е обострана, и од страна на говорникот кој не ја чувствува тензијата на камерата и може да биде опуштен и целосно внесен во разговорот и од другата страна, и кај слушателот кој може да го доживее соговорникот само со моќта на својата имагинација. Ова остава простор за разбирање, за доживување на другиот без стегите на општествените рамки, портрети, бои, предрасуди и улоги кои си ги носиме. Во последно време размислувам за идејата да се обидам да направам кратки видео анимации од некои клучни извадоци и цитати од соговорниците со цел во пократок формат да ги пренесам нивните мисли низ некоја уметничка манифестација на поинаквото разбирање за зборовните поими. Но, пред тоа, следната цел ми е да приберам што повеќе добри прашања и да организирам настан со првата тест верзија од играта со прашања „Збор-два“. Го замислувам овој настан на Плочник, со поканети рандом луѓе кои „сурфаат“ низ прашањата дури сонцето полека заоѓа а тие само што почнуваат да се запознаваат. Најмногу од се, сакам да успеам со ова што го правам да поттикнам луѓето да размислуваат подлабоко, да споделуваат повеќе и активно да рефлектираат на позитивните работи во својот живот, со насмевка и присутност.

Ти благодариме Алекс за Збор – два! Сите епизоди можете да ги погледнете на овој линк.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот