EPA-EFE/Jessica Gow

Започнува Светското ракометно првенство: Данска го брани златото, Македонија посакува Главна фаза

На Мундијалот што започнува денеска фокусот најмногу ќе биде на Данска која го брани златото, а се смета и за најголем фаворит за врвот на подиумот. Најголеми шанси да и ја земат титулата на Данска им се даваат на Франција, Германија, Шпанија… За Македонија општите предвидувања се дека ќе успее да се пласира во Главната фаза. Македонија стартува утре во дуел со Унгарија (20.30 ч)

Светското првенство во ракомет, мажи, започнува денеска во своето 29. издание. Данска го брани тронот и е најголем фаворит за златото. Македонија го бележи деветтото учество на мундијалите, седмо во низа и во Групата Д, заедно со Унгарија, Холандија и Гвинеја ќе се бори за едно од трите најдобри места и за влез во Главната фаза. Стартот на ова СП Македонија ќе го има утре (20.30 ч), во дуел со Унгарија во Вараждин.

Данска сака да ја освои четвртата светска круна во низа, откако на минатиот мундијал постигна дотогаш незабележан хет-трик светски титули. Ѕвездата Микел Хансен сега е во пензија, но играчите како Матијас Гидсел и Симон Питлик се гаранција Данците повторно да бидат фаворити. Актуелниот олимписки вицепрвак Германија е меѓу најсериозите предизвикувачи, заедно со вицешампионот на СП 2023 година Франција и бронзениот медалист Шпанија.

Европа е главна мундијалска сила

Само европските репрезентации биле победници во историјата на мундијалите за мажи, а Катар е единствениот неевропски тим што стигнал до финалето (2015). Египет повторно ќе ги предводи неевропските предизвикувачи. Во рангирањето пред стратот, прва е Данска, следуваат Франција, Германија , Хрватска… Прва неевропска земја во ранкингот е Египет (7). Македонија е 22. од 32.

Ова е прво светско првенство што ќе се одржи во три земји, Хрватска, Норвешка и Данска. Учествуваат 32 репрезентации поделени во осум групи во прелиминарната фаза, а најдобрите три екипи од секоја група напредуваат во главната рунда. Осумте елиминирани екипи продолжуваат во Претседателскиот куп.

Бодовите од прелиминарната фаза на квалификуваните тимови се пренесуваат во Главната рунда во која има четири групи од по шест екипи. Најдобрите два тима во секоја од тие групи ќе поминат во нокаут-фазата која започнува со четвртфиналето… Финалето се игра во Осло на 2 февруари.

Ѕвезди на турнирот

Иако Микел Хансен е во пензија, Данска сè уште има голем квалитет целиот терен со Гидсел, Питлик, Лукас Јоргенсен и голманот Никлас Ландин. Гидсел беше прогласен за МВП на минатото СП, а голманот на Барса Емил Нилсен му дава квалитет плус на тимот. Норвешка сè уште нема светска титула (вицепрваци во 2017, 2019), а како домаќин ја посакува. Главни адути и се Сандер Сагосен, Барум Тобијас Грендал.

Ова е последен мундијал за капитенот на Хрватска Домагој Дувњак (36). Тој е ѕвезда на светскиот ракомет над една деценија и ги освои титулите во Лигата на шампионите со ХСВ Хамбург (2013) и Кил (2020). Иван Мартиновиќ и играчот на годината во 2017 Лука Циндриќ додаваат на квалитетот на „коцкестите“.

Шпанија е вечен фаворит на големите натпреварувања, но не се качила на највисокото скалило. По двете бронзи на минатиот мундијал и на ЛОИ 2024, тимот предводен од Алекс Дујшебаев и голманот Гонзало Перез де Варгас се надева дека овојпат ќе се пласира во финалето.
Африканскиот шампион Египет ќе се обиде да стигне до полуфиналето првпат од 2001 година. Со играчи како Јаја Омар од ПСЖ и ветеранот Мохамед Санад, „фараоните“ имаат квалитет.

Целта на Македонија

Македонија минатиот Мундијал го заврши како последна во групата и на крајот го освои 27. место од 32 тима. На овој Мундијал реална шанса на четата на Кирил Лазаров е да го поправи ова, иако тешко може да се замисли да стигнеме до деветото место што е најдобар пласман на црвено-жолтите на мундијалите (2015).

Македонија на овој Мундијал игра со сите ракометари од домашни клубови, што е првпат за нашата репрезентација на големо натпреварување. Младиот тим на Лазаров има потенцијал што го покажа на тест средбите, особено кога ја намачи Хрватска иако изгуби 27-25. Би било многу чудно Македонија да не се пласира во Главната фаза, но, тешка ќе биде задачата таму да пренесе бодови, затоа што е аутсајдер против Холандија и Унгарија. Нашата Група Д, за главната фаза вкрстува со Групата Ц, во која се Франција, Австрија, Катар и Кувајт.

Најголем голгетерски потенцијал во македонскиот тим има капитенот Филип Кузмановски, левиот бек на Еурофарм Пелистер, кој е шести најдобар стрелец во ЛШ 2024/25 (61 гол). Марко Митев, средниот бек на Алкалоид ќе има важна улога, исто како и голманот на битолчани Никола Митревски, кој е најдобар кога е најтешко. Десната бековска позиција ја покрива Мартин Серафимов (Алкалоид), кој е во добра голгетерска форма…

EPA-EFE/Lukasz Gagulski

Арени, фаворити за МВП

Најголемата арена е во Загреб (15.200 гледачи), а во Хрватска ќе се игра и во арената Затика во Пореч (3.500) и во вараждинската арена (5.200). Ќе се игра и во Јуске банк боксен во Хернинг (Данска) со 15.000 гледачи, односно во Јунити арена во Осло (Норвешка) со 13.000 капацитет.

Што се однесува до тоа кој ќе биде МВП на првенството, најсилен фаворит е десниот бек Матијас Гидсел (Фуксе, Берлин) кој беше МВП и на минатото СП. Десниот/централен бек Недим Ремили од Франција (Веспрем), голманот Емил Нилсен од Данска (Архус), голманот на Германија Андреас Волф (Кил), десниот бек на Франција Дика Мем (Барселона), се исто така фаворити за МВП.

Групи

Група А: Хернинг (Данска): Германија, Чешка, Полска, Швајцарија.
Група Б: Хернинг (Данска): Данска, Италија, Алжир, Тунис.
Група Ц: Пореч (Хрватска): Франција, Австрија, Катар, Кувајт.
Група Д: Вараждин (Хрватска): Унгарија, Холандија, Македонија, Гвинеја.
Група Е: Осло (Норвешка): Норвешка, Португалија, Бразил, САД.
Група Ф: Осло (Норвешка): Шведска, Шпанија, Јапонија, Чиле.
Група Г: Загреб (Хрватска): Словенија, Исланд, Куба, Кабо Верде.
Група Х: Загреб (Хрватска): Египет, Хрватска, Аргентина, Бахреин.

 

Денеска, 1. коло

Група Б: Италија – Тунис (17.30 ч), Данска – Алжир (20.30).
Група Ц: Франција – Катар (18 ч), Австрија – Кувајт (20.30).

Хандбал-Планет: Данска прв фаворит за светската титула, Македонија ќе го освои 22 место

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот