ФОТО | Заминување во легендите: Кој беше Чарли Вотс, мирниот тапанар од „Ролинг Стоунс“

img alt
Ролинг Стоунс во 2012та година / EPA/ANDY RAIN

Британскиот тапанар Чарли Вотс кој умре на возраст од 80 години, ќе остане запаметен како мирен член на контроверзниот, култен рок-бенд „Ролинг Стоунс“, кој држеше ритам на легендарниот рок состав во својот постојан стил.

Чарли Вотс / EPA-EFE/ENNIO LEANZA

Вотсовиот ладен израз на лицето и метрономските ритми беа составен дел од класичните настапи на бендот, урамнотежувајќи ја сценската енергија и харизма на пејачот Мик Џегер и немирниот дух на гитаристите Кит Ричардс и Рони Вуд.

Додека другите членови на групата беа познати по распадот на бракови, зависности, апсења и бесни испади, Вотс живееше мирен живот со сопругата Ширли Шепард повеќе од 50 години на сточарска фарма во зафрлениот Девон.

Членовите на „Ролинг Стоунс“ од лево кон десно: Чарли Вотс, Мик Џегер, Кит Ричардс и Рони Вуд /Фото: EPA-EFE/Alejandro Ernesto

„Во пет децении хаос, тапанарот Чари Вотс беше смирување во средината на бурата „Ролинг Стоунс“, и на сцената и надвор од неа“- објави „Мирор„ во 2012 година.

Во осумдесеттите тој се лекуваше од алкохолизам и зависност од хероин, но кажа дека успешно се ослободил од тие пороци.

Тоа беше краткотрајно. Едноставно престанав, воопшто не ми одговараше – изјавил за еден таблоид.

EPA-EFE/YOAN VALAT

Демолирањето хотелски соби и спиењето со обожавателки, никогаш не го привлекувале Вотс.

– Никогаш не го исполнив стереотипот на рок ѕвезда. Со Бил Вајман решивме во 70-те да пуштиме бради и тој обид нè исцрпе- изјави за списанието „Ролинг Стоун“ во 1994 година.

Љубов кон џезот од мали нозе

Чарлс Роберт Вотс, роден на 2 јуни 1941 година во Лондон, го открил џезот кога имал десет години. Му се допаднале Џели Рол Мортон и Чарли Паркер. Како дете ги проучувал тапаните. Го претворил старото бенџо, прекриено со кожа, во мал тапан, пишува на официјалната страна од бендот.

Не се образувал музички, туку учел да свири набљудувајќи ги одличните џез тапанари по лондонските клубови. По завршување на студиите за уметност се вработил како графички дизајнер и свирел во разни џез групи пред во 1963 година да му се придружи на легендарниот рок состав.

EPA/MATT CAMPBELL

Во текот на кариерата со „Стоунси“, Вотс бил активен во својата љубов кон џезот како лидер на џез квинтети и тентети и бендот „Чарли Вотс оркестар“ со 32 членови.

Не се плашел од распад на бендот

Како членовите на групата старееја, Вотс не се загрижувал околу евентуалниот распад на групата.

– Да кажам дека ова е последното шоу не би бил посебно тажен момент, барем не за мене. Само ќе продолжам како вчера или денес – изјавил во интервју за „Њу Мјузикал Експрес“ во 2018 година, кога како седумдесетгодишник се подготвувал за уште една турнеја со групата.

– Си одев на крајот од секоја турнеја. Ќе одработевме шест месеци во Америка и ќе им кажев: „Тоа тоа, јас си одам дома“.

Но, секогаш се враќал.

– Два дена подоцна дома стануваш нервозен и твојата сопруга ти вели: „Зошто не се вратиш на работа? Кошмар си“ – открил Вотс.

img alt
EPA/URSULA DUEREN

Списанието „Ролинг Стоун“ во 2016 година го прогласи за 12 најголем тапанар на сите времиња. Десет години претходно, списанието „Модерн драмер“ го избра во „Куќата на славните модерни тапанари“ заедно со други истакнати имеиња како што се Ринго Стар од „Битлси“ и Кит Мун од групата „Ху“.

Во 2004 година на Вотс му беше откриен рак на грлото, од кој целосно закрепна. Се повлече од одложената турнеја на „Стоунси“ која беше закажана за септември 2021, бидејќи закрепнуваше од медицински зафат.

– Еднаш мојот „тајминг“ не е добар. Работам напорно за да бидам во добра форма, но денес го прифатив советот на стручните лица дека тоа ќе потрае – изјави.

„Ролинг Стоунс“ последен пат свиреа на коцерт „Еден свет: Заедно дома“ во април 2020 година, кога го изведоа својот класик од 1969 – „You Can’t Always Get What You Want“.

Вотс се придружи од дома, свирејќи „воздушни“ тапани.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот