Залак од сиромашна уста за бегалците

ивица челиковиќ
Ивица Челиковиќ. / Архива на Слободен печат

Во 2015 година, кога се случи мигрантската криза, само Шведска прифати 163.000 бегалци. Дали сега, за да покаже уште поголема солидарност, иако по таа кризна година продолжи да прима во просек меѓу 30 и 40.000 бегалци годишно, треба да прими, да речеме, уште 200.000 нови бегалци?

Нема никакво сомневање дека отпорот против прифаќањето бегалци е силно изразен меѓу мошне голем број македонски граѓани, а според некои испитувања на јавното мислење Македонија е рангирана на дното според негативните ставови во однос на прием на мигранти. Тоа е неспорен факт што наидува на јасна потврда во пошироката јавност.

Одговорноста на политичките партии во однос на ова прашање е нејасно поставена и им оди во прилог на острите негодувања, со свесно поттикнување на жестоки реакции што го брануваат општеството со неконтролиран излив на емоции и агресивно отфрлање на каква било можност да се „трошат пари“ на прифаќање туѓинци. Несигурноста и стравот меѓу луѓето лесно се злоупотребуваат со цел да се манипулира со нивните чувства и ставови пред изборите.

Хистеријата на ВМРО-ДПМНЕ

ВМРО-ДПМНЕ пред неколку години внесуваше хистерични тонови во предизборна кампања и собираше потписи, обвинувајќи го политичкиот конкурент, СДСМ, дека прави тајни подготовки за отворање, зад очите на јавноста, бегалски кампови ширум земјата, во кои би биле прифаќани илјадници мигранти. Никакви мигрантски кампови сè уште не се видени во Македонија.

Опозицијата сега обвинува дека е чиста „глупост“ тоа што македонската Влада е притисната да се согласи да прими бегалци од Авганистан, иако премиерот Заев тврди дека Владата не била изложена на никакви притисоци, туку дека помошта е понудена затоа што „знаеме што значи солидарност“. Мицкоски, пак, смета дека Авганистанци треба да бидат прифатени од богатите земји, бидејќи Македонија како една од најсиромашните земји во Европа нема ресурси, ниту пак може да понуди соодветно згрижување и да одвои залак од својата сиромашна уста за бегалци од кризни подрачја.

Што тоа значи, и како би можело да се толкува? Дали богатите западноевропски држави треба повторно да се жртвуваат и да го понесат најтешкиот товар од претстојниот бегалски бран кон Европа? Во 2015 година, кога се случи мигрантската криза, само Шведска прифати 163.000 бегалци. Дали сега, за да покаже уште поголема солидарност, иако по таа кризна година продолжи да прима во просек меѓу 30 и 40.000 бегалци годишно, треба да прими, да речеме, уште 200.000 нови бегалци? Која држава, па макар и да станува збор за оние побогатите, може да издржи таков силен шок врз сопствените инфраструктурни и економски можности?

Шведскиот премиер Стефан Ловен веќе побрза да укаже дека повторување на 2015 година во Шведска едноставно нема да биде можно. Во спротивно, тоа би било како уште денес да потпишете изборен пораз и победа на екстремната десница во Шведска, која ионака, во пресрет на парламентарните избори идната година, развива интензивна антимигрантска кампања меѓу избирачите, и заговара затворање на границите за бегалци. Други европски земји нека преземат поголема грижа и повеќе солидарност, сметаат шведските десничарски популисти. Ништо поразлични не се и ставовите на екстремните десничари во Германија, Франција, Италија и Австрија, каде што вообичаено најмногу се излеваат бегалските бранови што ја заплиснуваат Европа.

Поохрабрувачки расположенија нема ниту во источноевропските земји. Европскиот парламент правеше напори за усвојување на механизам што ќе овозможи порамноправна распредлеба на бегалските квоти меѓу ЕУ-членките. Шест години по големата мигрантска криза и понатаму нема никакво решение. Унгарија, Полска, Чешка и Словачка не отстапуваат ни милиметар од своето тврдо „не“ да прифатат таков механизам со обврзувачки квоти. За разлика од Шведска, која во просек одобрува околу 75 проценти од поднесените азилантски барања, волјата да им се дозволи на барателите на азил да останат во Унгарија, Словачка или Хрватска е на далеку пониско ниво, само околу 13-14 проценти.

Во екот на пандемијата ова прашање остана малку подзаборавено, но и понатаму надвиснува над совеста и моралната одговорност на најмоќните европски лидери и над бирократите во Брисел.

Пиони во играта

Ефектот од сликите на ужасот и паниката меѓу авганистанските граѓани кои се надеваат дека ќе спасат жива глава со бегство од сопствената земја, по сѐ изгледа не се ништо повеќе од уште едно потсетување дека судбината на бегалците е да бидат обичен пион во големата геополитичка игра. Турција се заканува дека нема да дозволи да се претвори во „складиште за бегалци“, а Александар Лукашенко се чини се обидува да ја подобри својата преговарачка позиција кон ЕУ, така што создава нервоза со изјавите дека ќе им дозволи на азилантите од Истанбул преку Минск да стигнат до литванската граница, која е и надворешна граница на ЕУ.

Кризата на бегалците, на тие луѓе во таква страшна неволја, е очигледно нивна криза, не е „наша“. Скандинавските земји и остатокот од ЕУ сигурно располагаат со ресурси да понудат помош. Но, помош на бегалците, согласно своите можности, можат да понудат и други. Особено оние земји кои се навиканти постојано ним да им се помага, по можност со донации.

Улогата на политичарите кои се борат да ја освојат власта веројатно не е постојано да го потенцираат фактот дека „сме една од најсиромашните земји“, оставајќи им на граѓаните сами да си градат некакви свои верувања и надежи дека е можна подобра иднина и малку подостоинствен живот. Улогата на политичките лидери е, всушност, да му помогнат на обичниот човек да почувствува верба во иднината, така што општеството ќе се подготвува не само за да прима помош и поддршка однадвор, туку и да покаже солидарност со други, кога за тоа ќе се појави потреба.

Тешко е да се очекува дека само западните земји ќе продолжат да се жртвуваат, однесувајќи се, секогаш кога ќе избие некаква криза или војна во светот, како „прифатен бегалски центар“ со неограничени можности, продолжувајќи едновремено со несебични напори, великодушно и дарежливо да им помогаат на „сиромашните земји“ да се извлечат од калта и, ако се може, да станат дел од клубот на богатите.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот