Западот со нова воена помош за Украина ќе преговара за мир со Русија?
Најголемите партнери на Украина повторно се на средба во американската база во Рамштајн во Западна Германија, со единствена цел, зајакнување на капацитетите на силите за одбрана на Украина од руската агресија.
И додека очите на светската јавност се вперени во овој важен геополитички собир во Германија на кој треба да се обелоденат детали за новата воена помош за Киев, вредна неколку милијарди долари, дел од светските аналитичари се со дилема како се планира да се преговара за евентуален мир со Москва оваа есен, додека суперсилите ја „трупаат“ Украина со ново софистицирано западно оружје.
Имено, како што пишува „Киев идепендент“ на состанокот на коалициските учесници во т.н. Рамштајн формат, посебно внимание ќе биде посветено на зајакнувањето на капацитетите на силите за воздушна одбрана на Украина, коалицијата на воздухопловните сили, како и на активирањето на одбранбената индустрија на земјите учеснички, соопшти денеска заменик- портпаролката на американското Министерство за одбрана, Сабрина Синг.
„Клучните аспекти на состанокот на контакт-групата за одбрана на Украина ќе бидат зајакнувањето на капацитетите за воздушна одбрана на Украина, обновувањето на коалициските капацитети на украиските сили, но и активирање на индустриските бази на коалициските земји за да ѝ се обезбеди поддршка на Украина на долг рок“, истакна таа, се наведува во соопштението на Пентагон објавено пред состанокот во Рамштајн.
Претставникот на американското Министерство за одбрана истакна дека Украина е важна и за американската и за меѓународната безбедност. Според неа, напорите на членовите на контакт-групата „ќе продолжат да играат важна улога во борбата на Украина за слобода и суверенитет“.
Зеленски ќе бара ракети за долг дострел додека буџетот на Западот за Украина за следната година се тенчи
Во меѓувреме состанокот на контакт-групата за одбрана на Украина според најавите треба да се одржи утре во воздухопловната база Рамштајн во Германија, за што во земјата денес се очекува да пристигне и украинскиот претседател Володимир Зеленски.
Како што наведува „Дојче веле“, Зеленски пред состанокот со западните партнери треба да се сретне и со германскиот канцелар Олаф Шолц во време кога дел од германската опозиција стравува дека новата финансиска помош за Киев е недоволна и истата треба да биде ограничена, односно лимитирана од финансиски причини.
„Германската поддршка за Украина не попушта. Презедовме мерки на превентивност и навремено обезбедивме договори и финансирање, за да може Украина да продолжи целосно да се потпира на нас во иднина“, изјави Шолц пред состанокот на контакт-групата.
Но како што наведува германскиот медиум, во новата помош за Киев има три милијарди евра помалку во предлог-буџетот на владата. Според „ДВ“ тоа е пораката која Шолц веројатно ќе ја повтори кога денеска во Франкфурт на Мајна приватно ќе се сретне со украинскиот претседател Володимир Зеленски. Меѓутоа, во последно време се појавија сомнежи околу оваа порака, наведува медиумот.
Причина за тоа се секако скратените ставки во предлог-буџетот за следната година во кои се планирани само четири милијарди евра помош за Украина. Тоа е значително помалку од овогодишните кои изнесуваа повеќе од седум милијарди евра.
Дополнително медиумот наведува дека еден меѓународен заем беше и наменет да ја затвори финансиската дупка на Украина, со помош на користење на приходи од камати од замрзнати руски средства, што според пишувањата на другите светски медиуми многу малку е веројатно дека следната година овие приходи ќе бидат слични на оние од тековната година.
Германската Влада демантира дека се крати помошта за Украина
Германската влада во меѓувреме ги демантираше тврдењата дека воената помош за Украина треба да биде ограничена, односно лимитирана од финансиски причини.
Помош за Украина ќе се дава „сѐ додека тоа е неопходно“, изјави неодамна заменик-портпаролот на германската Влада, Волфганг Бихнер.
Со тоа тој ги демантираше информациите дека наредната година нема да има на располагање повеќе буџетски средства за таа намена од веќе планираните четири милијарди евра.
„Ништо не се менува во нашата посветеност и решителност“, тврди Бихнер. Портпаролот на Владата ги нарече „неславни“ шпекулациите дека Владата наводно сакала да испрати сигнал пред покраинските избори во Источна Германија дека исплатите за помош за Украина ќе бидат ограничени. Инсинуација е да се тврди дека Украина треба да добие помала поддршка „поради некој внатрешнополитички аспект“, потенцира Бихнер.