Започна реконструкција на улицата „Индира Ганди“

Екипи на Град Скопје, по повеќе децении, денеска ја почнаа реконструкцијата на улицата „Индира Ганди”, што е на граница меѓу општините Бутел, Чаир и навлегува во Шуто Оризари.

Градежните активности ќе траат 30 дена, а ќе ги изведува градежното претпријатие „Бетон”. Вредноста на проектот е околу 16 милиони денари. На почетокот на градежните работи денеска присуствуваа градоначалниците на Град Скопје, Бутел и Шуто Оризари, Петре Шилегов, Велимир Смилевски и Курто Дудуш.

– Ги почнуваме градежните активности во должина од 1.100 метри. Целосно ќе биде реконструиран коловозот и делови од тротоарите со цел да обезбедиме добра инфраструктура. Ние сме должни како институции да обезбедиме што е можно подобра инфраструктура и да овозможиме граѓаните да ги подобрат условите на нивното живеење, изјави Шилегов.

Тој најави дека следните 30 дена ќе има посебен сообраќаен режим и ги замоли граѓаните да го почитуваат.

– Скопје заслужува многу подобра инфраструктура од таа што ја затекнав кога дојдов на функцијата градоначалник. На тоа постојано ќе работиме и ќе го подобриме зошто скопјани заслужуваат многу повисоки стандарди за живеење од оние што ги имаа досега, посочи Шилегов.

Одговарајќи на новинарски прашања за депонијата „Дрисла”, Шилегов потсети на одлуките што вчера ги донесе градскиот Совет и додаде оти таа е вратена во сопственост на Градот.

– Сега треба да бидат спроведени правните постапки и во август да се избере Управниот одбор и новиот директор и да воспоставиме целосна контрола на тој капацитет, изјави Шилегов.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот