Западот сè уште ја снабдува Русија со чипови, која таа ги користи во своето оружје

Чипови / Фото Nail Fattakhov / TASS / Profimedia

Откако Русија ја нападна Украина, Западот објави нови остри санкции, а технолошките компании соопштија дека го запреле целиот извоз во Русија. Сепак, испораките на западни компјутерски делови продолжија, открива една нова истрага

Отварајќи мала метална кутија, еден висок украински функционер пронашол четири лизгачки панели преполни со голем број компјутерски чипови.

Ова всушност било „електронскиот мозок“ на неексплодирана руска крстосувачка ракета 9M727, едно од разорните оружја што Русија често ги користи во своите напади врз Украина откако таа ја започна својата инвазија врз нејзиниот сосед на 24 февруари.

На 14 јули, три крстосувачки проектили го погодија украинскиот град Виница, при што загинаа 27 лица, меѓу кои и едно четиригодишно девојче, соопштија украинските власти. Русија вели дека пука само кон воени цели, но, очигледно не е така.

Гранатирање на украинскиот град Виница/ Фото EPA-EFE/ROMAN PILIPEY

Малата метална кутија, како и други руски оружја до кои успеа да дојде медиумската агенција „Ројтерс“, се собрани од бојното поле од страна на украинската армија. Меѓу нив има руска електроника со кирилични ознаки, а некои се и рачно напишани.

Но, многу од битните електронски компоненти во нив се микроконтролерите, програмирани чипови и процесори на сигнали, чие потекло е на бројни американски производители на чипови, вклучително и „Тексас Инструментс“, „Алтера“, во сопственост на „Интел“, „Силиникс“, во сопственост на „АМД“ и „Максим Интегрејтед Продуктс“, купени минатата година од „Аналог Девајсес“. Покрај американските, меѓу чиповите имало и од оние на „Сајпрес Семикондуктор“, сега во сопственост на германската „Инфинеон АГ“.

„Тоа е прилично едноставно“, рече високиот украински функционер, кој побара анонимност од безбедносни причини. „Без тие американски чипови, руските ракети и повеќето руски оружја не би функционирале“.

Чип илустрација/ Фото Donat Sorokin / TASS / Profimedia

Западните компоненти во руското оружје беа испитани како дел од истрагата на „Ројтерс“ во соработка со „Кралскиот Институт за Обединети услуги“.

Додека некои од пософистицираните западни чипови во руското оружје со години подлежат на посебни барања за лиценцирање за извоз, истрагата покажа дека многу од оружјето исто така содржи најсовремени компјутерски чипови и други компоненти кои се наоѓаат во производите за широка потрошувачка. Тие се лесно достапни и во многу случаи не се предмет на извозни ограничувања.

По инвазијата, САД и другите западни земји го забранија извозот на висока технологија во Русија за да се обидат да ја ослабат нејзината одбранбена индустрија, а технолошките компании објавија дека го запреле целиот извоз во земјата. Сепак, тимот на „Ројтерс“ откри дека протокот на компјутерски делови од западно производство во Русија не запре, со илјадници пратки испратени до Москва од почетокот на инвазијата на Украина. Испраќачите биле главно неовластени добавувачи, но во нив имало и некои производители.

Ројтерс им достави на повеќето од претходно споменатите компании податоци од руската царинска евиденција за пратките на нивните производи во Русија кои пристигнаа по инвазијата.

Тројца од производителите – АМД, Аналог Девајсес и Инфинеон – рекоа дека започнале внатрешни истраги откако „Ројтерс“ ги доставил царинските податоци кои покажуваат илјадници неодамнешни испораки на нивните производи во Русија од трети продавачи. Од Инфинеон и Тексас Инстументс велат дека производите што ги испратиле веќе биле во транзит пред да почне инвазијата. Интел рече дека стоките што ги испорачува биле внатрешни испораки на компанијата пред да ги прекине своите операции во Русија на почетокот на април.

Тексас Инструментс/ Фото EPA/LARRY W. SMITH

Со години е познато дека Русија се потпира на западната електроника за нејзините вооружени системи. Москва има долга историја на набавување на шверцувани воени делови од САД, вклучувајќи скапи специјализирани чипови за сателити кои можат да издржат радијација во вселената.

На денот на инвазијата, Белата куќа објави дека САД и нивните сојузници воведуваат „санкции против Русија поврзани со полупроводниците, телекомуникациите, безбедноста на шифрирањето, ласерите, сензорите, навигацијата, авиониката и поморските технологии“ за кои велат дека ќе „го исклулат пристапот на Русија до најсовремената технологија“. Сепак, многу невоени технолошки производи остануваат изземени.

Портпаролот на американското Министерство за трговија, кое управува со извозните ограничувања, рече: „Моќните извозни контроли што ги воспоставија САД и 37 сојузници и партнери силно влијаат врз пристапот на Русија до предметите и технологиите што и се потребни за да ја одржи својата воена агресија, вклучително и полупроводниците. Како што одминува времето и нивните залихи продолжуваат да се намалуваат, нашите контроли ќе загризуваат уште посилно“.

„Ние ќе останеме будни и ангажирани со нашите сојузници и партнери во спроведувањето на нашите контроли“, рече тој.

Микрочипови

Вградениот компјутерски систем во малата метална кутија на крстаречката ракета покажува дека Русија не се потпира само на најсовремената технологија за своето оружје. На пример, натписите на два чипови од компанијата „Тексас Инструментс“ – кои обработуваат дигитални сигнали – покажаа дека се произведени пред повеќе од 30 години.

„Во најголем дел, тоа се истите чипови што ги наоѓате во вашиот автомобил или микробрановата печка“, рече украинскиот експерт за оружје со пристап до пронајдената руска воена опрема.

И покрај она што Западот го опиша како невидена серија строги санкции против Русија, многу електронски компоненти сè уште не се предмет на контрола на извозот. Дури и да се, постои огромен број на добавувачи и трговци во Источна Азија и други земји кои се подготвени да ги испорачаат, а тие често се надвор од контрола на западните производители.

Во истражувањето на „Ројтерс“ се вели дека се испратени над 15 илјади пратки од западни електронски компании кои стигнале до Русија по нејзината инвазија на Украина на 24 февруари до крајот на мај.

Во пратките имало микропроцесори, програмабилни чипови, уреди за складирање и други предмети, велат податоците на руската царина.

Една продавница за компјутерски делови со седиште во Москва, „Квантек“, на својата веб-страница на руски пишува: „Внимание! Работиме нормално. Нашите магацини се подготвени да снабдуваат опрема за клиентите од Руската Федерација и покрај санкциите на ЕУ и САД.

Страната на руската фирма Квантек/ Фото Принтскрин

Руската веб-страница содржи логоа на повеќе од половина врвни американски технолошки компании. Запрашан како Квантек успева да продолжи да набавува западна компјутерска опрема, официјален претставник на компанијата кој го даде своето име само како Виктор рече дека тоа е „комерцијална тајна“.

Строга контрола

Русија се потпира на западната технологија за некои од нејзините системи за оружје, бидејќи самата не произведува многу од потребните електронски делови. Но, руските одбранбени компании не користат само достапни компоненти. Дури и најобичните чипови мора да поминат низ строги тестови за да можат Русите да се уверат дека тие не содржат елементи што би можеле да овозможат западно шпионирање или саботажа.

Руската уупотреба на чипови произведени од странство е најголема грижа во Вашингтон, „бидејќи може да предизвика ранливости кои самите тие ги произведуваат“, рече Иан Вилијамс, соработник во Центарот за стратешки и меѓународни студии во Вашингтон. „Русите се многу свесни за ова, исто така“.

воена парада москва русија 2022
Москва, Русија / EPA-EFE/YURI KOCHETKOV

Флексибилност

Помеѓу западната електроника пронајдена во руското оружје, според западните експерти за микроелектроника се издвојува еден посебен тип на интегрирано коло: програмабилни чипови, познати како „Field Programmable Gate Arrays“ или ФПГА.

Еден ФПГА беше поставен помеѓу жироскопите на навигацискиот систем пронајден во Украина од руската прецизна артилериска ракета позната како 9M544.

Програмабилните чипови, кои се достапни со децении, им даваат на производителите на електронска опрема огромна флексибилност бидејќи тие брзо можат да се репрограмираат за да ја извршат потребната нова задача, смета Даниел Нени, експерт во полупроводници и коавтор на книга за ваквите ФПГА чипови.

„Клучот за ФПГА е тоа што можете повторно да ги користите“, рече Нени. „Можете да купите машина за перење, да извадите ФПГА чип и да ја ставите во проектил. Толку е едноставно затоа што можете да го репрограмирате да прави што сакате“.

Текстот е истражување на новинската агенција „Ројтерс“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот