„Закупци“ ги користеле плажите со години, не плаќале ни денар

Фото: Фејсбук

Општина Струга ги оставила природните убавини на Македонија, плажите на Охридското Езеро, на милост и немилост на поранешни закупци кои од 2012 заклучно со 2018 година не уплатиле ниту денар на општинската сметка за нивната експлоатација, ниту пак ги вратиле во првобитната состојба откако се повлекле од стопанисувањето.

Овие и други скандалозни наоди и индиции за злоупотреба на службената положба се содржани во ревизорскиот извештај за работењето на Општина Струга во 2018 година под раководство на градоначалникот д-р Рамиз Мерко, што го изготви Државниот завод за ревизија. Дадено е неповолно мислење дека финансиските извештаи не ја претставуваат вистинито и објективно финансиската состојба во струшката локална самоуправа.

Во врска со сознанијата на ревизорите, Антикорупциската комисија во петокот поведе иницијатива за кривична постапка против градоначалникот Мерко, бидејќи има сознанија дека работел спротивно на законите и јавниот интерес и нетранспарентно трошел општински пари, пренесе Макфакс. Антикорупционерите се повикуваат на ревизорски извештаи за финансиското работење на Општината, каде што биле нотирани голем број нерегуларности.

Цврсти градби среде плажи

 

Плажите на осум концесионери им ги издало Министерството за транспорт и врски во 2010 година и на уште тројца концесионери во 2011 година на краткотраен закуп од две години со можност за продолжување на договорот за уште две години. Општината во тоа време немала надлежност да стопанисува со градежното земјиште, но на терен испратила градежна инспекција, која констатирала дека на плажите се градат објекти од цврста градба, со бетонски темели, плочи, ѕидови од керамички блокови и фасадни тули, за што писмено го известила Министерството за транспорт. Во писмото побарале информација од Министерството кои се концесионерите на плажите, дали им се дадени дозволи за градба, како какви градби се третираат и кој треба да врши надзор над изградбата. Во одговорот Министерството навело само 7 закупци од вкупно 11 и ја известило Општината дека надзорот над договореното го врши нивната комисија за спроведување на постапките за закуп на плажите на охридското крајбрежје.

„Иако инспекцијата на Општина Струга констатирала изведба на објекти од цврст материјал на земјиштето за плажи, од страна на Министерството за транспорт не е постапувано“, констатираат ревизорите.

Во ноември 2011 година Струга го презела управувањето со државното земјиште, а со тоа и договорите за закуп на плажите, со законска обврска да го надгледува нивното спроведување.

„По истекот на времетраењето на договорите, 6 закупци во 2012 година не побарале продолжување во предвидениот рок. Овие договори се сметаат за истечени и плажите требало да бидат предмет на јавно наддавање. Од 2012 до денес Општината не објавила повик за доделување на користење на овие плажи, што создава можност од користење на плажите од дотогашните или нови закупци без регулирани права и обврски и придонесува да не се остваруваат приходи по таа основа“, се вели во извештајот.

Оставиле кршот да го исчисти природата

 

За пет плажи се склучени анекси на договорите, кои се продолжени за две години, до 2014 и до 2015 година, но по истекувањето на договорите и овие плажи не се објавени за јавно наддавање.

„По истекот на договорите и на анексот, и по повеќе преписки меѓу закупците и Општината, не е постапено во согласност со договорот, односно закупецот не го вратил земјиштето во првобитната состојба, ослободено од ствари и обврски, а Општината за неисполнетата обврска не извршила расчистување на плажата на сметка на закупецот“, пишува во извештајот.

Во текот на 2015 година и комисијата на Министерството, која во меѓувреме станала општинска, двапати се обратила до закупците да го вратат земјиштето во првобитната состојба, но тие не постапиле. Вакви дописи комисијата испратила и до раководителот на одделението за инспекциски надзор за да се спроведе контрола и да се донесат управни акти согласно со Законот за градење.

„Ниту комисијата ниту општинската инспекција презеле потребни дејства. Инспекцијата смета дека ова е обврска на Комисијата за доделување градежно земјиште при општината“, констатираат ревизорите.

Потоа Општината во 2016 година против 10-те закупци што не ги почитувале договорите, поднела тужби. Според ревизорите, ваквиот начин на постапување од страна на Општината и закупците не е во согласност со договорите и придонесува државното земјите да се користи без регулирани права и обврски. Ревизорите сметаат дека на овој начин некому се остава можност за прибавување имотна корист, а на Општината ѝ се намалени приходите.

На судењата, кои се одржале во 2016, 2017 и во 2018 година, против двајца закупци е прекината постапката поради кривични пријави бидејќи воопшто не почнале со работа, а за еден закупец има правосилна пресуда, но тоа правно лице престанало да постои. Со останатите седум закупци Општината спогодбено се договорила спорот да го решат со судско порамнување и заостанатите долгови за периодот од 2015 до 2018 година да го платат на рати. Двајца закупци во целост го подмириле долгот од 32 илјади евра, двајца закупци од вкупниот долг од 47 илјади евра само 12 илјади евра, а останатите тројца не платиле ни денар од долгот од 36 илјади евра. Ревизорите предупредуваат дека судското порамнување е извршна исправа со рок за извршување од 10 години и постои опасност овие долгови за експлоатираните плажи да не се наплатат.

Струга се задолжувала и со блокирана сметка

 

Сметката на Општина Струга е блокирана од август 2010 година со судска пресуда, за неплаќање на главнината од кредитот од Министерството за финансии за меѓуопштинското претпријатие „Проаква“ од вкупно 3,75 милиони евра, за чие исплаќање гаранти биле општините Охрид и Струга. Од блокадата во 2010 година досега струшките градоначалници не донеле одлука за прогласување на финансиска нестабилност, иако континуирано вкупниот износ на неизмирените обврски над 60 дена надминувале 80 отсто од реализираните приходи во основниот буџет.

Поради блокадата, во 2012 година судот одлучил на Струга да ѝ се дозволи месечен износ од 16,7 милиони денари (270 илјади евра), кој е неопходен за извршување на дејноста на Општината, кој не може да биде предмет на извршување. Во 2017 година Општината побарала од судот да се зголеми месечниот износ, со образложение дека се променети условите за работа.
„Кон барањето доставиле вештачење изготвено од вешто лице и врз основа на тоа судот определил 50,4 милиони денари (819 илјади евра) како месечен минимум за дејноста. Пресметано на годишно ниво, овој износ е 605 милиони денари, што е поголем од буџетот на Општината. Со ваквото решение се овозможило Општината да функционира, да презема нови обврски, да дава финансиска помош на здруженија, клубови, а да не се плаќаат обврските по судските решенија, при што се зголемува долгот по основа на камати“, се наведува во извештајот на ревизорите.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот