Започна да се уредува просторот пред Млин Балкан

Започна да се уредува јавната парковска површина која е лоцирана пред и зад амбулантата „Млин Балкан“. Градоначалниците на Град Скопје и Општина Центар информираа дека целосната површина на предниот и задниот парк ќе се преработи со тоа што само високото зеленило ќе се остави и вклопи во новата концепција на уредување на просторот.

Делот на паркот кој е лоциран пред амбулантата ќе се уреди максимално за да се искористи како место за одмор, комуникација и контакти, а задниот парк ќе биде детско игралиште со опрема која може да ја користат сите деца над три години.

-Денеска започнуваме со уредување на овој простор, втор по ред од вкупно 4 локации во општините кои се резултат од анализите коишто ги направивме преку Скопје Лаб. Овде пред Млин Балкан во следните дваесетина дена на површина од околу 600 квадратни метри целосно ќе биде преуреден овој простор и потоа предаден на општина Центар. Минатата недела започнавме активности за уредување на паркот во општина Карпош, и ни остануваат уште две локации во општина Аеродром. Очекувам дека по уредувањето, овој простор ќе ги задоволува сите потреби на граѓаните од соседството бидејќи беа анкетирани луѓето коишто живеат на оваа микро локација, беа анализирани нивните барања и во согласност со нив беа изработени проектите, изјави Шилегов.

Тој додаде дека локацијата што ќе се уредува ја избрале самите граѓани.

– Локацијата е избрана од граѓаните како една од 7-те локации во Скопје идентификувани во рамките на Иницијативата на Скопје Лаб и УНДП што започна во 2018 година. Овој процес подразбираше директно вклучување на граѓаните, не само во изборот на локациите, туку и во идентификување на нивните потреби на секоја од овие локации поединечно. Вклучени беа различни возрасни групи на граѓани во процесот преку користење квалитативни и квантитативни методи – онлајн прашалници, теренски интервјуа, опсервација, фотодокументација. Се идентификуваа потребите на граѓаните кои живеат на локациите, гравитираат или поминуваат низ нив. Дополнително се мапираа дневните и ноќните активности и програма, однесувањето на луѓето и природата, физичката микро и макро околина, со цел подобро разбирање на постојниот социо-културен контекст – рече Шилегов.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот