Законските решенија за легализација на дивоградби поддржани од матичната собраниска комисија

Собраниската Комисија за транспорт, врски и екологија денеска ги поддржа предложените измени на Законот за третман на бесправно изградени објекти, во прво читање, со кои се пролонгира за пет години примената на овој закон, како и Предлог законот за утврдување правен статус на бесправно изградени објекти, по скратена постапка, а кој пак овозможува легализација на дивоградби изградени до октомври 2019 година.

Законот за постапување со бесправно изградени објекти, беше во сила десет години, односно до март годинава, а со измените, според Министерството за транспорт и врски, ќе им се овозможи на општините да постапуваат по нерешените предмети за легализација, на дивоградби изградени до март 2011 година. Новиот предлог закон за легализација на дивоградби, пак, овозможува легализирање на вакви објекти изградени до октомври 2019, со одредени исклучоци, но и со плаќање дополнителни 50 проценти од износот на комуналиите.

-Имајќи во предвид дека постојат тековни предмети по барањата за утврдување на правен статус на бесправни објекти поднесени во претходно предвидените законски рокови, како и постапки кои се наоѓаат во жалбена постапка или во постапка пред управните судови, се продолжува рокот на важност на законот за пет години, како би се овозможило завршување на започнатите управни постапки за овие предмети и би се заштитиле правата на граѓаните кои имаат поднесено барање за утврдување на правен статус на бесправен објект,  стои во образложението на Предлог законот за измени на Законот за постапување со бесправно изградени објекти, што Комисијата го поддржа со осум гласа „за”, а имаше и еден глас „против”.

Пратеничката Маја Морачанин од ДОМ во текот на расправата се изјасни дека е против двете законски решенија. Таа смета дека после десет години од важењето на овој закон не е во ред да се продоложува рокот и да се легализираат објекти.

-Со продолжување на роковите за легализација на бесправно изградените објекти праќаме порака дека е во ред да се гради без градежна дозвола што ги става во подредена ситуација оние што ги почитуваат законите и оти потоа ќе се добие можност за легализација, посочи Морачанин.

Како што посочи, бесправното градење е кривично дело, а продолжувањето на роковите за легализација го става како сосема неважно урбанистичкото планирање. Морачанин истакна дека има разбирање за социјално ранливите категории кои од различни причини не успеале да ги легализираат нивните објекти, но смета дека за нив треба да се најде посебно решение, а да не се спроведе предложеното законско решение кое практично ја поддржува бесправната изградба.

Пратеникот од СДСМ Коле Чаракчиев, пак, смета дека  законот треба да се донесе за да се овозможи решавање на барањата за легализација што се веќе поднесени.

– Само се продолжува рокот за уште пет години заради 140 илјади недовршени предмети кои се веќе во постапка. Ние сакале или не сакале поради правен вакум  сега сите тие предмети се во некоја постапка. Сметам дека е ред и фер кон граѓаните што поднеле барања предметите институционално да бидат затворени, а друго е прашањето колку јас и вие или колегите генерално се согласуваме со оваа постапка, рече Чаракчиев.

На Предлог законот за утврдување правен статус на бесправно изградени објекти, од поднесените осум амандмани од опозицијата, беа прифатени три, а два беа повлечени. Со еден од  амандманите што го поддржа мнозинството од членовите на Комисијата, како што рече пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ Ане Лашкоска, предлагаат во целиот текст на законот зборовите „1 октомври 2019 година” да се заменат со зборовите  „влегување во сила на овој закон”.

Дополнително, комисиски беа поднесени и прифатени четири амандмани во насока на подобрување на текстот на законот.

Со новиот Предлог закон, како што стои во образложението, се предвидува можност за утврдување на правен статус на  бесправните објекти од значење за Републиката и од локално значење кои се предвидени со Законот за градење или друг закон, помошни градби (гаража, остава) кои се во функција на објект за домување или друг вид на објект, базени на ниво на терен за индивидуална употреба, времени објекти наменети за домување како и објекти за примарна обработка на земјоделски производи (освен настрешници и објекти за времено сместување) согласно Законот за земјоделско земјиште кои се изградени на градежно земјиште, а кои претставувуваат градежна и функционална целина заклучно со 1 октомври 2019 година. Предмет на овој закон се и бесправните објекти од јавен интерес утврден со закон чии иматели се државни органи или единици на локална самоуправа или правни субјекти основани од Република Северна Македонија односно од единиците на локална самоуправа, кои заклучно со 1 октомври 2019 година се градежна целина, а не и функционална целина.

Предлог законот не ги опфаќа сите видови на бесправни објекти изградени во границите на Охридскиот регион во кој се наоѓа природното и културното наследство запишано во Списокот на светското природно и културно наследство на Конвенцијата на УНЕСКО, кои граници се утврдени со Законот за управување со светското природно и културно наследство во Охридскиот регион, доколку со Студиите за оцена на влијанијата врз животната средина и Студиите за оцена на влијанија врз културното наследство, кои се спроведуваат согласно препораката број 9 од Извештајот за реактивната мониторинг мисија од април 2017 година на Центарот на Светското наследство (ИКОМОС/ИУЦН), е утврдено дека ќе ги загрозат Исклучителните универзални вредности на доброто утврдени во Изјавата за исклучителни вредности на страните на Конвенцијата на УНЕСКО од триесет и деветтата сесија на Центарот на светското наследство. Не се однесува и на станбените згради и доградбите и нивните надградби.

Имателите на бесправни објекти имаат обврска да достават барање во рок од шест месеци од денот на влегување во сила на законот како и обврска од шест месеци од моментот кога се известени дека нивното барање не е комплетно, да ја достават потребната документација.

Основната документација која е предвидено да се достави се состои од копија од лична карта или уверение за државјанство за физичко лице односно извод од Централен регистар за правно лице, доказ за приклучок на бесправниот објект на водоводна или електроенергетска инфраструктура или сметки за користење на јавна услуга (вода или струја), а доколку објектот нема инфраструктурни приклучоци изјава заверена кај нотар дадена под кривична и материјална одговорност со која барателот ќе потврди кога бил изграден објектот и геодетски елаборат за утврдување на фактичка состојба на бесправен објект.

Бесправниот објект треба да е компатибилен со намената на планската документација, а доколку постои неусогласеност со планската документација или пак објектот се наоѓа надвор од плански опфат, Советот на единицата локална самоуправа треба да одлучи дали  ќе може да се вклопи во планската документација. Исклучок од ова правило се предвидува за бесправните објекти изградени на земјиште на кое согласно важечката планска документација е предвидена изградба на сообраќајна инфраструктура, за кои не е предвидено да се утврдува компатибилност со планската документација а истите нема да се вклопуваат во планската документација. Исто така, се предвидува стандардите за вклопување на бесправните објекти во планска документација да бидат разработени во подзаконски акт.

-По однос на бесправните објекти кои се изградени во одредени заштитени подрачја (заштитен крајбрежен појас на природни и вештачки езера и речни корита, национални паркови, подрачје на заштитено недвижно културно наследство, подрачје во кое се врши или е планирана експлоатација на минерални суровини, во заштитни зони на аеродроми, во зони на гранични премини во радиус  од 100 метри од граничната линија, во подрачје на кое со урбанистичките планови е предвидена изградба на инфраструктурни објекти и водови како и други објекти од јавен интерес утврдени со закон, во заштитен појас на државни и локални патишта, односно во заштитен појас на железничка инфраструктура) се предвидува да се побара согласност за утврдување на правен статус од органите надлежни за управување со овие подрачја, стои во образложението

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот