Замастен црн дроб: Болката под десниот ребрен лак e сигнал дека е време за ултразвук

За замастен црн дроб, најчеста болест на црниот дроб, за која денес знаеме дека не е воопшто бенигна, вашиот лекар нема да ви даде лек, но промената на животните навики има многу моќен ефект врз неговото оздравување.

Црниот дроб е најголемата жлезда во нашето тело и исклучително важен орган кој има бројни функции, од кои најважна е помошта во обработката на хранливите материи од храната и пијалаците и филтрирање на штетните материи од крвта. Често се нарекува централна лабораторија на организмот и нормално е понекогаш да акумулира малку маснотии (триглицериди), но ако се соберат премногу маснотии во црниот дроб, тоа може да стане сериозен здравствен проблем. Замастен црн дроб се развива кога телото произведува премногу маснотии, или повеќе од пет отсто од масата на црниот дроб, или не ги метаболизира мастите доволно делотворно. Вишокот маснотии се складира во клетките на црниот дроб, каде што се таложи и предизвикува замастено заболување на црниот дроб.

Премногу маснотии во црниот дроб може да предизвикаат воспаление на црниот дроб, што може да го оштети овој орган и да создаде лузни. Во тешки случаи, се јавува цироза и откажување на црниот дроб.

Што сѐ може да доведе до замастен црн дроб?

Кога се развива замастен црн дроб кај некој што пие многу алкохол, тоа е познато како алкохолна болест на замастен црн дроб (AФЛД). Меѓутоа, кај луѓе кои не пијат алкохол, потешко е да се открие причината за болест на масен црн дроб (неалкохолна болест на масен црн дроб (НАФЛД).

Токму тоа, се верува дека погодува и до 30 отсто од населението и е најчеста болест на црниот дроб кај возрасни и деца. Познати се неколку главни ризични фактори за развој на неалкохолен замастен црн дроб:

* дебелина – се проценува дека помеѓу 30 и 90 отсто од дебелите луѓе имаат замастен црн дроб

* прекумерна количина на масно ткиво во подрачјето на стомакот

* инсулинска резистенција – кај луѓе со дијабетес тип 2 и метаболен синдром се зголемува складирањето на маснотии во црниот дроб

* прекумерно консумирања едноставни јаглехидрати и засладени пијалаци (преработена храна, додадени шеќери) – помфрит, крофни и чипс се извор на нездрави масти (липидни пероксиди), кои ги оштетуваат мембраните на клетките на црниот дроб.

* нарушена рамнотежа на цревната микробиота – денес знаеме дека добрите бактерии (пробиотици) имаат важна метаболичка улога (учествуваат во регулирање на метаболизмот на јаглехидратите, аминокиселините, липидите, ферментација на несварени состојки на храната, искористување и регулирање на складирање на енергијата, биосинтеза на витамините, претворање на пролековите во активна форма…)

И некои други фактори, исто така, можат да предизвикаат неалкохолна болест на замастен црн дроб. Иако се поретки, не треба да се игнорираат:

* бременост

* нагло слабеење

* хепатитис Ц и други вирусни инфекции

* нуспојави на некои лекови

* изложеност на токсини (инсектициди, пестициди, никотински чад)

* одредени гени и наследни болести (цистична фиброза, Вилсонова болест)

Симптоми на замастен црн дроб

Замастениот црн дроб долго време се сметаше за бенигна состојба од која нема да се развие никаква болест, но новите откритија покажуваат дека замастениот црн дроб може да доведе до цироза. Затоа, важно е да ги знаете причините и навремено да спречите замастениот црн дроб да му наштети на здравјето.

Замастен црн дроб е зголемен црн дроб, но тоа ретко може да се почувствува. Црниот дроб е тивок орган кој ретко се „буни“. Некои чувствуваат болка под десниот ребрен лак поради зголемување на црниот дроб, така што ова е сигнал дека треба да се оди на ултразвук. На замастен црн дроб укажуваат и покачените вредности на тестовите на црниот дроб во лабораторискиот наод на крвта.
Нема фармаколошки лек за замастен црн дроб, но сепак, може да се лекува. Иако механизмот на дејствување сè уште не е разјаснет во целост, црниот дроб е единствениот внатрешен орган што може да се обнови, дури и кога е значително уништен.

Прв чекор – променете ја исхраната

Медитеранската исхрана многу ефикасно ги намалува триглицеридите во крвта, ја намалува телесната маса и помага да се воспостави рамнотежата на цревата. Иако се чини дека треба само да го намалите внесот на маснотии за да оздрави црниот дроб, тоа не е сосема точно. Здравите масти, како што е маслиновото масло, се многу пожелни, а на црниот дроб повеќе му штети фруктозата, бидејќи доведува до масни наслаги и воспаленија, па пожелна е умереност при консумирење овошје и овошни сокови. Секако дека треба да се прекине консумирањето на алкохол, засладени пијалаци и заситени масти. Исхраната со намалена количина на јаглехидрати ќе помогне брзо да се намалат нивоата на шеќер во крвта, а редовното движење и физичката активност треба да станат навика што долгорочно ќе го чува целокупното здравје.

Исхрана за замастен црн дроб

Ако имате замастен црн дроб, прилагодете ја исхраната за да му помогнете на црниот дроб да закрепне и да го намалите ризикот од компликации. Намалете ги калориите од исхраната за да ослабнете и да го растоварите црниот дроб. Колку што е можно повеќе избегнувајте прекумерна потрошувачка на лекови.

– Исхраната треба да биде заснована на намирници од растително потекло (зелен зеленчук, мешунки и цели зрна).

– Ограничете го консумирањето на рафинирани јаглехидрати (слатки, бел ориз, бел леб).

– Ограничете го консумирањето на заситени масти, кои ги има во црвеното месо и други производи од животинско потекло.

– Избегнувајте трансмасти кои се присутни во преработената храна, како грицки.

– Избегнувајте алкохол.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот